:: Стихотворба :: слика ::

Горо Такано* :: Страхил Петровски

 

Политика на поезијата

Превод од англиски: Небојша Васовиќ

 

English (original) :: Deutsch 

 

„Не би можел да се пофалам со некое знаење

Глуп сум, избувлив и постојано раздразлив

Секој ден сум изгубен без соодветна мисла

Неспособен да бидам вечно љубен“

Го велиш тоа и почнуваш да ме напушташ

Нејќам да те загубам туку-така

Кога заборавам на сѐ друго

И јурнувам на пешачкиот премин

Го наоѓам сопственото безживотно тело

Бедно спружено крај моите нозе

Можеби е прегазено и оставено

Минувачи се збираат околу трупот и дрдорат:

„Смрт од преработеност? Смрт во војна? Самоубиство?

Атентат? Смрт во затвор? Давење?

Еутаназија? Смрт од болест?

Незгрижена смрт? Природна смрт? Зошто

сите тие безначајни нагаѓања звучат точно?

Си доаѓам на себе и ми текнува каде сум тргнал

Повторно почнувам да брзам до таа познатата продавница

Каде, како и секогаш, може ќе има долга редица

Не сакам веќе да останам да чекам во редот

Уште не сум сигурен што ли ќе добијам по чекањето

Луѓето несигурно велат дека тоа мора да е „среќа“

Денешната редица се чини многу подолга од порано

Додека како последен се прашувам до кога да чекам

овојпат го контролирам своето дишење,

една девојка пред мене се врти

и вели: „Врска немам зошто толку луѓе

очајнички сакаат да се вратат во телата што ги загубиле

Ќе полудам ако она што ме чека денес

кога ќе дојдам на ред не е ништо освен распродадено“

Долгата редица и понатаму се издолжува зад мене

Последниот збор што ми го кажа пред да заминеш

ми се враќа: „Ти сепак си лажливец

Ми вети дека ќе го научиш јазикот на мојот свет

Но не го научи, како ни сите мои претходни љубовници“

Еден старец нагло се напикува

меѓу девојката и мене

Го игнорира мојот прекор и возвраќа:

„Се борев против непријателот за вас, а сега за ништо не ме бива!

Ај погоди зошто им се посветував

на сите анти-воени движења по таа залудна војна?

Заради среќата на сите вас, луѓе!“

Го пуштам во редицата без да му возвратам

Продорен глас јасно се слуша одзади:

„Леле! Бог да чува! Далеку од човечно“

Ова ми се потсмева? Или ме фали?

Една старица нагло се напикува

меѓу старецот и мене

Пребледува од мојот протест и ми одговара:

„Зошто цело време ги третираат добро само експертите?

Она каде животите на не-експертите цело време се сметаат

за занемарливи, не може да се нарече општество!

Што да правам освен да ви се силам вас овде,

кога никој не сака да ја чуе мојата тишина?“

Таман решив да ја пуштам да остане,

друг пискав глас почна да повторува зад мене:

„ Далеку од човечно! Далеку од човечно! “

Се вртам чисто од љубопитство и забележувам

дете со ангелски лик како ми го штипка ракавот

и го влече полека како да ги застапува

сите луѓе наредени зад мене

Лицето на детето постепено ме потсеќа

на некого на кого матно се сеќавам

Непознат униформиран младич ни се приближува

на сите во редицата и ни соопштува со почит:

„Пред купеното подоцна да ви заврши во кеса за ѓубре,

ве молам дозволете ми да го купам заради сите ужалени,

како и заради нашите животни истории и мојата насушност“

 

 

Страхил Петровски :: Искушенија**

 

Како што редот повторно почнува да се придвижува,

неколку гласини се шират зад мене:

„Распродадено? Зар веќе? Пак ли? Толку рано?“

„Вистина ли е дека воопшто нема персонал во продавницата?“

„Што не влеземе да ја пљачкосаме?“

Непознатиот младич стои до мене

и свечено известува: „Сите вие оттука

па до самиот крај на редицата примете добронамерен совет

денес да си одите дома и да се вратите пак утре“

„ДАЛЕКУ ОД ЧОВЕЧНО! ДАЛЕКУ ОД ЧОВЕЧНО! “

Само оние кои се покорија на налогот на непознатиот

и решија да ја напуштат редицата (сосе мене)

испадна дека го преживеаја денов

Сите оние што останаа во редицата

испадна дека подоцна ги снемало еден по друг

За овој факт бев известен неколку дена подоцна

Во најновите вести кажаа дека по итното повикување

на државното право со прекар „Политика на поезијата“

оние пред мене во редицата се предодредени да им

се суди како на „напредни граѓани кои сo право веруваат

дека човечката душа престојува само во видливото“

додека сите други во редицата (сосе мене) се предодредени

да бидат сметани за „будали кои уште веруваат

дека човечката душа престојува само во невидливото и

дека човек мора постојано да си ја остри мислата за да ја види“

Нашата влада, според извештајот, заклучила дека

само првата група може да ја добие својата “среќа“

Што ќе се случува сега во мојот живот без

бутањето преку ред на оние старец и старица?

Во сеќавањето ми се враќа ангелското лице на детето

кое се жали: „ Глуп сум и избувлив“

(Јас ќе кажам: „Секогаш си искрен и чесен“),

кое себеси се сожалува: „Изгубен сум, без соодветна мисла“

(Јас ќе кажам: „Ги чувствувам твоите стремеж и виталност“)

Кога редицата беше поделена пред мене

Дали детето сѐ уште ме влечеше нежно за ракав?

Зарем детето немаше да ме турне силно по грб?

Се враќам на пешачкиот премин веднаш откако

ја напуштив редицата за повторно да го набљудувам својот леш

Наоѓајќи го безживотното тело украсено со цвеќе,

почнувам да се прашувам кој живот е далеку посреќен:

Да умирам прекрасно во цветни илузии?

Или да преживувам валкано во сурови реалности?

Дали еден ден навистина ќе успеам да дојдам до најдоброто решение?

 

 

* Goro Takano / Горо Такано е современ јапонски поет кој пишува претежно на англиски.

** Делото на Страхил Петровски :: Искушенија :: 2023, инсталација, реди мејд објект (дрвени летви, памучна маица, дрвени палети, метално корито, метални цевки, акрилен спреј, цртеж/слика на хартија, дим: варијабилна)