:: СловоКулт :: литерАРТура :: 2020 :: Биенале за современи уметности2
Марија Грубор :: Дорит Требелjар
Јано, де пушти музика за краеви
за точки и завршетоци
изветреани проблесоци
од вистината грубо откорнати исечоци
и под тушот
тивки
вресоци
знаеш, оние кои те оставаат со чувство
ко три века да си бегал од глутници
ко три века да си чекал пред судници
ко три века да си копал во афрички рудници
за на крај да откриеш
дека глутницата е посилна од тебе
дека судницата е со изминато работно време
и дека злато нема
а младоста требало мудро да ја потрошиш
играјќи тетрис дома.
да, најди ми музика
за истечено време
за слечено бреме
за абортиран стремеж
за дваесеттина години лабаво шетање
низ лавиринти од патетични краеви
сопнувајќи се на недолупени мисли
и неупотребени глаголи.
денес е крај на краевите.
не ми се доближувајте.
сите сте мртви
а јас веќе не зачнувам умирачки.
само ти, Јано, дојди
и најди ми музика за завршетоци.
::Дорит Требелjар :: Без наслов :: 2014