Д.А. Лори
D.A. Lori
Слика:: Silvia Lorenz::Soft City::2017:
Љубовта е брза и гладна ѕверка
Еднаш бев илјада години стара,
го имав слепилото на пророкот
и лудилото на кралот,
товарот на времето и душа млада,
и слика од мене сама на маса
како се вртам и сучам, чекајќи те тебе, само тебе…
Еднаш бев река која поседува море
(или можеби беше обратно?!)
која тече и се прекршува, во тишина и татнеж
носејќи ја тежината на каменчињата
и леснотијата на облачињата,
се тркалав и превртував накај тебе, само накај тебе…
Еднаш или двапати, можеби и повеќепати,
се обидов да умрам, да ја откинам болката,
да ги избришам линиите и скријам знаците дека си ти,
да ја затворам вратата и да те скријам од сите,
да те скријам во сржта моја, само јас и ти да сме,
и сепак на крај беше ти, само ти…
Можев да бегам, требаше да бегам,
ама љубовта е брза и гладна ѕверка.
И небото да го искачиш, отаде животот да стапнеш,
пак ќе те улови, цел ќе те изеде и со круната ти ќе се накити.
Колку и да бирам, што и да изгубам,
сѐ што ми останува си ти, само ти…
Војна
Ела, дојди, ќе пролеваме крв залудно,
ќе ги испишеме ѕидовите на светот со црвено,
после истите ќе ги срушиме и ќе се каменуваме.
Дојди. Вака, како сме тргнале
ќе стигнеме секој до својот нос.
Со веѓи сраснати за образи
Ќе се прпелкаме во ништото.
Каков потрошен материјал е човекот,
а ќе си речеш, му дале да дише,
да се роди, да живее, да љуби,
да губи и да добива,
и ете нè пак, жедни за смрт,
гладни за нечие срце,
заспиваме сити, изглоданата коска
ни се слизнува од дебелите стомаци.
Ела, дојди, и не заборавај
да понесеш ножици,
да го пресечеме она конче
на кое ќе висиме,
сами, бледи, голи и измрзнати,
со крв и војна под нашите нозе.
Не заборавај да ги понесеш солзите,
да исплакнеме очи,
не заборавај да ја понесеш
онаа ситна роса љубовна, да нè стресе.
И не заборавај да ме прегрнеш.
Како инаку ќе знаеме дека
сме грешеле и сме пустошеле?
Кутар човек.
Мисли, ќе се покае, ќе му помине,
ќе му биде простено.
Сеќавање-лавиринт
Понекогаш
постојам
само во сеќавањата на една љубов.
Чекорам по површината
на тоа море од емоции, ко некој Исус,
и си мислам, среќна бев.
Имав неколку години на број
и сите си ги знаев напамет,
зашто ги гледав во бројките на часовникот,
на регистрациите на автомобилите,
во голтките вода,
сѐ што можеше да се брои.
Се сеќавам на уличката до тебе,
и сѐ што ми беше земено,
запалено ко лист хартија
и издувано ко пепел на дланка,
сите убавини однесени
од некој непознат ветар,
и јас, болна од сивило.
Брзо си најдов утеха;
можам јас самата да раѓам убавини.
Оттогаш,
редовно забременувам и раѓам.
Ама најтешко ми паѓа
Кога го носам твоето его,
најголемата грдотија на веков.
Рано го одбивам,
го испуштам гладно,
да лута.
И пак го наоѓа патот до мене.
___________
од збирката “Со ветрот под рака”, Антолог, Скопје 2016
Силвија Лоренц::Soft City::2017::маслен пастел
Silvia Lorenz::Soft City::2017::oil pastels::
Лепливи зборови
Ретко кажуваме што не е кажано претходно
Ми се крши срцево и јазикот.
Само што сакав да ја анализирам
Анатомијата на зборовите,
Умот ми застана под притисокот
На туѓите мисли и зборови
Немало ништо освен ова небо порано
И ни трошка се нема сменето оттогаш
Го гледам….
Голема мрзлива стоногалка од облак
Само што не ја проголтала мојата омилена ѕвезда.
Ова бледо-сино небо во бескрајно воскреснување
Ми носи повеќе одошто можам да поднесам.
Жештината ми ги омлитавува сетилата,
Воздухот е полн со лепливи мисли,
Лепливи прсти околу лепливо пенкало,
Лепливи, лепливи зборови
Од збирката “Будење во трето лице еднина”, Блесок Скопје, 2014
Слика погоре::
Силвија Лоренц::Битка::2016
Silvia Lorenz::Schlacht::2016