Михајло Свидерски::

 

СИРИЈА

 

Околу Сирија ќе ставам две стапчиња,

ќе ги стегнам цврсто со  марама

како ранета нога ќе ја преврзам

да ѝ запре крварењето

ќе ја соберам сета пепел од урнатините

ќе ја фрлам в море и нека се задуши морето

нека се затрупа водата од Латакија до Тартус

нека умре како мртвото море што умре

кога веќе немаше кој да мисли на неговата вода

ќе ја исправам од креветот

ќе ја научам повторно да оди

да куца по патиштата на светот

што ја здроби молејќи се за неа,

и сè така додека не заздрави

секој ден ќе ја преврзувам одново

од Дамаск до Алепо и во сонот и на јаве,

без никакви заседанија, конференции

и резолуции напразно

ќе ја кренам на раце

ќе ја исправам

ќе ѝ го запрам  крварењето

ама не знам како да   ѝ ги запрам солзите

што уште долго ќе течат.

 

05.10.2016