Стихотворба и Слика / Poem and Picture
Josip Kocev :: Arno Bojak
Јосип Коцев :: Арно Бојак
Кутија
Спијам гол,
со превез на очите,
не знаејќи со кои
ветрови љубов да водам.
Колку безначајно тело имам…
Тефтер на кој
сите чкртаат
раскопчани мисли,
реки со корита
од една до друга рана…
Никој не ми
ја позна душата
низ него,
а нели очите не
треба да ме кријат…
Како да се протегнам
во оваа затворена кутија,
кога надвор, лудите вселени
секој миг раѓаат по некоја
нова планета,
а јас сум
бескрајно стар и пеплосан,
ветен за виори и разнесувања,
колеблив за многу тишини,
покаен за сите говори…
Заборавам да просипам јаве
кога чекорам низ сонот,
да можам да се вратам назад
штом сликите ме држат
во горчливи бои,
и секоја од нив ме пцуе,
а јас ги замачкувам
и ги бакнувам,
зашто ми говорат
чиста вистина.
Толку слоеви од мојата целост
ќе изгнијат неоткриени,
неизложени на светлина…
Ќе умрат неродени,
свиткани и болни,
разбегани од наезда
на стаорци што го
глодаат непознатото.
Поштедете ме од неизговорено,
иако знам дека нема такво.
Им верувам само
на пространите пустини,
полни со ништо.
Слика:: Арно Бојак :: Даун во Херат::