Стихотворба и Слика / Poem and Picture

Марија Дејановиќ :: Михаела Штрумбергер

Време на долго закрепнување :: Олтар 

HR :: EN :: DE

Дојдовме во години во кои зрелоста

нема врска со годините:

птиците меѓусебно се разбираат така што со движењето

ја подражаваат орбитата

на небесните тела.

Жабите пловат по морињата

користејќи ги своите мазни грлени мембрани

како едра.

Седумте дена самотија изминаа вака:

првиот ден не ни сфатив дека сум сама.

 

Вториот ден, секојдневието

беше вообичаено.

Ништо не јадев

и малку спиев,

зготвив супа од твојата кошула

во случај на врата да чукне некој гостин.

На крај со неа ги измив прозорците,

подобро е така отколку да фрлам

некаква навреда во насока на вратата,

вратата низ која никој не минува зашто тоа го забранив,

вратата што е заклучена,

зашиена во топлиот ѕид на мојот желудник,

проголтана ежова куќа.

 

Третиот ден, сфатив дека сум сама.

Рибите се исплашија и се собраа в јато.

Одржаа состанок на кој одлучија

дека од утре ќе живеат како сребрени лилјаци.

Ќе летаат кон светот, ќе ги затворат очите

и ќе ги бројат деновите со сензори што ги носат в грло.

Одлучив да останам сама

и да ја прегрнам својата нова состојба

како време на долго закрепнување.

На четвртиот ден не се сеќавам.

 

На петтиот ден добро се сеќавам,

но не би сакала да зборувам за него.

 

Шестиот ден одлучив:

ќе бидам сама.

 

И навистина, седмиот ден.

Како да распукува мраз во моите колена,

во моите благодарности,

во зглобовите на мене-пајакот

што наликува на пес,

во забите на мене-лисицата

што наликува на волк.

 

 

Превод од хрватски :: Исток Улчар

 

СловоКулт :: Видео за фестивалот :: СловоКулт :: литерАРТура 2020