::Стихотворба и слика:: Poem and Picture::
Даниел Карeски
Daniel Kareski
Си имал и полоши денови од овој
Си имал и полоши денови од овој,
си бил озлогласен убиец на сонови,
неуспешен урнек на радост, одминувач на сите твои минати животи,
залутана далга сред мракот на душата …
на телото …
Вчера си го ветил денес,
си се извлекувал од ваков неред лесно
некогаш излезот бил право, а си морал десно.
Си бил безмалку схолистичка мапа на нечиј телесен бродолом,
откинат дел од организирано мачеништво
во чест на најнебитната кауза на светот –
во чест на алтруизмот…
Си имал и полоши мигови од овој,
си бил конвенционален, медиокритетен, осамен,
како неисполнет услов за работна виза,
крив набор на мозок забранет од сегашната власт.
Си имал и покуса улога од самододелената.
Поарбитрарна. Попроста. Оригинална.
Си ги имал сите нераскраени краеви како отплетени котелци на страста,
како истрошена потковица закачена на влезниот праг од мизантроп.
Срце-факир наденато на шилестите рабови
од процепите во телото. На другиот.
Збогувањата ти вределе повеќе од поздравувањата.
Залудно си го думкал огнот на омарнина,
си го гаснел телото додека гори душата.
Си бил тишина поприсутна
од сите вреви на животот (од сите липања на смртта),
само еден жалосен стих – начкрабан на се’
освен на чист бел невин лист хартија.