Љубомир Мициќ

Ljubomir_Micic_ispred_plakata_Zenitove_medjunarodne_izlozbe

Ljubomir Micić

бим бам бом

Од црвените покриви на љубовта

Од слободните кули на првите катови до небото

Во сите континенти на пролетерите песна со поздрав од моите очи

НАМЕСТО ФРЛЕНИ БОМБИ ПРОЛЕАНИ СОЛЗИ

Змии се моите солзи

Другари на зачовековите буни и небеската крв

Небото е зелена трева

Небото вреска во пустината на христијанскиот Велигден

Земјо ти мајмунска плането со рогови на богови запомни

Денес сите фабрики на душите наши трубат крик до крик

Сирени од вресок одекнуваат од врвовите на црвените копја на новиот дух

Сите улици валкани течат ко утроба на европскиот капитал

Во нашите градови наместо човекови милиони

Трамваите патуваат ко знамиња црвени

Пројуруваат гонети од смртоносната струја на електрореволуцијата

Со кал е искитена буржоазијата

Буржоазијата се шета по богатите паркови на златното теле

И се подготвува со пијанка да го прослави Велигден за оној Христос

Кого пред толку години сладострасно го распна

Само црните пци носат чиста љубов во очите

Автомобилите бесни машини на четири гумени крила

Прeнесуваат човекојадци

Сигурно и денес ќе испогазат неколку потиштени пешаци

На Балканот пешакот е сè уште единствениот човек

Пешаци – зенитисти – поети – пролетери страдајте

И знајте: слободата е кукавица на гнилата гранка Европа заспана

Ене ги радиокрстачите на нашите антени и сноповите исплукани идеали

До сините цицки на Авала лудуваат

Оковани со синџири на слободата од мојата нација варварска

Со заслуга на четници инвалиди и комити

Борци овенчани со славата ко плашила стрчат

На ветровите од берзанско-политичките спекулации

Ортопедијата е за луѓето досмртна награда во скутот на војните

Протезата е најсјајниот орден на сите победи кои се секогаш порази

Над китките човечки несреќи и бесилките блескаат

                                                                        народни банки

                                                                        народни трговии

                                                                        народни политики

                                                                        народни уметности

                                                                        народни корупции

Во нашите гради цутат куршумски опела

Додека со нокти на костур по брдата бунтовни мисли ѕвониме

Додека со зарѓана кама проклетите столетија се чешаат

По валканиот задник на српскиот Рим

Од мрките пештери на нашите бесни черепи

Урлаат јаничарите на револуцијата

За новото во човештвото сè во вител.

Белград, 1. мај 1926

Превод од српски Елизабета Линднер

Со љубезна поддршка за објавување на текстот од Народна Библиотека Србије

Jamesdin-Krticnjak-1

Јамесдин / Jamesdin::Krtičnjak

Горана Митровиќ

Gorana foto bw

 Gorana Mitrovik

Love thieves

Под небото на големите градови

наоѓам чист воздух за мислите

со храна и мириси, во молк

ја галам својата потреба за одделување

напипувам, буричкам и вадам

во темнината, во скриеното на паралелните светови

мудрости

кои не ги делам со никого,

светот со превез на очите

тапка во сопствените уверувања,

јас сум осамен нудист на брегот на изложените чувства

студено е,

дојди и погали ме со јазикот

додека на местото каде што сум најврела

се дробат твоите колкови

додека врз местото на мојот извор

твоите дланки цртаат запирки

а јас низ `рбетот се вкоренувам во

почва од желби и спокој

јас ја знам единицата мерка за

сопствената сила, нешто што

не се раскажува никому, а се

граничи со прегрнување на семирот,

моите корени, `рбет и ум – статика за иднината

за насмевката на љубовта

Белград, март 2015

(од збирката ”Клупа меѓу светови”)

wikipedia
Rodin, The Gates of Hell, Detail / Огист Роден, Портата на пеколот, детаљ

 Коста КаревKosta Karev

Kosta Karev

Така треба

Лагата има кратки нозе,

се облекува во слоеви,

згодна е и изгледа слатко.

Нејзиниот убод боли долго и силно.

Таа живее во разумот и го труе.

Те врзува, те држи заробен и долго те мачи.

Умна е и зборита,

но плитка и површна,

затоа заборава што рекла.

На прашања одговара со:

„Така треба” и „Така одлучив”.

Секогаш е тука и бара застапници –

за да ја бранат.

Се шмугнува помеѓу зборови

и се провира позади трепкањето на очите,

и само таму може да се види и познае –

по лажниот сјај.

Никогаш не спие –

ја мачат кошмари.

Живее во големи колонии,

се убива тешко,

затоа што сама од себе се храни.

Умира од природна смрт

при недостаток на внимание.

Вистината има долги нозе,

но нема рамнотежа и координација.

Изгледа сурово и може да боли;

но боли здраво,

како печењето на копривата

или како убод на пчела.

Наивна е

и одговара на секое поставено прашање.

Но не мораш да се сеќаваш колку правди си кажал

и кому си ги кажувал,

ги памти твојот Бог.

Ако ја одрекнуваш правдата –

ништо не се менува,

таа останува тука.

Таа знае да лекува сè,

шета гола

и живее самостојно,

во срцето.

Понекогаш спие предолго,

доаѓа доцна,

но се фрла право в лице –

се бори лавовски,

сама знае да се брани,

и никогаш не умира.

Треба само да ја ослободиш.

Вистината е посилна од лагата,

единствено не знае да лаже.

StateOfArt_2

Елизабета Линднер Костадиновска/Elizabeta Lindner Kostadinovska “State of Art” (Triptych – Part 2) 

Митко Гогов

Mitko Gogov

Mitko Gogov

02.08.16

.рециклирано тримесечје. звук на олеснување.

[деновите во кои се судруваме, но како кадри од погрешни филмови

се оттуѓуваме, се одминуваме]

ги фрламе времињата како да немаат значење.

оставаме на дождот секојдневно да ги мие

паушалните гревови,а ние продолжуваме

да си играме –ти прв почна!

овие ноќи се топлат во последните огништа.

пролетен паганизам и неопластичните нерви,

– стари дневници и мирис на непознати приказни.

под уличните борови се слуша шушкањето на ветрот,

како од ребрата на воздухот да посакаш да ја извадиш

коскената срж.

заинтересираноста ни е екслузивна.

вниманието – шокантно.

желбата да промениме нешто – дај побрзај!

ги фрламе надежите во лавиринтот на очајот,

а потоа квичиме како бели глувци кои заглавиле во јадот.

како најубави животни плачеме да ни го откорнат крзното,

иако чувствуваме како ни ја дерат кожата – милиметар по милиметар.

се будиме утредента со кафето кое не теши дека најдоле во шолјата

некој ни подметнал отров, за денот да ни биде пократок,

а онаму каде што ќе заминеме да не пречекаат со торта.

:инвестираме во погрешни воздишки;

сите сме „но“ во погрешен театар!

губиме од она што и така малку го имаме,

од она за кое немаме доволно мудрост

често да го купуваме.

:време, трпение, погледи, топлини и насмевки;

константни п(р)ојавности

рајски, вонземски сладости.

замка е обидотда затвориш врата

која никогаш претходно не си ја отворил.

сите ние ситни души, прашинки изгубени во космосот.

сонуваме за волшебните градини на големите градинари,

но никако да си ја ископаме сопствената бразда.

далеку сме од тоа да произведуваме храна,

а веќе на цвеќе мислиме.

пропуштаме автобуси и

дупло поскапо плаќаме такси,

забораваме телефони под седиштата,

дозволуваме некој да ни ги изеде соништата.

на крај добиваме телесна температура,

внатрешен херпес на душата

и некоја мравја дупка во слабоста

која,

повторно некогаш ќе ни ја загади радоста

vangel srnakov

Вангел Срнаков/ Бош 6, 2013         Vangel Srnakov / Bosh Festival 6, 2013 

Александра Димитрова

Aleksandra-Dimitrova

Aleksandra Dimitrova

18.07.16

СОНУВАЧКА

Никој жив не го научи

твојот бескрајно романтичен јазик

составен од кованици за љубовта

измешан со именки на балканските робови

и глаголи на медитеранските војсководци

Тебе Венеција ти беше мала

Кина просечна

Куба бедна

Америка дебела

Европа импотентна

И додека ние останатите се дрогиравме со сѐ и сешто

(најмногу со гнев кон сопствените тела)

Ти сонуваше со отворени очи

за Лондон Париз

Москва и Санкт Петербург

од времињата на Толстој и Балзак

Не го најде коренот на својата лунатична душа

Не ја доживеа идеалната љубов

Ти прва во сè

поита да се споиш

со душите на големите романескни љубовници

да ги проучиш корените на изумрените јазици

скриените значења на зборот љубов

на поимот вечно

Спиј бурно!

Љуби романтично!

Ние бедно ќе живуркаме

во нашите кожи

на мали балкански робови

Katrin-Salentin-14

Катрин Салентин, Без Наслов::Katrin Salentin, Ohne Titel

07.07.16

Звонко Карановиќ

Zvonko-Karanovic-(photo-by-Zoran-Ras)

Zvonko Kananović

СИТЕ НАЈДОБРИ ПЕСНИ ЗБОРУВААТ ЗА КОПНЕЖ
И СТАКЛО И БРЗИ АВТОМОБИЛИ
И ДРУГИ КРШЛИВИ НЕШТА

Ти и јас спиеме под стакло
и ги пуштаме караваните
да минуваат
покрај нашите смрзнати прсти
на заминатите пријатели
им праќаме телефонски импулси
да го обојат морето на разгледницата
на која пишува:

Русите се во орбитата
чајните колачиња на масата
во храната за бебиња
нашле метални струготини
и понатаму сè е исто, исто, исто…

а потоа зборуваме за месечината
и лаеме кон ТВ екранот
до доцна во ноќта

новиот ден се раѓа
млади и силни
глодачите на мамутската коска
тргнуваат во подобро утре
а ти најрадо
со пресечени вени
би се успала
во када полна топла вода

животот е полн лоши можности
го дозна тоа додека низ
замачканиот потстанарски
прозорец
ги гледаше тополите
како играат на ветрот

љубовта е привилегија на сиромашните
љубовта е дадилка на женското срце
и затоа сите најдобри песни
не зборуваат за љубовта
а ти само сакаш да знаеш
каде заминал твојот живот
и зошто си поминала десет години
со човекот кого сега го мразиш

ти и јас спиеме под стакло
и ги испраќаме возовите
во најцрната ноќ
им мавтаме со бели марамчиња
ги лепиме образите врз шините
и пуштаме
солзите одново да се заледат

се симнував во утробата на градот
кога рече
ти јуриш во старост
а јас за тоа уште не сум спремна

сакам да те одведам одовде
некаде каде што има повеќе светло
и каде што луѓето
се посреќни
но само ја превртувам плочата
пластиката крцка во собата со ролетни
elektricity
elektricity
elektricity

Превод од српски::Игор Исаковски

Звонко Каранавоиќ@Блесок::Биографија::Збирка поезија::Пепелашка во хромиран ковчег, 2014

Повеќе песни::Блесок 97

191
      Колектив SЕЕ, Бош фестивал 6, 2013 /      Bosh Festival Gevgelija, 2013