SlovoKult.eu2015-08-14 03.39.41

Седмична Стихотворба и Слика / Weekly Poem and Picture

28.06.16

Јурген Ненѕа

Jürgen Nendza Foto

Jürgen Nendza

ВО НЕКОИ ДЕНОВИ се појавува

како среќа, сенка,

која минува низ собата

над незавршените нешта. Надвор

се крие кројачкиот шаблон на дрвјата

исполнет со смисла за можности.

Јадевме боровинки

од обраснати гробови

и никој не знае колку

забрзано движење е содржано во еден збор.

Светлината нѐ синхронизира со писокот

на делфините, кои го гледаат скритото.

Го гледам јатото птици што

полетува од твојата кожа и си замислувам

рационалист што носи сомбреро.

Превод од гермаснки: Елизабета Линднер

Тројазична збирка поезија  “Во некои денови/An manchen Tagen/On some days”,

Блесок 2014 

10620672_701159813288052_6246605231777771772_n

Колектив Кула / фото Гоце Ефтимов @ Bosh 6 Festival Gevgelija

18.06.2016

Петер Шулеј

peter_cafe_dream_bar_lucia_paprckova

Peter Šulej

ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

Ние сме како роботи

и роботот во твоето срце

го милува железно-бетонскиот студ

челични профили

масло и издувна смрдеа

тврдост и дрскост во секого од нас

ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

работата кон роботот

бесполна и асексуална

роботот во твоето срце

чувствува метално син студ

сака постојано да пресметува

и да вреднува

не знае да зборува не знае да слуша

единствено што го возбудува

електричниот напон

ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

работата кон роботот

бесполна и асексуална

Nc машина и автоматски удирач

изразена со векторски сили

однапред измоделирана

оптимализирана

отсимулирана

ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

тоа е ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

ИНДУСТРИСКА…

Превод од словачки: Звонко Танески

од збирката “Индустриска љубов”, Блесок, 2015

Katrin-Salentin-08
Kатрин Салентин / Katrin Salentin

07.06.16

Владимир Мартиновски

Vladimir_Martinovski_S:W

Vladimir Martinovski

ИГРАЈ КОГА НЕ ИГРАШ

(Графити)

На ѕидот од градинката некој со боички нашкрабал

Од играта одморај се со игра

На оградата од школото некој со краснопис извезол

Кога играш учи, кога учиш играј

Над вратата од Академијата некој во камен врежал

Нека не влегува оној што не знае да игра

Над влезот од дискотеката некој со фломастер шарнал

Скокај и кога седиш, и кога спиеш играј 

До ѕидот од болницата некој со спреј нацртал

Болен е само оној што заборавил да игра

На оградата од затворот некој со клинче изгребал

Играј дури и кога не ти е баш до игра

Над влезот од гробиштата некој со моливче напишал

Играј дури и кога не можеш да играш

На портите од породилиштето некој со кармин напишал

Кога ќе се родиш пак играј пак играј пак играј

Graffiti - Bosh Festival Gevgelija

Graffiti@Bosh Festival Gevgelija

26.05.16

Ања Голоб

Anja Golob
Foto: Grace Schwindt

Anja Golob

КАДЕ ДЕТЕТО ЈА ФАТИ БУБАЧКАТА

Таму, каде детето ја фати бубачката
во почвата остана вдлабнатина.
Со време ветрот во неа внел суви иглички,
мртви мравки и паднато лисје.
Кога сонцето доволно долго минувало врз неа,
светот во неа се смирил.
Долу полека се згуснало живеењето.

Најпрвин просторот имал моќ да поместува рамки,
но темните слаби сенки, кои останале по
фаќањето на животинката, не давале мир.
Таму, каде детето ја фати бубачката,
во воздухот остана нежна шуплина.

Кога ја зграпчи со дланката, детето не знаеше дека
бубачката спаѓа во семејството Lampyridae, ред Coleoptera,
дека има крилја и дека ноќе свети долж сопствената трага,
дека светлината која ја произведува, пак, е ладна,
сепак нејзиниот спектар е со прекин, нејзината бранова должина
се движи меѓу 510 и 670 нанометри.
Наместо: “Нано, нано!”, тоа значи викаше:
“Бзз-буу! Буба!” и со стисната тупаница
победоносно го сечеше воздухот како јуришник, кој
исполнува заповед, а се плаши, што ќе се случи.

Каде детето ja фати бубачката,
ветрот ги раздува облаците.
Низ тенкиот процеп
таму сега ноќе врз вдлабнатината
во почвата и врз нежната шуплина
во воздухот свети
тенок зрак од празното небо.

Превод од словенечки: Елизабета Линднер

повеќе за Ања Голоб и нејзините дела:

Anja Golob 

x°x°x°x°x°x°x°

Маја Кировска

Maja Kirovska

13295123_10153961007793889_1738969740_n

Blood is thicker than water, the water is red, red is a color, Installation, 2013

Boshfest
x°x°x°x°x°x°x°

19.05.16

Ѓоко Здравески

12527900_10154138512909525_660820793_n

Gjoko Zdravevski

дедикар икарал

како да си се објасниш

себеси

на другите

како да ги објасниш сите свои

контрадикции

сите внатрешни спреги

дијалектиката на своето битие

како да пронајдеш хармонија

помеѓу црното и белото

помеѓу почетокот и крајот

на кругот

помеѓу првата и последната

куќа

како да ја споиш месечината со сонцето

како да направиш манастир од градот

од своето тело храм

како да влезеш меѓу луѓето

како да останеш сам со себе

мирен

како да издржиш на ветрот

од туѓи зборови

од туѓи погледи

на свет

како да не фрлиш камен

да премолчиш

најлесно е

да одмавнеш со рака

да се насмееш

како да разбираш сѐ

и себе

и светот

во себе

и вон себе

и сите свои стравови

и соништата свои

и сите понори

и сите

врвови на своите планини

како да го смириш морето

да ги растераш облаците

да станеш празен

потполно

празен

проѕирен

да се проѕреш себеси

Поезија објавена во Блесок 98

11.05.16

краус. / crauss.

Crauss.

РЕЧЕН ТРК

св. клеменс веќе се смрачува.

во дворот си играат деца.

тогаш ме задувува развигор тогаш некој

бргу исчезнува во куќата а долу кај реката

нешто ме зграпчува за утроба. колабирам.

во градот чекаат другарите а јас па трчам

кон селото кон полињата и ги размачкувам

витешките заклетви во трската.

љубовта е срање се слушам како пцујам

утрото ќе мора некогаш да осамне.

хоризонтот ми се замаглува во солзи

врне очајно. светот е преполн со

нешта што двојно се нагласуваат но јас

уште го имам вкусот на нашите лузни

во крвта. во крчмата кај распаќето на трковите

телефон. од овде веќе

не се враќам.

Превод од гермаснки Елизабета Линднер

Стихотворба од 2005, од “Jazz & Campari”

Повеќе за авторот и делата на германски:

crauss.de

Verlagshaus Berlin

03.05.16

Д.А. Лори

DSCN0974 (5)

D.A. Lori

Лепливи зборови

Ретко кажуваме што не е кажано претходно

Ми се крши срцево и јазикот.

Само што сакав да ја анализирам

Анатомијата на зборовите,

Умот ми застана под притисокот

На туѓите мисли и зборови

 

Немало ништо освен ова небо порано

И ни трошка се нема сменето оттогаш

 

Го гледам….

 

Голема мрзлива стоногалка од облак

Само што не ја проголтала мојата омилена ѕвезда.

Ова бледо-сино небо во бескрајно воскреснување

Ми носи повеќе одошто можам да поднесам.

Жештината ми ги омлитавува сетилата,

Воздухот е полн со лепливи мисли,

Лепливи прсти околу лепливо пенкало,

Лепливи, лепливи зборови

Од збирката “Будење во трето лице еднина”, Блесок Скопје, 2014

27.04.16

Јовица Ивановски

13077075_10154885900782699_6428314245026874868_n

Jovica Ivanovski

ЖИВОТ ВО АПОСТОЛКИ

Плажата му се плази на морето.

Обврските се одврзани пци.

Песок и жешки стапала.

Книгата се чита сама,

одново и одново.

Чадорот засаден во песокот

гордо му пркоси на ветерот.

Погледот и бескрајот,

перспективата и ти.

Кротка квечерина и

потквасена Месечина.

Газда си на својот мир,

сопственик на сегашноста.

Тивко ветре ти буричка во косата,

како на времето мајка ти

кога проверуваше

да не си фатил вошки.

20.04.16

Блаже Конески

timthumb.php

Blaže Koneski

МОНОЛОЗИ

(делови од „Ракување“, Мисла, 1969)

*

Родината —
Низ тој шум прашање вечно:
Како во животот?
Како со луѓето?
Со љубовта и омразата?
Со себе како?
Лесен одговорот во збор красно срочен,
Со важност за сегде.
Тежок кога безброј пати
Човек треба да го дава.
Родината?
Видиш каква мисла:
Врсница таа е наша!
Ние ја растеме во себе,
Смртни
А за вечност жедни,
Неа
Што треба вечна да биде!
Погледот в срце —
Блесок в ноќен мир,
И зборот нејзин:
Пред чинот сме веќе,
Доста несталните возбуди на песните!
Не закопујте ме
Во жабјакот на млаките души,
Не оставајте
Пајажина да ме обвие
Во срца колебливи.
Сонце сум — својот изгрев го сакам,
Слобода барам —
Изборете ја!
Ах, како ветар дахот да ми мине
Над мајските ’ржје,
И тоа таласање —
На тревите да им се предаде,
На лисјата да им се предаде,
На рамнините,
На ’рбетите од планините,
И подалеку —
На езерата да им се предаде,
Да биде докрај една слатка морница
По снагата од сета наша земја!“
Родината:
Не спокој е таа,
Ниту езеро мирно,
Судбата на животот наш е тврда:
Верност бара
Напред кога не праќа,
На паднатите по нашите распаќа,
На самите нас,
Да најде веќе смисла — жртвата.
Како ќе постапам?

*

О, треба да сме триж силни по дух
Деца на мало, потиснато племе,
Во бурава на светот,
На татковина — што први смисла,
Први слободен облик ѝ даваме,
На поезија творци
Први од срцава што ja извираме.
А кај е во нас, дали ја има
На оној древен јунак силата?
Долгот го знаеш,
Но ситен да се сетиш — страшно!
Дали се чудни тие сомневања?
Кој ќе ни прости?
Кој ќе заживее со нашава душа
И тогаш кога веќе ќе нè нема?

13.04.16

Елизабета Линднер

    Костадиновска

Betty_Foto am 31.12.15 um 19.01sw

Elizabeta Lindner Kostadinovska

Промислувајќи те

(сè до Отаде)

Илјада пати ми проаѓа низ глава

не остава ништо друго

да пројде, да продиши

а сепак

постојано продираат

и се случуваат нешта

среде сончев ден

среде просторноста на полето

насреде тоа – разделба

меѓу облаци и дим од скара

меѓу приказни за толпите

кои луѓето ги влечкаат со себе

проаѓајќи по патеките одовде;

некаде помеѓу

едно мало ископано место

за едно мирно Потем

отворена Земјена точка

неотпорна ниту на кучиња

ниту на врнежи

за една мала слобода отаде.

Илјада пати ми проаѓа низ глава

ништо не е пројдено

зашто постојано продираат

и се случуваат нешта

Концертот во Б. – Кантинe

една вечер ко средиште на

севкупното случување

во мене, тебе, нас, него

контакт со поглед небаре

молскавична светлина

минува низ светлосни години

на насетеното и саканато

глас кој нагласува согласност

пробив кон темното и длабоко Сега

ко најава на она Отаде:

“and I feel good

and I feel fine“.*

Илјадапати ми проаѓа низ глава

постојано продира – Ти

и се случуваат нешта

На Остбан, ноќе

мирна обиколка, велеизградба

привремено во мирување,

во објективна стварност,

индустриска зона без продор

кон големото случување отаде,

заграденост, заобиколка

пробив до берлинската темна страна,

за скроз да се спознае, за скроз да се спобудали.

И понатаму ми проаѓа илјада пати низ глава

и постојано и повторно низ Тебе

и нешта се случуваат

и заземаат човечки облици

и минуваат преку мостови

и стануваат статисти

во големиот театар на Шпреја

и минуваат и се пробиваат

и проаѓаат низ сцената

или чекаат во редици

а јас се пробивам низ нив

и повторно ми проаѓа

илјада пати низ глава

и повторно продираат

и се случуваат нешта

кои те пронижуваат

и го пробиваат она

Отаде.

* Michael Gira – I see them all lined up

Превод од германски авторката

Песната беше објавена на германски на порталот за поезија

http://www.fixpoetry.com/texte/text-des-tages/elizabeta-kostadinovska/dich-durchdenken

05.04.16

Николина Андова-Шопова

nina crno bela

Nikolina Andova-Shopova

Во моето тело

Јас сум турист во моето тело

и немам мапа во рацете

Некој што случајно ќе помине

ќе ми го покаже патот до квартот на музеите

до големите паркови, плоштадот

до реката што се влева во моето име

Што правам во меѓувреме

Пијам макијато во едно тивко кафуле

и ги листам дневните весници

напишани на јазик кој никогаш не го научив

Секогаш, се сеќавам, кога се враќав од некое патување

небото се разведруваше, Сонцето паѓаше врз ангелите од мермер

и дури тогаш им ги забележував

насмевките на лицата

25.03.16

Јосип Коцев

Jospip.Kocev.foto

Josip Kocev

Кутија

 

Спијам гол,

со превез на очите,

не знаејќи со кои

ветрови љубов да водам.

Колку безначајно тело имам…

Тефтер на кој

сите чкртаат

раскопчани мисли,

реки со корита

од една до друга рана…

Никој не ми

ја позна душата

низ него,

а нели очите не

треба да ме кријат…

Како да се протегнам

во оваа затворена кутија,

кога надвор, лудите вселени

секој миг раѓаат по некоја

нова планета,

а јас сум

бескрајно стар и пеплосан,

ветен за виори и разнесувања,

колеблив за многу тишини,

покаен за сите говори…

Заборавам да просипам јаве

кога чекорам низ сонот,

да можам да се вратам назад

штом сликите ме држат

во горчливи бои,

и секоја од нив ме пцуе,

а јас ги замачкувам

и ги бакнувам,

зашто ми говорат

чиста вистина.

Толку слоеви од мојата целост

ќе изгнијат неоткриени,

неизложени на светлина…

Ќе умрат неродени,

свиткани и болни,

разбегани од наезда

на стаорци што го

глодаат непознатото.

Поштедете ме од неизговорено,

иако знам дека нема такво.

Им верувам само

на пространите пустини,

полни со ништо.

21.03.16

Паул Целан

220px-Celan_

Paul Celan

ПСАЛМА

(PSALM)

Веќе никој не нè гмечи од земја и глина

никој не ѝ бае на нашата прав.

Никој.

Слава ти, Никој.

Од љубов кон тебе

сакаме да цутиме.

Тебе

во пресрет.

Ништо

не бевме, не сме, не ќе

останеме, цутејќи:

таа Ништожна, таа

Ничија Роза.

Со

прашница светлодушна,

прашников конец пустонебесен,

листен венец црвен

од збор пурпурен, кој го пеевме

над, о над

трнот.

Превод од германски: Елизабета Линднер

08.03.16

Ана Голејшка

12825146_10153956278228516_883845343_n

Ana Golejshka

***

мајчината утроба
е вселена
ние, во скафандери од кожа и клетки
со цевче – папочна врвка
блиску до сите ѕвезди
во затемнет и очуден простор
се раѓаме
за таму, некогаш и некаде
да станеме астронаути
на сопствениот живот
пргаво тргнувајќи со чекор
мал за нас
голем за човештвото пред нас
растеме и храбро се вивнуваме
повторно
во мајчината утроба
со кожа и клетки
цевче – папочна врвка одамна одврзана
во затемнет и очуден простор
умираме
и така, додека не нѐ запише некој.

01.03.16

Рајнер Марија Рилке (1875-1926)

Rilke-neu-BM-Berlin-Teaneck

Rainer Maria Rilke

Пантер

(Panter)

Jardin des Plantes, Paris

Минува крај решетките што се нижат,

преморен, та веќе не крева поглед.

Небаре се илјадници шипки што се движат,

А зад низата шипки не постои свет.

Кротко чекори, лесно но со цврстина,

во ситни бескрајни кругови галопира ,

небаре е танц за надмоќ врз онаа средина,

каде огромната волја замелушено се збира.

Повремено превезот од зеницата се крева

нечујно -. Та во него слика вовира,

со напнатиот спокој на нозете се слева -,

и во срцето потполно замира.

Превод од германски Елизабета Линднер

Книга 225 од Sвездите на светската книжевност

24.02.16

Игор Исаковски (19.09.1970-15.12.2014)

isakovski4

Igor Isakovski

АЈДЕ ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА ВРЕМЕТО

ајде да зборуваме
потполно празно
без обврски
без болки без солзи

ајде да си кажеме
божем присилени
што предвидуваме
силни ветришта
врело сонце
тешки дождови
ненадејни молњи
насетени громови

ајде да се прошетаме
можеби вечерва ќе врне
можеби нашите заборавени чадори
ќе бидат мокри како нас
мокри како нашите очи
мокри како мојата утроба

ајде да тргнеме
на секое место оставаме дел од нас
насекаде потсетници
за присуство
кое е тука за да потврди
колку сме отсутни
колку нè нема

ајде да се надеваме
во растопениот асфалт
ќе останат нашите стапки
за да се познаеме
ако решиме да се вратиме

можеби утре
ќе блесне од сводот
и нема да се лизгаме при одот
можеби утре
баш утре
ќе ни тргне
разговорот за времето

ајде да си признаеме
ништо ново нема да си кажеме
ќе зборуваме за времето
ќе се обидеме да не прогнозираме
и ќе бидеме мокри
до гола кожа