:: Стихотворба и слика ::

Рон Винклер :: Иван Ивановски

од Биеналето за современи уметности :: СловоКулт :: литерАРТура :: 2020 Берлин

:: Deutsch :: English ::

 

Алпска пречка

превод од германски :: Елизабета Линднер

 

оди низ клисурата од која и брановите се прекршуваат,

светла како магнезиум што согорува, месо од летни јаболка,

влијанието на Кина

има тежина сè до краевите од усните обликувани во насмевка,

кои при губење на притисок речиси соодветствуваат со работ од

гребенот

таму каде одронот изразен од тебе станува тајна,

да се биде во двојка како Крусо.

верувај му на својот јазик, на трахеите над глечерот,

за дивите животни да можат да се навикнат на тебе уште раносезонски.

стеблата на дрвјата со нешто како кадифена видра премачкани.

стеблата на дрвјата со нешто.

во долината (небаре ја познавам) населеност, која се чини се одржува како

потиштеност.

ова сега мора под итно да се тргне од органите за допир.

вилини коњчиња што на многу висински метри од вистината се пуштаат да паднат, кои биле твојата внатрешна носија.

или штурците, непроблеснати од градот.

како само мирисот на смола црцори, како карпест ѕид што ти се спротивставува со својата тундра.

чудесниот линиски код на иглите од една елка

(смрча, пинија, бор, ариш.)

како што во течението на потокот се наоѓаат неоникотоноидни соли од грабливец, проучи ја со различни временски мирудии маглата што настанува и оствари.

зад себе остави еден масив: продај го тоа

како „премерливо“, надоаѓачка маргинализација:

чиста бестежинска состојба

низ целокупната панорама сé до просвтелувачката болница[1],

каде твоето делување те напушта, прекриено од мов на глуварчиња од реткото лето.

Твојата глава во клисурски морени, казан со пивтиест воздух. твојата глава

во честар од отровни вени. на меѓите надалеку полиетиленска ферментација.

твојата глава во неповолна положба во смрзнат снег. во висока шума и висок асфалт.

твојата глава во заоблена наоблаченост. кршење на мирисот. топење на височините.

твојата  глава во „се реси“, се губи како сопрен мразен простор,

прегазување дивеч, ‘ржење што не престанува. по експлозиите твојата глава

во сончеви сводови, во „наглавечко одење низ клисури“,

каде сфингите одново несат.

некогаш и метеоролошки почеток на истоштеноста.

наоѓање починок во капката предвидена за тоа.

ова е изворскиот предел на кој танцувам. низ кој минуваат Шерпите,

за да го изобличат Еден. наточат гориво.

три коњи е паркот (кои сакам да ги преземам со тебе).

високо степенуван до емоција донесува поле од висок снег врз полјанка и дланка.

застапувајќи ги сите оние, кои го видоа ова.

оди низ клисурата, енклава во вонклеточен простор,

и викај. викај време. развикај му се на времето со шума.

јас останувам. останувам поимлив. останувам поимлив неврзан.

молекуларно сочинета осаменост.

испади ги орканите, линиите од кондензација

се црни.

и преврти неколку мислокрилци

на нивната внатрешност, дека се накај дваесет и три вида животно.

земи хоризонт врз

себе. и врати им на гавраните малку

од Камбриумот.

(и незгодни растенија небаре поткршени пасишта на висорамнината, годинава сенобојна.)

како сакавме да постапиме? речен тек, слана, вжарени слепоочници?

мислам дека е океј ако нештата некогаш станат планини.

кога паднатото лисје и движењето напред ги губат своите азбуки само на тебе.

за ти да можеш да кажеш, сето време си го издувавме за тоа,

новододелените угари да ги потапкаме.

тревници, сјаење од одрон на карпа, распрснување на бездната, белирадинезаборавајме,

пријатниот гнев долж растенија одвлекувачи на внимание.

чекор по чекор своевремено осветлување на централната ѕвезда

наутро, момент на Феникс како биотопите што се пројавуваат длабоко во тебе.

дали Земјата е шуплива, почвата? или има магма во нештата?

во верверичките кои го утнале патот?

дали има магма во ноќите со млада месечина, што го обвиваат теснецот?

во излуштените божји ќошиња. дали во генцијаната е содржана истата

магма? заедници на сигурносни јажиња што го маркираат работ на можеби шупливиот океан?

така се претстави, како секој срт да е одново лиен.

како твоите траги да го обликуваат инхумираниот пејзаж – идила која не е само за да некоја или некој

го достигне врвот: твојата спонтана мутација,

која на себе привлекува секавици.

одземање вода е неопходно и ѓаволски канџи во низината со оскоруши,

билен тапацир од бакарен тепих полн вдовици-цветови[2],

мажики[3] (за љубителите на поило-културата). тие беа твоите раукари во кула

за добивање сол? дали во нив се образуваше твојот Сахелов појас?

ливадите беа прошепотени: медуника и низ многуте години нежно се зацврстува.

кон нив додаден распламтен цвркот, повеќекратно маркиран како траен.

над нивните плодови што го исцрпуваат небото, јарбол-преносител за сите

вообичаени делфини. таму можеш да престанеш да ми ги тренираш перките,

да видиш ’рбетницицачи изоставени од егзистирање.

имам рецепт за овој нов глацијален регион. потопен во масло и базичен.

и тој се наоѓа во пречката:

под снегот величина на букви од 400.

под целокупните облици на појавност, дали се криптогами фемто-организми или наназад приматизирани живи суштества.

под струење, но и седеф. горејќи под твоите нозе.

под оние, на кои би требало оддолу да им се доближиш,

согласно правилникот за бегство.

под порој од терен што самиот си го истакнал.

под сите знаци што ги имаме расфрлано меѓу нас,

како за да кажеме: нема да си го удозволиме ова.

за ти да не погазуваш заштитени области.

со тивкото мрморење, со кое твоите боси табани се вметнуваат во пловниот чакал.

чакалот од сè што се наоѓа таму.

што кога било се наоѓало.

 

 

[1] Illuminative Hospital, заб. прев.

[2] Од родот Knautia

[3] Од родот Androsace

 

Видео од преносот/стримот ::