::Стихотворба и слика:: Poem and Picture::
Мартин Пиекар:: Martin Piekar

Фото:: Шарлоте Вернт:: Charlotte Werndt 

При проучување на подготовката на чај

Да се забележи, дека филозофијата исто така треба да отстои

Дека ветрот се чини е поадекватен соговорник

Отколку што сум јас

Дека желбата за безумно пукање наоколу мириса на Цејлон

Да се забележи дека песните ми го процедуваат

Времето за отстојување

Дека не знам да подготвам чај

Без да мислам на стихови

Дека моето конзумирање шеќер е истоветно со перверзија

Дека дождот го препознавам на

Земја, не на небо

Дека ветрот исто така мора да отстои

Дека веќе нема посебна салама дома

Дека го заборавив времето од денот

Зашто толку често пијам чај

Дека времето е проблем

Дека парите се проблем

Дека веќе нема рум дома

Да се забележи, дека не сум баш по времето и парите

Дека површините на водите можат да имаат

Напон како и песните

Дека има песни што ги читам како чај

Дека се чини 4′33″ на John Cage е перфектна

Песна за подготовка на чај

Дека никогаш не се интересирам за темната

Страна на Glory Hole

Да се забележи, дека истата ја сожалувам

Да се забележи, дека сигурно изгледам смешно

Кога сипам чај

Дека сите очекуваат кафе и цигарче од мене

Да се забележи, дека од себе очекувам песни

Дека мојот чај е виновен за неухранетоста

Дека чајот се одгледува на плантажи

Дека тоа се и мои робови

Дека набљудувам уметнички дела

Како што набљудувам прехранбени производи

Да се забележи, дека филозофијата може да биде мантра

Дека алтернативните партии исто така

Можат да поминат како партии за забава

Дека партиите полни омраза не се

Никакви алтернативи

Дека уште не сум отворил прозор

Дека човек никогаш

Не смее да предизвика вљубена жена

Дека луѓето, кои скандираат Медиуми на лагата,

Сакаат самите себе да се овистинат

Да се забележи, дека не сакам да се возбудувам

Кога треба да се возбудувам, и заради обврска

Дека три до пет минути се долги во зима

Дека три до пет минути се кратки со музика

Дека три до пет минути се доволни

За прописно бомбардирање

Дека стварно не сум баш по времето

Дека станувам патетичен

Кога станува безвремено

Да се забележи, дека мојот ексцес е во патосот

Дека мразам спакуван чај

Дека на Асам мирисот е како твојот вкус

Дека веќе нема ама ич рум дома

Да се забележи, дека никогаш не можам да изнесам

Толку трпение, толку мисли, како

При проучување на подготовката на чај

Превод од германски:: Елизабета Линднер

Од стихозбирката:: Amok Pervers:: Verlagshaus Berlin:: 2018

Слика:: Симонида Филипова-Китановска:: Чајникот и неговата душа:: акварел 2017

Simonida Filipova-Kitanovska:: Teapot and it’s soul:: aquarel 2017