Стихотворба и Слика / Poem and Picture
Elizabeta Lindner Kostadinovska :: Mia Simonovska
Елизабета Линднер Костадиновска :: Миа Симоновска
Апсурдноста на дело,
денес, секогаш и во вечни векови
Аман
удира од немајкаде насекаде
возудира до бескрајот
небаре не постои крајот
наш негов твој сечиј
сега секогаш и во вечни векови
во бездела и безволји за некои
човекови вековни неволји
во апсурден сон од сивило и свила
и превез врз сонливите погледи
разбудени од лекови
разубедени и разуверени
сега секогаш и во вечни векови
зајдовте зад зајдисонцето
или беше изгрејсонце
никој веќе не се сеќава
ојдовте зад недојдија
или беше незгодија
пред и зад трагедија
апсурдноста нe’ уапси
во безумие и зајдиземјие што не знае
да зенити ни со знаењето
најпрвин и најзначајно
подземјето го гази
со демократска чизма
под шареното знаме на
белосветската лажна призма
катаклизма комунизма
капитализам социјализма
апсурдизам апсурдизма
денессекогашивовечнивекови
аман
во последната молитва
на немите и слепите
за помалку апсурдно утре
се практикува мелодичноста
на милозвучната падежност
каде паѓањето е придружено
од надлежност и лажност
во секојдневната кама-сутра
на политичката реалност
наречена апсурдна стварност
денессекогашивовечнивекови
аман
катаклизма на северизмот
северизам на апсурдизмот
апсурдизам на садизмот
сега секогаш и во вечни векови
аман за аман
таман
МИА СИМОНОВСКА::