::Стихотворба и слика:: Poem and Picture::
Борислав Јарчевски

Borislav Jarchevski

 

Звук

 

A sound vibrates throughout the universe and then it states:

There’s no such thing as empty space

(Lee Scott – Spaced)

 

 

1.

Огледало ѝ е на Психата матна.

На космосот близнак.

Загатка без одговор и јасна.

Пливка над немерниот понор

На плитката филозофија.

Воспев на чемерот и сласта.

 

Го носи духот на илјада Илијади,

Милијарди цупкачки стапала,

Зборови неречени и сени повлечени,

И безброј замелушени глави.

 

А тој што го нашол и тој што го чул,

Ја заменил својата излишна среќа

За семир свој бессетилен да створи.

Да чуе и, од таа граѓа, мигум

Светот да го претвори во точка.

Точката во сè. И сето во звук.

 

2.

Чуј го гитаристот под стреата

За пет пари што свири.

Зар не звучат жиците в стега на корави прсти

Како тежина да трпат од колена мртви,

Срчени ѕвездооки среќи и корави срца,

Од народ кој се клања и народ кој се крсти?

 

Зар не звучи одекот од шуплина дрвена, лимена,

Кожа распната на венецот на едемски гранки,

На сите човекови јазици во несфатлива хармонија,

На сите камење од градови и друмови

Во алемкамен подраг од тој небесен златник,

На ветрови високи и крајморски шумови

Во податомска игра на безгрижност и шанса?

 

Зар не живеат сите богови, „изам“-и,

Призми калеидоскопски,

Белегзии плавокрвни и пранги ропски,

И сите многуаглени богови

И сите со нула помножени броеви

Во тоа роденче човеково,

На човека химерична енигма,

Во слика на невозможна совршеност,

Мисла бесмислена, какофонска хармонија,

Без правила игра?

 

И човек кога првпат ќе се сретне

Со самиот себе во најсмртна смисла,

Зар не треба после патот да го тера

Со иста лесна нога,

Со танец, со песна,

Сè додека ритам и скала и модус

Светот околу него не го стишат?

 

Билјана Василева:: Без наслов::
Biljana Vasileva:: Untitled::