Стихотворба и Слика / Poem and Picture

SlovoKult.eu2015-08-14 03.39.41

25.10.24

:: Расп Торн :: Rasp Thorne

Бегалец на љубовта

Превод :: Елизабета Линднер

Јамесдин :: la nuit espagnole

21.02.24

Горо Такано :: Goro Takano

Политика на поезијата

Превод :: Небојша Васовиќ

Страхил Петровски :: Strahil Petrovski

12.02.23

Едвинс Раупс :: Edvins Raups

:: Нема да бидам …::

Атанас Ботев :: Atanas Botev

:: Untitled, 2009 ::

24.10.22

 :: Рон Винклер :: Ron Winkler

Алпска пречка

:: Иван Ивановски ::

Морници

 

30.06.22

:: Брита Авалон Кагелс ::

:: Берлин ::

превод :: Елизабета Линднер 

:: Давор Кешќец :: 

:: Без наслов ::

03.05.22

:: Софи Рајер :: Иван Ивановски ::

:: Sophie Reyer :: Ivan Ivanovski ::

македонски превод :: Елизабета Линднер :: Elizabeta Lindner

English translation :: Mark Kanak :: Марк Канак

traum panorama :: соновна панорама :: dream panorama

19.03.22

Семјон Ханин :: Semjon Hanin 

почекај…

Сали Ертунч :: Sali Ertunč

злоупотреба на моќ

 

25.01.22

Криста Ана Белшевица :: Krista Anna Belševica

алиштата се испрани масата уште…

Ана Трајковска :: Ana Trajkovska

без наслов, 2021

 

07.07.21

Марија Дејановиќ :: Marija Dejanović

:: Време на долго закрепнување :: MK :: EN :: HR :: DE

Михаела Штрумбергер :: Mihaela Strumberger 

:: Олтар :: Altar ::

 

23.11.2020

Paul Celan :: Паул Целан

КОРОНА :: CORONA

Jürgen Huber :: Јурген Хубер

Ach komm!? :: Ма дај?! 

 

19.07.2020

 ::01:: Марија Грубор

Крај

:: Дорит Требелjар

Без наслов

 

24.05.2020

Јовица Ивановски :: 

МИТИНГАШКА

Ајке Леуен :: Eike Laeuen

Без наслов :: 2007/2015

 

19.05.2020

Краус :: ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ ГРАНИЦА

Crauss :: Deutsch :: English

превод од германски :: Елизабета Линднер

Иван Ивановски :: Лизгав терен

 

05.05.2020

Владимир Лукаш :: Последно писмо

Mihaela Strumberger :: Anbeter

Михаела Штрумбергер :: Обожувач

 

 

29.03.2020

:: Гундула Шифер ::

тој што ни самиот не знае ниту една песна да испее

превод од германски :: Елизабета Линднер

Тања Балаќ :: Процеп

 

13.03.2020

:: Исток Улчар ::

РЕПУБЛИКА ДИСТОПИЈА

:: Ѓорѓе Јовановиќ :: 

 

 

31.01.2020

:: Јоргос Јанопулос :: Ние сме оние другите

:: Превод од грчки :: Томислав Османли

:: Жанета Гелевска Велјановска ::

Само ветровите

 

22.01.2020

:: Василиjа Иконому :: Псалми::

превод од грчки:: Томислав Османли

:: Хана Хененкемпер ::

Суштинското во заветрина::

 

24.11.2019

::Јурген Ненѕа:: Jürgen Nendza::

Секојдневно :: Täglich :: Everyday

Превод од германски: Елизабета Линднер

::Ирена Паскали :: 

 

28.10.1019

::Ненад Јолдески ::

ТИ :: DU:: YOU:: 

::Ајке Леуен :: Eike Laeuen::

  Без наслов :: Untitled::    

                 

25.09.2019

Шон Бони :: Sean Bonney

Антиматерија

Слика:: поетот

Превод од англиски:: Исток Улчар

 

21.09.2019

 ::Краус:: Crauss::

УРАН  II (КОМЕТИ)

Превод од германски: Елизабета Линднер

::Велимир Жерновски::

(од) Beyond project

11.09.2019

 ::Елизабета Линднер Костадиновска::

Апсурдноста на дело, денес, секогаш и во вечни векови, Аман

::Миа Симоновска:: 

Non Parlez?

 

01.09.2019

 ::Софи Рајер::

:поседување

::Кристијан Малц:: 

Лилит

 

24.08.19

 ::Звонко Карановиќ::

::машинган-машинган-машинган::

::Ôд Карбон:: Aude Carbone::

Iconocrash

 

25.06.19

 ::Томислав Османли::

Љубов (на 5 јазици)

::Аристотелис Делигијанидис::

Без наслов

 

19.06.19

::Катица Ќулавкова::

ХРОНОС [1]    

::Франц Марк:: Franz Marc::

::Форми што се борат::

 

10.06.19

 ::Анеке Брасинга:: 

Лозинки

превод од холандски: Зоран Радически

::Иван Ивановски::

Праг

24.05.19

::Јадранка Миленковиќ::

Пајак

превод од српски :: Исток Улчар

::Славица Јанешлиева::

Мистериозна мрежа на мерки – женка пајак

25.04.19

 ::Адријан Касниц ::

Скелет

Превод од германски:: Елизабета Линднер

::Марко Вујисиќ:: Игра на форми

 

06.04.19

::Андреј Ал-Асади::

О свету

:: Кристијан Крстески :: Без наслов

 

 

26.03.19

::Николина Андова-Шопова ::

::Ајде да му избегаме на времето::

::Хана Хененкемпер:: Денови потоа

 

 

15.03.19

::Јосип Коцев ::

::Кутија::

::Арно Бојак :: Даун во Херат::

 

08.03.19

::Елизабета Линднер Костадиновска::

::Божица::

превод од германски:: авторката

::Дијана Томиќ Радевска:: Рецепт

 

21.02.19

::Мануела Златкова::

Кога ќе се вратам ќе биде воено време

:: Густав Климт::

Смрт и живот::

 

12.02.19

::Елзе Ласкер-Шулер*:: Последната ѕвезда

Превод од германски:: Елизабета Линднер

Цртеж од поетесата:: Без наслов

 

 

21.01.19

::Марија Грубор::

::ја скршив и последната чаша за вино.

:: Дијана Томиќ Радевска::

 

 

05.01.19

::Рон Винклер :: Патека 22 и Патека 52

Превод од германски:: Ксенија Чочкова

::Катрин Салентин :: Без наслов

 

 

20.12.18

::Диме Данев:: 

Второ мечтаење::

::Горан Стојчетовиќ:: 

:прашањето за анима и стравот од кастрација::

 

08.10.18

::Василија Иконому:: 

ПРАВИЛА ЗА ЕДНА ИГРА 

превод од грчки:: Томислав Осамнли

::Дороти Пачкова::

 

19.08.18

:: Томас Антонич :: од збирката::

Треперливи карпести слики од зли ноќни птици::

Превод од германски:: Елизабета Линднер

Слика:: Дијана Томиќ Радевска

 

12.08.18

::Александар Кирковски:: 

::Галам::

Слика:: Владимир Лукаш:: Рихтер

 

 

31.07.18

 

::Александар Кирковски::Констатација::

::германски::

:: Касиопеја Наумоска:: Спиј мило спиј:: 2015

 

17.07.18

 

::Борислав Јарчевски:: Звук

Билјана Василева:: Без наслов::

 

 

28.05.2018

 

::Александра Димитрова Саш:: МЕНТАЛНО СИЛУВАЊЕ

::Катрин Салентин:: Без наслов:: 

 

 

19.05.2018

::Мартин Пиекар:: При проучување на подготовката на чај

Превод од германски:: Елизабета Линднер

:: Симонида Филипова-Китановска:: Чајникот и неговата душа:: 

 

13.05.2018

::Рајнер Марија Рилке :: Љубена

Превод од германски: Елизабета Линднер

Огист Роден:: Вечниот идол::

30.04.18

::Јанис Поптрандов :: Додуша жолта, ама не таа жолта

Превод од германски:: Елизабета Линднер

::Хилма аф Клинт:: Гулаб бр. 12:: 

09.04.18

::Јовица Ивановски :: СЕ ИЗГУБИВМЕ

Алис Бејли :: Гробишта::

 

 

21.03.2018

::Ханс Карл Артман (1921-2000)

бесполезно ми одминуваат деновите

Превод од германски::Елизабета Линднер

::Моника Мотеска:: Допири

 

12.03.2018

::Немања Стојковиќ::

РЕЦЕПТ

Превод од српски:: Д.А. Лори

::Курт Швитерс::Малиот дом на морнарот::1926

 

13.02.2018

::Андреј Ал-Асади::

Летна соната за мојот град

::Катрин Салентин:: Без Наслов::

23.01.2018

::Мануела Златкова::

Димензија на зијан

Јурген Хубер::Лиминалност 03

27.12.2017

::Марија Грубор::

Месечина

(инспирирано од темата Moon на македонскиот инструментален бенд Filch)

::Каспар Давид Фридрих::Маж и жена ја набљудуваат месечината

 

10.11.17

Wikipedia Commons

::Горо Такано::

Вилинско коњче

Превод од англсики::Долорес Атанасова – Лори

::Хајами Гјошу::Танц на пламените::1925

 

24.10.2017

::Даниел Карeски::

Си имал и полоши денови од овој

::Кете Колвиц::Доброволци

08.10.2017

::Александар Кирковски::

::Споменик::

::Рене Магрит::The Time Transfixed::

25.09.2017

::Краус.::Crauss.::

::свет во свет::

::превод од германски::Елизабета Линднер

::Тони Шулајковски:: Понекогаш наоѓам добра причина да зборувам::

 

19.09.2017

::Игор Исаковски :: (19.09.1970-15.12.2014)

::ОНА ШТО МОРА ДА СЕ КАЖЕ::

Лидија Димковска

Lidija Dimkovska

ИДЕАЛНА ТЕЖИНА

Средната класа е боди-арт на семеен излет:

си ги посипува влакната од телото и од ќебето

со железни струганки

и со магнетна плочка во лежечки став

си ги корне за последен пат. Во чистилиштето

нема контејнери за био-смет. Остави ми ги органите

да ми бидат мирисливи сунѓерчиња и облоги за глава

додека шлапкам во реката со солна киселина.

На брегот интелектуалците скандираат: Design or die!

но залудно – Бог крај човек што не го повикувал од дете

е како нож крај чинија со шпагети. Носи лигавче

наместо костим за капење.

Москва има месечен циклус, Филаделфија еднослојна

тоалетна хартија. Знаеш и сам, во мигови на историски одлуки

пука најкревкото во животот на човека: кујнската штица.

И тогаш жилетот се одвојува од бричот,

а синот од Богородица. Кога влегуваш во собата со раскрвавен образ

знам дека во огледалото си го видел ликот на детето

што сега е тешко 370 g и долго 21 cm.

Како една поли салама, велиш, и потоа заспиваме на нозе.

Во нашиот замрзнувач грчи во зимски сон мечката

од зоолошката. Ноќе си ладиш пијалак меѓу нејзините колена,

а јас меѓу моите стискам радио на долга бранова должина,

како тула што се лади или термофор што пропушта,

реалноста се лулка во застарени вести, секоја ноќ

станувам се поводоотпорна.

Нашата река се гледа само од прозорчето на визбата.

И никој повеќе не умира до крај. Средната класа гребе

цени од подароци, кити прозорци со ласерски ѕвезди,

во гумени ракавици си игра театар со сенки. Ти се плази додека викаш:

„Професионално изгонувам зомби! Бидете повторно слободни!”,

а знам, ако си предебел или преслаб и животот и смртта

се исто бреме.

Крстот исправено може да го носи само човек

со идеална тежина.

Од збирката::pH неутрална за животот и смртта::Блесок 2009::

Francis Picabia::Dancing Man::

Homme dansant

Ана Тодоровска

Ann von T

Ana Todorovska

Есенцијален тремор

Што правиш
откако сите врутоци ти пресушиле
па ги влечеш патиките по тротоарот
со делумна волја за живот
спакувана во жолт тутун
и најевтини ризли
оти сметките нема да се платат сами
Џвакаш прегорени мисли
во ситните саати
и се молиш за утра
во кои можеш да останеш
подолго во кревет
без да те влечат
мора, треба и што ако
во сите правци поставени
дијаметрално спротивно
од центарот на твоето постоење

Што правиш
откако одново го скенираш минатото
пред чија врата први те поздравуваат
сите погрешни избори
и срамни состојби на духот
кои те тераат да веруваш
дека не си баш некој најбистар лик
а дотогаш мислеше
дека си ги удавил копилињата
после полноќ на шанкот
заедно со својата просечност

Што правиш
да избегаш од секое ти реков
на разни паталци и гаталци
а чевлите ви се различен број?

Paul Klee::Der Teufel jongliert::::Паул Клее::Ѓаволот жонглира

Paul Klee::Паул Клее::Disput::

20.06.17

Александра Димитрова – Саш

Aleksandra Dimitrova – Sash

ДЕН НА ЖАЛОСТ

(за Annika Hansen)

Јас и Ана плачеме

Пред куќата на улица Македонија

Нема ни куче

Сами сме

И боси сме

И нашите балски фустани

се веат на бандерите

Нема војници на улицата

Ни тенкови

Ни мртви

Ниту ранети

А војна е

Вистинска

Војна на суети

Некакви смешни странци

Се сликаат крај орото

Па кај Шмизлата

Тоа било ин

А војна е

Вистинска

Помеѓу лудите и ограничените

Победува кичот

Ѓорѓе Јовановиќ::Без наслов::Gjorgje Jovanovik’::Untitled::

16.06.17

::Лилјана Дирјан::

Еден од срцето

::Дијана Томиќ Радевска::

Нашето писмо, 2015

01.06.17

Д.А. Лори

D.A. Lori

Сеќавање-лавиринт

Понекогаш

постојам

само во сеќавањата на една љубов.

Чекорам по површината

на тоа море од емоции, ко некој Исус,

и си мислам, среќна бев.

Имав неколку години на број

и сите си ги знаев напамет,

зашто ги гледав во бројките на часовникот,

на регистрациите на автомобилите,

во голтките вода,

сѐ што можеше да се брои.

Се сеќавам на уличката до тебе,

и сѐ што ми беше земено,

запалено ко лист хартија

и издувано ко пепел на дланка,

сите убавини однесени

од некој непознат ветар,

и јас, болна од сивило.

Брзо си најдов утеха;

можам јас самата да раѓам убавини.

Оттогаш,

редовно забременувам и раѓам.

Ама најтешко ми паѓа

Кога го носам твоето его,

најголемата грдотија на веков.

Рано го одбивам,

го испуштам гладно,

да лута.

И пак го наоѓа патот до мене.

___________

од збирката “Со ветрот под рака”, Антолог, Скопје 2016

Силвија Лоренц::Soft City::2017::маслен пастел

Silvia Lorenz::Soft City::2017::oil pastels::

27.04.2017

Нико Фајден

Nico Feiden

шумоливи секунди

си го присвојуваме времето

од часовници што чукаат на рачни зглобови.

си го броиш срцебиењето со мојата дланка

според оргазми во Париз.

самозамотаните цигари

уште чадат во пепелникот,

сите часови сраснуваат во едно.

во парковите си играат деца

спокојат & си седат таму.

пиеме евтино пиво,

во твојата танга криеме хашиш

од цајкани, голтаме апчиња

& шетаме голи низ ателјеа на сликари на актови.

твоите гради сосема прецизно на платното.

сè запира,

додека цигарите

го оставаат времето да исчади,

денот го пушиме до филтер

соба за една ноќ

да зјапаме во шарата од тапетите

со секундите

што уште ни останале

врз часовникот …

Превод од германски: Елизабета Линднер

                      Касиопеја Наумоска::Kasiopeja Naumoska::You make me feel like Philodendron

14.03.2017

:: Цаца Савиќ :: 

таа ја напушта биографијата

Превод од германски:: Елизабета Линднер

Дијана Томиќ-Радевска :: Искушение::   

03.03.2017

Исток Улчар

Istok Ulčar

ЛАЕЖ НИЗ ПЕСЈИОТ ГРАД

Мојсеј ја најавува ноќта на Пресудата,
бунтовно настојувајќи да го откине ланецот
со кој му е заврзан вратот за крајпатниот брест.

Восочни крлежи му го јадат правливото крзно,
додека оловни молњи низ коските му протекуват.

Мојсеј ги распрснува порцеланските деца,
кои плашливо му го хранат болниот желудник
со жилаво парче месо украдено од домашните залихи.

Конопни глисти му го гризат воспаленото грло,
додека глинени солзи низ вените му се прелеваат.

Мојсеј ги брои труповите на поразените борци
немилосрдно убиени од вревата на непријателот,
кој сѐ уште безмилосно ползи низ крвавото боиште.

Керамички тении му ги глодаат изгниените црева,
додека `рѓосани вулкани на јазикот му еруптираат.

Мојсеј ја претвора светицата во куртизана,
потсвесно пресликувајќи ја осаменичката злоба
со која се задоени малкуте жители на Песјиот град.

Дорит Требелјар::Dorit Trebeljahr::Гонетиот::Gejagter::објект::2011::

 

Ронит Бергман :: Ronit Bergman

Обележувач на страници

Петрус Акордеон :: Petrus Akkordeon

Bookmark

 

 

 

 

 

07.02.2017

Марија Грубор

Marija Grubor

Marija Grubor

[16]

денес заминав што подалеку

од вашите големи влогови,

скршени срца,

претепани суети, болни колена,

осиромашени сметки и

лични политики.

заминав да ве преболам,

како парчиња стакло

од рана да ве извадам и

на земја по ред и почест

да ве положам,

оти секој милиметар од моето свое

со вашите бедни времиња е споен,

дури и во паузата меѓу погледите.

заминав за утре да можам

пак да ве љубам.

барам еден кројач

што ќе знаел како да ги олабави

моите стегнати конци,

оти јас, неискусна,

пробав угоре да ги влечам

и околу вратот ми се насобраа

како милион слепи раце упорни

и воздух снемав,

од воздух се исцедив!

да ги отплете прстите

залепени на мојата кожа,

и да ги одвои едни в други вткајаните

црвени од црни платна

за да ја најде белата

надвладеана од метеж шара,
и ќе го барам,

колку било,

колку треба,

оти јас време имам,

а празно место веќе не.

Од збирката “Водата нешто носи”, 2016

Ana Jovanovska Us Nr.6

Ana Jovanovska::Us No.6::collage::drawing::2016::Ана Јовановска

25.01.2017

Бошко Бозаџиевски

Boshko_Bozadzievski

Boško Bozadzievski

Пансион

Морам да се вратам

Толку многу работи се случуваат во светот

Луѓето прават бизниси

Бркаат работа

Гледаат Олимпијада

Плаќаат сметки

Гаќи и чорапи си купуваат и на одмор

Одат

Морам да се вратам

Имаат амбиции

Имаат фејсбук

Се пријавуваат

Се одјавуваат

Се трудат

Раѓаат други суштества.

Ќе се вратам

Им требам

Ми требаат.

Но овде ми велат

Дека ми е добро

Они знаат што е за мене добро

Ми даваат храна

Бесплатни апчиња

Собата ми е чиста

И еднаш неделно ме облекуваат

Во кошула бела

Која ми овозможува барем некое време

Да се гушкаме со Бошко.

Kristijan Krstevski

it’s just too much, baby::2008::ink on paper

::Кристијан Крстевски::Kristijan Krstevski

 15.01.17

Александер Греф

Foto_AGraeff_sw

Alexander Graeff

Човек на револтот

Жал ми е –

не сум исправен,

се веам ко шарени алишта

над куќни

клисури, моето кенкање е

како печена риба:

орада или бакалар

во мешавина од урми

со сенф од Дижон,

на чинии од седеф.

Ти признавам без вина,

зашто не знам поинаку отколку

неволно да талкам:

Така сака целта, така сака времето

и затоа не 

раѓа човек на револтот.

* * *

Превод од германски Елизабета Линднер

Graeff_Illustration_gedicht1
Илустрација::Марио Хамборг::Mario Hamborg

Graeff_Illustration_gedicht2

Илустрации::Марио Хaмбoрг::Illustration::Mario Hamborg

10.11.2016

Лилјана Пецова-Илиеска

liljana-pecova

Liljana Pecova-Ilieska

НЕСЛУЧАЈНА 
Илјада прсти низ тело се врвчат
не знаат каде попрво да се вдомат
брзаат некаде
ајде,
ајде,
ајде,
допри, ајде
и така фино да се впуштат
во неслучајни гушкања да се втопат.
Најважно е случајното,
мигновеното
непланираното душкање
на вратот,
по здивот на допирите,
на ткаенините што ги двојат телава
од голо на голо месо
и памукот ни станал непријател
па ја крие голотијата
чии коски едвај чекаат да бидат изглодени
испржени во жештината на жедта.
Ја презираш ти таа жед
која бара сочно да се впие во секој твој поглед
оти ништо не слушнав да речеш.
Кој ли ми те всади в глава
арам!
В мисла да те носам
арам!
збран в шепоти само
арам!
скриен в темни ходници карши некоја банка
од заштедени стуткани врисоци
што те немам
ЈАС како што сакам
АРАМилук на мирот станав.
Аман!
Неслучајна е и оваа песна
што нови средби бара.
И не знам дали мрееш кога ме гледаш
како се препелкам кога демек ти зборувам
или мислиш на ѕвонци од ветер
што довечер нови гласови ќе ти нудат.
Песно, неслучајна,
изгниј ја секоја желба
и порив и за најмило гушкање на ластари лоза
оти змија во нив се крие
зеленото од зелено не се гледа
и може само неслучајно, тивко и нежно
да те убие.
Аман!

072-copy

Јана Јакимовска::Детаљ::

Detail::Jana Jakimovska::

Љубомир Мициќ

Ljubomir_Micic_ispred_plakata_Zenitove_medjunarodne_izlozbe

Ljubomir Micić

бим бам бом

Од црвените покриви на љубовта

Од слободните кули на првите катови до небото

Во сите континенти на пролетерите песна со поздрав од моите очи

НАМЕСТО ФРЛЕНИ БОМБИ ПРОЛЕАНИ СОЛЗИ

Змии се моите солзи

Другари на зачовековите буни и небеската крв

Небото е зелена трева

Небото вреска во пустината на христијанскиот Велигден

Земјо ти мајмунска плането со рогови на богови запомни

Денес сите фабрики на душите наши трубат крик до крик

Сирени од вресок одекнуваат од врвовите на црвените копја на новиот дух

Сите улици валкани течат ко утроба на европскиот капитал

Во нашите градови наместо човекови милиони

Трамваите патуваат ко знамиња црвени

Пројуруваат гонети од смртоносната струја на електрореволуцијата

Со кал е искитена буржоазијата

Буржоазијата се шета по богатите паркови на златното теле

И се подготвува со пијанка да го прослави Велигден за оној Христос

Кого пред толку години сладострасно го распна

Само црните пци носат чиста љубов во очите

Автомобилите бесни машини на четири гумени крила

Прeнесуваат човекојадци

Сигурно и денес ќе испогазат неколку потиштени пешаци

На Балканот пешакот е сè уште единствениот човек

Пешаци – зенитисти – поети – пролетери страдајте

И знајте: слободата е кукавица на гнилата гранка Европа заспана

Ене ги радиокрстачите на нашите антени и сноповите исплукани идеали

До сините цицки на Авала лудуваат

Оковани со синџири на слободата од мојата нација варварска

Со заслуга на четници инвалиди и комити

Борци овенчани со славата ко плашила стрчат

На ветровите од берзанско-политичките спекулации

Ортопедијата е за луѓето досмртна награда во скутот на војните

Протезата е најсјајниот орден на сите победи кои се секогаш порази

Над китките човечки несреќи и бесилките блескаат

                                                                        народни банки

                                                                        народни трговии

                                                                        народни политики

                                                                        народни уметности

                                                                        народни корупции

Во нашите гради цутат куршумски опела

Додека со нокти на костур по брдата бунтовни мисли ѕвониме

Додека со зарѓана кама проклетите столетија се чешаат

По валканиот задник на српскиот Рим

Од мрките пештери на нашите бесни черепи

Урлаат јаничарите на револуцијата

За новото во човештвото сè во вител.

Белград, 1. мај 1926

Превод од српски Елизабета Линднер

Со љубезна поддршка за објавување на текстот од Народна Библиотека Србије

Jamesdin-Krticnjak-1

Јамесдин / Jamesdin::Krtičnjak

Горана Митровиќ

Gorana foto bw

 Gorana Mitrovik

Love thieves

Под небото на големите градови

наоѓам чист воздух за мислите

со храна и мириси, во молк

ја галам својата потреба за одделување

напипувам, буричкам и вадам

во темнината, во скриеното на паралелните светови

мудрости

кои не ги делам со никого,

светот со превез на очите

тапка во сопствените уверувања,

јас сум осамен нудист на брегот на изложените чувства

студено е,

дојди и погали ме со јазикот

додека на местото каде што сум најврела

се дробат твоите колкови

додека врз местото на мојот извор

твоите дланки цртаат запирки

а јас низ `рбетот се вкоренувам во

почва од желби и спокој

јас ја знам единицата мерка за

сопствената сила, нешто што

не се раскажува никому, а се

граничи со прегрнување на семирот,

моите корени, `рбет и ум – статика за иднината

за насмевката на љубовта

Белград, март 2015

(од збирката ”Клупа меѓу светови”)

wikipedia
Rodin, The Gates of Hell, Detail / Огист Роден, Портата на пеколот, детаљ

 Коста КаревKosta Karev

Kosta Karev

Така треба

Лагата има кратки нозе,

се облекува во слоеви,

згодна е и изгледа слатко.

Нејзиниот убод боли долго и силно.

Таа живее во разумот и го труе.

Те врзува, те држи заробен и долго те мачи.

Умна е и зборита,

но плитка и површна,

затоа заборава што рекла.

На прашања одговара со:

„Така треба” и „Така одлучив”.

Секогаш е тука и бара застапници –

за да ја бранат.

Се шмугнува помеѓу зборови

и се провира позади трепкањето на очите,

и само таму може да се види и познае –

по лажниот сјај.

Никогаш не спие –

ја мачат кошмари.

Живее во големи колонии,

се убива тешко,

затоа што сама од себе се храни.

Умира од природна смрт

при недостаток на внимание.

Вистината има долги нозе,

но нема рамнотежа и координација.

Изгледа сурово и може да боли;

но боли здраво,

како печењето на копривата

или како убод на пчела.

Наивна е

и одговара на секое поставено прашање.

Но не мораш да се сеќаваш колку правди си кажал

и кому си ги кажувал,

ги памти твојот Бог.

Ако ја одрекнуваш правдата –

ништо не се менува,

таа останува тука.

Таа знае да лекува сè,

шета гола

и живее самостојно,

во срцето.

Понекогаш спие предолго,

доаѓа доцна,

но се фрла право в лице –

се бори лавовски,

сама знае да се брани,

и никогаш не умира.

Треба само да ја ослободиш.

Вистината е посилна од лагата,

единствено не знае да лаже.

StateOfArt_2

Елизабета Линднер Костадиновска/Elizabeta Lindner Kostadinovska “State of Art” (Triptych – Part 2) 

Митко Гогов

Mitko Gogov

Mitko Gogov

02.08.16

.рециклирано тримесечје. звук на олеснување.

[деновите во кои се судруваме, но како кадри од погрешни филмови

се оттуѓуваме, се одминуваме]

ги фрламе времињата како да немаат значење.

оставаме на дождот секојдневно да ги мие

паушалните гревови,а ние продолжуваме

да си играме –ти прв почна!

овие ноќи се топлат во последните огништа.

пролетен паганизам и неопластичните нерви,

– стари дневници и мирис на непознати приказни.

под уличните борови се слуша шушкањето на ветрот,

како од ребрата на воздухот да посакаш да ја извадиш

коскената срж.

заинтересираноста ни е екслузивна.

вниманието – шокантно.

желбата да промениме нешто – дај побрзај!

ги фрламе надежите во лавиринтот на очајот,

а потоа квичиме како бели глувци кои заглавиле во јадот.

како најубави животни плачеме да ни го откорнат крзното,

иако чувствуваме како ни ја дерат кожата – милиметар по милиметар.

се будиме утредента со кафето кое не теши дека најдоле во шолјата

некој ни подметнал отров, за денот да ни биде пократок,

а онаму каде што ќе заминеме да не пречекаат со торта.

:инвестираме во погрешни воздишки;

сите сме „но“ во погрешен театар!

губиме од она што и така малку го имаме,

од она за кое немаме доволно мудрост

често да го купуваме.

:време, трпение, погледи, топлини и насмевки;

константни п(р)ојавности

рајски, вонземски сладости.

замка е обидотда затвориш врата

која никогаш претходно не си ја отворил.

сите ние ситни души, прашинки изгубени во космосот.

сонуваме за волшебните градини на големите градинари,

но никако да си ја ископаме сопствената бразда.

далеку сме од тоа да произведуваме храна,

а веќе на цвеќе мислиме.

пропуштаме автобуси и

дупло поскапо плаќаме такси,

забораваме телефони под седиштата,

дозволуваме некој да ни ги изеде соништата.

на крај добиваме телесна температура,

внатрешен херпес на душата

и некоја мравја дупка во слабоста

која,

повторно некогаш ќе ни ја загади радоста

vangel srnakov

Вангел Срнаков/ Бош 6, 2013         Vangel Srnakov / Bosh Festival 6, 2013 

Александра Димитрова

Aleksandra-Dimitrova

Aleksandra Dimitrova

18.07.16

СОНУВАЧКА

Никој жив не го научи

твојот бескрајно романтичен јазик

составен од кованици за љубовта

измешан со именки на балканските робови

и глаголи на медитеранските војсководци

Тебе Венеција ти беше мала

Кина просечна

Куба бедна

Америка дебела

Европа импотентна

И додека ние останатите се дрогиравме со сѐ и сешто

(најмногу со гнев кон сопствените тела)

Ти сонуваше со отворени очи

за Лондон Париз

Москва и Санкт Петербург

од времињата на Толстој и Балзак

Не го најде коренот на својата лунатична душа

Не ја доживеа идеалната љубов

Ти прва во сè

поита да се споиш

со душите на големите романескни љубовници

да ги проучиш корените на изумрените јазици

скриените значења на зборот љубов

на поимот вечно

Спиј бурно!

Љуби романтично!

Ние бедно ќе живуркаме

во нашите кожи

на мали балкански робови

Katrin-Salentin-14

Катрин Салентин, Без Наслов::Katrin Salentin, Ohne Titel

07.07.16

Звонко Карановиќ

Zvonko-Karanovic-(photo-by-Zoran-Ras)

Zvonko Kananović

СИТЕ НАЈДОБРИ ПЕСНИ ЗБОРУВААТ ЗА КОПНЕЖ
И СТАКЛО И БРЗИ АВТОМОБИЛИ
И ДРУГИ КРШЛИВИ НЕШТА

Ти и јас спиеме под стакло
и ги пуштаме караваните
да минуваат
покрај нашите смрзнати прсти
на заминатите пријатели
им праќаме телефонски импулси
да го обојат морето на разгледницата
на која пишува:

Русите се во орбитата
чајните колачиња на масата
во храната за бебиња
нашле метални струготини
и понатаму сè е исто, исто, исто…

а потоа зборуваме за месечината
и лаеме кон ТВ екранот
до доцна во ноќта

новиот ден се раѓа
млади и силни
глодачите на мамутската коска
тргнуваат во подобро утре
а ти најрадо
со пресечени вени
би се успала
во када полна топла вода

животот е полн лоши можности
го дозна тоа додека низ
замачканиот потстанарски
прозорец
ги гледаше тополите
како играат на ветрот

љубовта е привилегија на сиромашните
љубовта е дадилка на женското срце
и затоа сите најдобри песни
не зборуваат за љубовта
а ти само сакаш да знаеш
каде заминал твојот живот
и зошто си поминала десет години
со човекот кого сега го мразиш

ти и јас спиеме под стакло
и ги испраќаме возовите
во најцрната ноќ
им мавтаме со бели марамчиња
ги лепиме образите врз шините
и пуштаме
солзите одново да се заледат

се симнував во утробата на градот
кога рече
ти јуриш во старост
а јас за тоа уште не сум спремна

сакам да те одведам одовде
некаде каде што има повеќе светло
и каде што луѓето
се посреќни
но само ја превртувам плочата
пластиката крцка во собата со ролетни
elektricity
elektricity
elektricity

Превод од српски::Игор Исаковски

Звонко Каранавоиќ@Блесок::Биографија::Збирка поезија::Пепелашка во хромиран ковчег, 2014

Повеќе песни::Блесок 97

191
      Колектив SЕЕ, Бош фестивал 6, 2013 /      Bosh Festival Gevgelija, 2013

28.06.16

Јурген Ненѕа

Jürgen Nendza Foto

Jürgen Nendza

ВО НЕКОИ ДЕНОВИ се појавува

како среќа, сенка,

која минува низ собата

над незавршените нешта. Надвор

се крие кројачкиот шаблон на дрвјата

исполнет со смисла за можности.

Јадевме боровинки

од обраснати гробови

и никој не знае колку

забрзано движење е содржано во еден збор.

Светлината нѐ синхронизира со писокот

на делфините, кои го гледаат скритото.

Го гледам јатото птици што

полетува од твојата кожа и си замислувам

рационалист што носи сомбреро.

Превод од гермаснки: Елизабета Линднер

Тројазична збирка поезија  “Во некои денови/An manchen Tagen/On some days”,

Блесок 2014 

10620672_701159813288052_6246605231777771772_n

Колектив Кула / фото Гоце Ефтимов @ Bosh 6 Festival Gevgelija

18.06.2016

Петер Шулеј

peter_cafe_dream_bar_lucia_paprckova

Peter Šulej

ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

Ние сме како роботи

и роботот во твоето срце

го милува железно-бетонскиот студ

челични профили

масло и издувна смрдеа

тврдост и дрскост во секого од нас

ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

работата кон роботот

бесполна и асексуална

роботот во твоето срце

чувствува метално син студ

сака постојано да пресметува

и да вреднува

не знае да зборува не знае да слуша

единствено што го возбудува

електричниот напон

ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

работата кон роботот

бесполна и асексуална

Nc машина и автоматски удирач

изразена со векторски сили

однапред измоделирана

оптимализирана

отсимулирана

ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

тоа е ИНДУСТРИСКА ЉУБОВ

ИНДУСТРИСКА…

Превод од словачки: Звонко Танески

од збирката “Индустриска љубов”, Блесок, 2015

Katrin-Salentin-08
Kатрин Салентин / Katrin Salentin

07.06.16

Владимир Мартиновски

Vladimir_Martinovski_S:W

Vladimir Martinovski

ИГРАЈ КОГА НЕ ИГРАШ

(Графити)

На ѕидот од градинката некој со боички нашкрабал

Од играта одморај се со игра

На оградата од школото некој со краснопис извезол

Кога играш учи, кога учиш играј

Над вратата од Академијата некој во камен врежал

Нека не влегува оној што не знае да игра

Над влезот од дискотеката некој со фломастер шарнал

Скокај и кога седиш, и кога спиеш играј 

До ѕидот од болницата некој со спреј нацртал

Болен е само оној што заборавил да игра

На оградата од затворот некој со клинче изгребал

Играј дури и кога не ти е баш до игра

Над влезот од гробиштата некој со моливче напишал

Играј дури и кога не можеш да играш

На портите од породилиштето некој со кармин напишал

Кога ќе се родиш пак играј пак играј пак играј

Graffiti - Bosh Festival Gevgelija

Graffiti@Bosh Festival Gevgelija

26.05.16

Ања Голоб

Anja Golob
Foto: Grace Schwindt

Anja Golob

КАДЕ ДЕТЕТО ЈА ФАТИ БУБАЧКАТА

Таму, каде детето ја фати бубачката
во почвата остана вдлабнатина.
Со време ветрот во неа внел суви иглички,
мртви мравки и паднато лисје.
Кога сонцето доволно долго минувало врз неа,
светот во неа се смирил.
Долу полека се згуснало живеењето.

Најпрвин просторот имал моќ да поместува рамки,
но темните слаби сенки, кои останале по
фаќањето на животинката, не давале мир.
Таму, каде детето ја фати бубачката,
во воздухот остана нежна шуплина.

Кога ја зграпчи со дланката, детето не знаеше дека
бубачката спаѓа во семејството Lampyridae, ред Coleoptera,
дека има крилја и дека ноќе свети долж сопствената трага,
дека светлината која ја произведува, пак, е ладна,
сепак нејзиниот спектар е со прекин, нејзината бранова должина
се движи меѓу 510 и 670 нанометри.
Наместо: “Нано, нано!”, тоа значи викаше:
“Бзз-буу! Буба!” и со стисната тупаница
победоносно го сечеше воздухот како јуришник, кој
исполнува заповед, а се плаши, што ќе се случи.

Каде детето ja фати бубачката,
ветрот ги раздува облаците.
Низ тенкиот процеп
таму сега ноќе врз вдлабнатината
во почвата и врз нежната шуплина
во воздухот свети
тенок зрак од празното небо.

Превод од словенечки: Елизабета Линднер

повеќе за Ања Голоб и нејзините дела:

Anja Golob 

13295123_10153961007793889_1738969740_n

Маја Кировска::Maja Kirovska

Blood is thicker than water, the water is red, red is a color, Installation, 2013

Boshfest
x°x°x°x°x°x°x°

19.05.16

Ѓоко Здравески

12527900_10154138512909525_660820793_n

Gjoko Zdravevski

дедикар икарал

како да си се објасниш

себеси

на другите

како да ги објасниш сите свои

контрадикции

сите внатрешни спреги

дијалектиката на своето битие

како да пронајдеш хармонија

помеѓу црното и белото

помеѓу почетокот и крајот

на кругот

помеѓу првата и последната

куќа

како да ја споиш месечината со сонцето

како да направиш манастир од градот

од своето тело храм

како да влезеш меѓу луѓето

како да останеш сам со себе

мирен

како да издржиш на ветрот

од туѓи зборови

од туѓи погледи

на свет

како да не фрлиш камен

да премолчиш

најлесно е

да одмавнеш со рака

да се насмееш

како да разбираш сѐ

и себе

и светот

во себе

и вон себе

и сите свои стравови

и соништата свои

и сите понори

и сите

врвови на своите планини

како да го смириш морето

да ги растераш облаците

да станеш празен

потполно

празен

проѕирен

да се проѕреш себеси

Поезија објавена во Блесок 98

11.05.16

краус. / crauss.

Crauss.

РЕЧЕН ТРК

св. клеменс веќе се смрачува.

во дворот си играат деца.

тогаш ме задувува развигор тогаш некој

бргу исчезнува во куќата а долу кај реката

нешто ме зграпчува за утроба. колабирам.

во градот чекаат другарите а јас па трчам

кон селото кон полињата и ги размачкувам

витешките заклетви во трската.

љубовта е срање се слушам како пцујам

утрото ќе мора некогаш да осамне.

хоризонтот ми се замаглува во солзи

врне очајно. светот е преполн со

нешта што двојно се нагласуваат но јас

уште го имам вкусот на нашите лузни

во крвта. во крчмата кај распаќето на трковите

телефон. од овде веќе

не се враќам.

Превод од гермаснки Елизабета Линднер

Стихотворба од 2005, од “Jazz & Campari”

Повеќе за авторот и делата на германски:

crauss.de

Verlagshaus Berlin

03.05.16

Д.А. Лори

DSCN0974 (5)

D.A. Lori

Лепливи зборови

Ретко кажуваме што не е кажано претходно

Ми се крши срцево и јазикот.

Само што сакав да ја анализирам

Анатомијата на зборовите,

Умот ми застана под притисокот

На туѓите мисли и зборови

 

Немало ништо освен ова небо порано

И ни трошка се нема сменето оттогаш

 

Го гледам….

 

Голема мрзлива стоногалка од облак

Само што не ја проголтала мојата омилена ѕвезда.

Ова бледо-сино небо во бескрајно воскреснување

Ми носи повеќе одошто можам да поднесам.

Жештината ми ги омлитавува сетилата,

Воздухот е полн со лепливи мисли,

Лепливи прсти околу лепливо пенкало,

Лепливи, лепливи зборови

Од збирката “Будење во трето лице еднина”, Блесок Скопје, 2014

27.04.16

Јовица Ивановски

13077075_10154885900782699_6428314245026874868_n

Jovica Ivanovski

ЖИВОТ ВО АПОСТОЛКИ

Плажата му се плази на морето.

Обврските се одврзани пци.

Песок и жешки стапала.

Книгата се чита сама,

одново и одново.

Чадорот засаден во песокот

гордо му пркоси на ветерот.

Погледот и бескрајот,

перспективата и ти.

Кротка квечерина и

потквасена Месечина.

Газда си на својот мир,

сопственик на сегашноста.

Тивко ветре ти буричка во косата,

како на времето мајка ти

кога проверуваше

да не си фатил вошки.

20.04.16

Блаже Конески

timthumb.php

Blaže Koneski

МОНОЛОЗИ

(делови од „Ракување“, Мисла, 1969)

*

Родината —
Низ тој шум прашање вечно:
Како во животот?
Како со луѓето?
Со љубовта и омразата?
Со себе како?
Лесен одговорот во збор красно срочен,
Со важност за сегде.
Тежок кога безброј пати
Човек треба да го дава.
Родината?
Видиш каква мисла:
Врсница таа е наша!
Ние ја растеме во себе,
Смртни
А за вечност жедни,
Неа
Што треба вечна да биде!
Погледот в срце —
Блесок в ноќен мир,
И зборот нејзин:
Пред чинот сме веќе,
Доста несталните возбуди на песните!
Не закопујте ме
Во жабјакот на млаките души,
Не оставајте
Пајажина да ме обвие
Во срца колебливи.
Сонце сум — својот изгрев го сакам,
Слобода барам —
Изборете ја!
Ах, како ветар дахот да ми мине
Над мајските ’ржје,
И тоа таласање —
На тревите да им се предаде,
На лисјата да им се предаде,
На рамнините,
На ’рбетите од планините,
И подалеку —
На езерата да им се предаде,
Да биде докрај една слатка морница
По снагата од сета наша земја!“
Родината:
Не спокој е таа,
Ниту езеро мирно,
Судбата на животот наш е тврда:
Верност бара
Напред кога не праќа,
На паднатите по нашите распаќа,
На самите нас,
Да најде веќе смисла — жртвата.
Како ќе постапам?

*

О, треба да сме триж силни по дух
Деца на мало, потиснато племе,
Во бурава на светот,
На татковина — што први смисла,
Први слободен облик ѝ даваме,
На поезија творци
Први од срцава што ja извираме.
А кај е во нас, дали ја има
На оној древен јунак силата?
Долгот го знаеш,
Но ситен да се сетиш — страшно!
Дали се чудни тие сомневања?
Кој ќе ни прости?
Кој ќе заживее со нашава душа
И тогаш кога веќе ќе нè нема?

13.04.16

Елизабета Линднер

    Костадиновска

Betty_Foto am 31.12.15 um 19.01sw

Elizabeta Lindner Kostadinovska

Промислувајќи те

(сè до Отаде)

Илјада пати ми проаѓа низ глава

не остава ништо друго

да пројде, да продиши

а сепак

постојано продираат

и се случуваат нешта

среде сончев ден

среде просторноста на полето

насреде тоа – разделба

меѓу облаци и дим од скара

меѓу приказни за толпите

кои луѓето ги влечкаат со себе

проаѓајќи по патеките одовде;

некаде помеѓу

едно мало ископано место

за едно мирно Потем

отворена Земјена точка

неотпорна ниту на кучиња

ниту на врнежи

за една мала слобода отаде.

Илјада пати ми проаѓа низ глава

ништо не е пројдено

зашто постојано продираат

и се случуваат нешта

Концертот во Б. – Кантинe

една вечер ко средиште на

севкупното случување

во мене, тебе, нас, него

контакт со поглед небаре

молскавична светлина

минува низ светлосни години

на насетеното и саканато

глас кој нагласува согласност

пробив кон темното и длабоко Сега

ко најава на она Отаде:

“and I feel good

and I feel fine“.*

Илјадапати ми проаѓа низ глава

постојано продира – Ти

и се случуваат нешта

На Остбан, ноќе

мирна обиколка, велеизградба

привремено во мирување,

во објективна стварност,

индустриска зона без продор

кон големото случување отаде,

заграденост, заобиколка

пробив до берлинската темна страна,

за скроз да се спознае, за скроз да се спобудали.

И понатаму ми проаѓа илјада пати низ глава

и постојано и повторно низ Тебе

и нешта се случуваат

и заземаат човечки облици

и минуваат преку мостови

и стануваат статисти

во големиот театар на Шпреја

и минуваат и се пробиваат

и проаѓаат низ сцената

или чекаат во редици

а јас се пробивам низ нив

и повторно ми проаѓа

илјада пати низ глава

и повторно продираат

и се случуваат нешта

кои те пронижуваат

и го пробиваат она

Отаде.

* Michael Gira – I see them all lined up

Превод од германски авторката

Песната беше објавена на германски на порталот за поезија

http://www.fixpoetry.com/texte/text-des-tages/elizabeta-kostadinovska/dich-durchdenken

05.04.16

Николина Андова-Шопова

nina crno bela

Nikolina Andova-Shopova

Во моето тело

Јас сум турист во моето тело

и немам мапа во рацете

Некој што случајно ќе помине

ќе ми го покаже патот до квартот на музеите

до големите паркови, плоштадот

до реката што се влева во моето име

Што правам во меѓувреме

Пијам макијато во едно тивко кафуле

и ги листам дневните весници

напишани на јазик кој никогаш не го научив

Секогаш, се сеќавам, кога се враќав од некое патување

небото се разведруваше, Сонцето паѓаше врз ангелите од мермер

и дури тогаш им ги забележував

насмевките на лицата

25.03.16

Јосип Коцев

Jospip.Kocev.foto

Josip Kocev

Кутија

 

Спијам гол,

со превез на очите,

не знаејќи со кои

ветрови љубов да водам.

Колку безначајно тело имам…

Тефтер на кој

сите чкртаат

раскопчани мисли,

реки со корита

од една до друга рана…

Никој не ми

ја позна душата

низ него,

а нели очите не

треба да ме кријат…

Како да се протегнам

во оваа затворена кутија,

кога надвор, лудите вселени

секој миг раѓаат по некоја

нова планета,

а јас сум

бескрајно стар и пеплосан,

ветен за виори и разнесувања,

колеблив за многу тишини,

покаен за сите говори…

Заборавам да просипам јаве

кога чекорам низ сонот,

да можам да се вратам назад

штом сликите ме држат

во горчливи бои,

и секоја од нив ме пцуе,

а јас ги замачкувам

и ги бакнувам,

зашто ми говорат

чиста вистина.

Толку слоеви од мојата целост

ќе изгнијат неоткриени,

неизложени на светлина…

Ќе умрат неродени,

свиткани и болни,

разбегани од наезда

на стаорци што го

глодаат непознатото.

Поштедете ме од неизговорено,

иако знам дека нема такво.

Им верувам само

на пространите пустини,

полни со ништо.

21.03.16

Паул Целан

220px-Celan_

Paul Celan

ПСАЛМА

(PSALM)

Веќе никој не нè гмечи од земја и глина

никој не ѝ бае на нашата прав.

Никој.

Слава ти, Никој.

Од љубов кон тебе

сакаме да цутиме.

Тебе

во пресрет.

Ништо

не бевме, не сме, не ќе

останеме, цутејќи:

таа Ништожна, таа

Ничија Роза.

Со

прашница светлодушна,

прашников конец пустонебесен,

листен венец црвен

од збор пурпурен, кој го пеевме

над, о над

трнот.

Превод од германски: Елизабета Линднер

08.03.16

Ана Голејшка

12825146_10153956278228516_883845343_n

Ana Golejshka

***

мајчината утроба
е вселена
ние, во скафандери од кожа и клетки
со цевче – папочна врвка
блиску до сите ѕвезди
во затемнет и очуден простор
се раѓаме
за таму, некогаш и некаде
да станеме астронаути
на сопствениот живот
пргаво тргнувајќи со чекор
мал за нас
голем за човештвото пред нас
растеме и храбро се вивнуваме
повторно
во мајчината утроба
со кожа и клетки
цевче – папочна врвка одамна одврзана
во затемнет и очуден простор
умираме
и така, додека не нѐ запише некој.

01.03.16

Рајнер Марија Рилке (1875-1926)

Rilke-neu-BM-Berlin-Teaneck

Rainer Maria Rilke

Пантер

(Panter)

Jardin des Plantes, Paris

Минува крај решетките што се нижат,

преморен, та веќе не крева поглед.

Небаре се илјадници шипки што се движат,

А зад низата шипки не постои свет.

Кротко чекори, лесно но со цврстина,

во ситни бескрајни кругови галопира ,

небаре е танц за надмоќ врз онаа средина,

каде огромната волја замелушено се збира.

Повремено превезот од зеницата се крева

нечујно -. Та во него слика вовира,

со напнатиот спокој на нозете се слева -,

и во срцето потполно замира.

Превод од германски Елизабета Линднер

Книга 225 од Sвездите на светската книжевност

24.02.16

Игор Исаковски (19.09.1970-15.12.2014)

isakovski4

Igor Isakovski

АЈДЕ ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА ВРЕМЕТО

ајде да зборуваме
потполно празно
без обврски
без болки без солзи

ајде да си кажеме
божем присилени
што предвидуваме
силни ветришта
врело сонце
тешки дождови
ненадејни молњи
насетени громови

ајде да се прошетаме
можеби вечерва ќе врне
можеби нашите заборавени чадори
ќе бидат мокри како нас
мокри како нашите очи
мокри како мојата утроба

ајде да тргнеме
на секое место оставаме дел од нас
насекаде потсетници
за присуство
кое е тука за да потврди
колку сме отсутни
колку нè нема

ајде да се надеваме
во растопениот асфалт
ќе останат нашите стапки
за да се познаеме
ако решиме да се вратиме

можеби утре
ќе блесне од сводот
и нема да се лизгаме при одот
можеби утре
баш утре
ќе ни тргне
разговорот за времето

ајде да си признаеме
ништо ново нема да си кажеме
ќе зборуваме за времето
ќе се обидеме да не прогнозираме
и ќе бидеме мокри
до гола кожа