::Стихотворба и слика:: Poem and Picture::

Ханс Карл Артман (1921-2000)

н

(c) Емили Артман::Emily Artmann

H.C. Artmann (1921-2000)

бесполезно ми одминуваат деновите         

а дождот се сонува  себеси

во крзното на кафените полиња

 

таа ја отпушта дланката од мојата

спушта лале во сенката

птица со ноќен умор во дрвото

 

каква ми стана песната

што промени јазикот на нејзината музика

што се случи на веѓите на римата

 

устата ми се одвојува

од убавите зборови

како лист од грмушка

 

два коња што пасат ден за ден

уште доволно трева волнено-гривна

осум копита над креветот на моето срце

 

како некому пристигнува есента

како нежен пријател

а мене сè ми навлегува горко в крвта

 

камбаните на вечерните планини

маглата во утрината на морски предел

кој сака повеќе од мене

 

ве молам вас невидливи

при волшепството на билки вам послушни

прочистете го отровот од пелинот

 

кога минувам низ ноќта

не сум веќе пријател на месечината

порано ми беше драгоцена

 

веќе не ме радува ниедна ѕвезда

ниту шумоливите крошни

ниту ѕвонот во шумскиот поток

 

својата далечина ја наплатив

кај една девојка со светлината

од мојата радосност – прашајте други

 

беше како лет на дива гуска

по кој качен на убав рид

се загледувам со тажен поглед

 

како светкањето на пастрамката

меѓу камчиња вода и сонце

секој рибар ме разбира

 

како росата на планински пасишта

што ја видов уште утрината

што ќе ми е пладнето

 

нема ништо на светот

каде не ја здогледував

ослепувам од линии

 

нема ни лист ни сламка ни трска

ниту раст на цвеќиња што не ме

потсеќа на нејзината драж

 

магла и месечина

јаболковите гранки натежнале убаво

над земјата на есенските ливади

 

желба ми е еден шатор

токму голем како за двајца

исечен од надворешноста

на нашите тела

 

до каде секој со по едно око догледува

 

внатре во оваа тврдина јас врз неа

речиси затетеравен стравувам

за храброста

 

ко јастреб меѓу дожд и убиство

ќе дојде ли

ќе ја намами ли мојот вик

 

ќе го сошие ли магнетната игла на желбата

моја нашиот шатор цврсто

 

како црвено вино деновите мои

како мирис од блиски брестови

час по час пулсирачки од вените

леко лабаво разврзани

сенки на поток со брз тек

 

пасишта или клепки  –

чуму впрочем разлики

 

видов три елена на работ од шумата

полека копитареа низ

џуџестите црева од мов и папрат

јас својата крв својата кожа и

копнежот на мојата уста што чека

ги измешав со нивниот темен вресок

 

ниедно волшепство не ми остана туѓо

 

Превод од германски::Елизабета Линднер

од збирката “Вербариум”, Арс Ламина, 2017

сите права задржани и благодарност (c) Роза Пок (Артман)

DEUTSCH

Моника Мотеска::Допири::1996::::Monika Moteska::Berührungen::1996