::03:: Припитомување на кучката:: Венко Андоновски

Куса рецензија на збирката раскази „Припитомување на кучката“, автор Венко Андоновски, издание на „ТРИ“, 2018 година

 Од:: Д-р Александра Димитрова

Етаблираниот македонски писател, Венко Андоновски, на 6 декември 2017 година ја имаше промоцијата на својата најнова збирка раскази, со наслов „Припитомување на кучката“, издадена од издавачкиот центар „ТРИ“.

Верувам, малкумина знаат дека Венко Андоновски ја започнува својата писателска кариера со една исклучителна збирка раскази, со наслов „Фрески и гротески“.  Кога како студент имав можност да ја прочитам таа збирка раскази, не можев да се соземам од восхитеност. Подоцна кога пишував за постмодернистичките елементи во драмите на Горан Стефановски, но и кога го проучував драмското дело на Венко Андоновски, мојот студентски интуитивен сенс за книжевна големина се потврди. Критичките осврти на најголемите македонски теоретичари, повторно ми докажаа дека „Фрески и гротески“ е едно од најрепрезентативните дела од македонскиот постмодернизам.

Сега, кога од дистанца од петнаесет години повторно му се навраќам на Венко Андоновски како автор на раскази, можам само да констатирам дека тој е најголемиот современ писател во Македонија, затоа што умее да „плива“ сосема успешно во секој книжевен жанр и да биде подеднакво брилијантен и во расказ и во роман и во драма.

Првиот дел од збирката раскази „Припитомување на кучката“ е насловен „Фрески“. Веќе после првите два раскази „Сенката на мајстор Ѕвездан“ и „Припитомување на кучката“ е јасно дека Андоновски до крај ќе ни го отвори сите скриените мали тајни на локалните херои, кои поради страст го губат она што не се гледа- сенката, душата, духот, умот. Расказите се поставени во некое недефинирано минато време, на кое му се приоѓа со носталгична почит, па и јазикот на нараторот има архаичен, топол тон, а лексиката е богата со архаични изрази и многу метафори, изреки, мудри фрази. Во првиот дел од збирката раскази Венко Андоновски де факто поместува куси мигови од животот на одбраните ликови, мигови исполнети со многу лудило, мигови кои се нејасни и неприфатливи за малограѓанската затворена македонска средина. Низ расказите-фрески, Андоновски потенцира дека животот го прават големите и невидливи страсти. Страстите кои се индивидуални, страстите кои честопати се стигматизирани од околината, страстите за кои вреди да се живее, но и за кои може да се умре.

Расказите од вториот дел со наслов „Иконки“ се мали лирски белешки на авторот во кои (јасно од посветите во поднасловите) тој преку формата на директно лично обраќање како да сака да ги дообјасни своите свои лични моменти, лични хирови и страстите кои живот значат.

Последниот дел од збирката раскази има наслов „Карикатури и гротески“. Во нив авторскиот цинизам и сенс за креирање политичка сатира доаѓа до полн израз. Поголем дел од расказите кои кореспондираат со политичко-општествената стварност во Македонија се изградени врз принципот на црната комедија. Андоновски бирајќи типични ликови од нашето секојдневие го пародира политичкото полтронство, дволичноста, нечовечноста, хиперболизирајќи ја желбата за пари, политичка позиција и моќ. Во тие куси раскази исполнети со остра сатира, Андоновски сака да покаже и докаже дека парите и позиција не можат да купат душевен мир и љубов, дека кога со еден прст човек покажува кон ближниот свој, со останатите девет покажува кон себе. Секој расказ има неколку реченици кои се вистински бисери на мудроста и кои вреди да се запаметат.

За илустрација ликот Љобомир Доналд Прч од расказот „Смртта на лекторираната лекторка“ е пародиран до крајни граници. Сепак колку и да е гротескен, тој лик го претставува „кремот“ на  една трула општествена елита и заедно со својата љубовница лекторката Пелин Северина ги загорчува животот на непослушните „партиски пушачи“. Мудрите читатели, веројатно ќе можат да направат паралели со реални ситуации и личности од актуелниот политичко-општествен живот на Македонија.

Андоновски особено ги става на тапет своите колеги од научниот ешалон, кои како ликови добиваат пародични атрубути. Апсолутно сите ликови кои се наводни членови на МАНУ се претставени како обични плагијатори, несмасни персони и лоши научници кои врз апсурдни тези го добиваат своите места во највисоките научни институции на Македонија. Веројатно Андоновски сака да ни каже дека нешто е труло во државата Македонија.

Највпечатлив е последниот расказ од збирката, насловен „Најкраткиот расказ на светот“, кој е круна на целата збирка „Припитомување на кучката“. Во него, следејќи го процесот на оценување на еден драмски текст од страна на директор на театарот, Венко Андоновски инкорпорира една драма, која како основа ја зема поемата „Сердарот“. Драмата иако куса, сепак може да се чита и надвор од рамката во која е поставена.  Таа ги има сите елементи на црна комедија и во неа се прави пресек на една македонска микро средина, во која царува лажен морал, а цвета тероризам и проституција. Ликовите Сердарот и Кузман Капидан воскреснуваат за да ја спасат славната мијачка традиција од духовен и физички крај, но тоа за жал не им успева. Рамката на презентот на приказната ги следи дилемите на ликот Јоја Ѓуѓекан (лик кој се појавува и во претходните раскази) кој не може да одлучи дали сака да се врати на театарската сцена како актер или сака да продолжи да биде цензор на политички (партиски) подобни/ неподобни драмски дела. Ликот е навистина пародиран до крајни граници, па расказот добива димензија на политичка сатира.

Сумирано расказите се прекрасни, лесно читливи и во себе ја носат целокупната авторска мудрост на веќе зрелиот прозен писател Венко Андоновски. Во овие дваесетина раскази кои не се поврзани во цврста мрежа, Андоновски ги внесува сите до сега апсолвирани постмодернистички елементи, па со леснотија гради уникатни приказни и ликови, компилира жанри, игра со јазичните форми и со семантиката на зборовите и личните имиња. Со други зборови, Венко Андоновски создава впечаток дека пишувањето раскази е лесна и едноставна работа. Со тоа и читањето на оваа проза се случува во еден здив, а по читањето долго се памети чувството на естетско задоволство.