::Стихотворба и слика:: Poem and Picture::

Јанис Поптрандов

Jannis Poptrandov

Додуша жолта, ама не таа жолта

во магацинот, триесет

метри под земја

повторно беше

тесно и загушливо

а сонцето, се под-

разбира, ни една

единствена секунда

не се појави, целата

пролетна колекција

мораше што побргу

да ѝ отстапи место

на меѓуколекцијата, над

илјада и шестотини

кутии со чевли

чекаа да бидат

извлечени од

рафтовите и

испратени во

Баварија,

директно во огнот

на депонијата за ѓубре.

Зграпчив една од овие

сини картонски кутии, а

потоа и следната, а потоа

за среќа се досетив,

дека пред единаесет

години армијата на САД

вмаршира во Ирак,

овој јубилеј мораше

по секоја цена да

се овековечи во

песна, значи

се фатив за

пенкало и ливче и

ја пуштив прописно

да растури. Воени авиони

трештеа над

Багдад, бомби

детонираа, а

ирачките цивил-

ни жители

беа растргнати

на партали, бомбите

имаа некоја

чудовишна

експлозивна сила,

продупчуваа

цели

катови

и навлегуваа

длабоко во подрумите,

семејствата што бараа

скривалиште немаа

никаква шанса.

Ноќ за

ноќ Американците

летаа во напад,

мозочна маса

шлакаше по

ѕидот,

таткото

на осум девојчиња

најпрво ја изгуби

левата нога

потоа левото

око и потоа

ѕвонеше телефонот.

Лично и персонално менаџерот

на продавницата.

“Да молам?”

“Најитно ми требаат

сини Adistar Racer.

Број 42 со жолт ѓон.”

“Секако. Ќе ти донесам.”

Ги извлеков саканите обувки

од рафтот и тркнав до

продавницата и картонската

кутија му ја фрлив пред нозе

на муштеријата,

кој возбудено чекаше.

“Еве. Повелете. Со здравје

да си ги носите. Фала што сте овде.

Во секое време сте повторно

срдечно добредојден. Денеска

изгледате апсолутно фантастично.

Благодарам. И Ве молам

препорачувајте нè.”

Назад во магацинот повторно

се занимавав со војната.

По секој воздуш-

ен напад остануваше

само смеса. Триесет,

четириесет, педесет ирачки

тела претопени едно

во друго –

мајката со

чичкото со

новороденчето со

тетката, една

гигантска каша

од безимени

коски,

помешани со

кожа,

ткиво,

коса, црева,

песок, крв и

метал,

уметничко дело на

пеколот во име

на демократијата.

Телефонот заѕвони.

Повторно менаџерот

на продавницата.

“Најитно ми требаат

сини Adistar Racer.

Број 42. Со жолт ѓон.”

“Пред пет минути

донесов горе.”

Хилма аф Клинт:: Гулаб бр. 12:: 1915:: Hilma af Klint:: The Dove Nr.12:: 1915

“Ѓонот е додуша жолт, ама не

таа жолта.”

“Не таа жолта?”

“Муштеријата сака малку

потемна жолта. Оваа жолта му е

пресветла!”

Не велам ништо. Ни збор.

“Ало. Тука си уште?”

“Да.”

“На интернет ги наш-

ол Adistar Racer со светложолт

ѓон, а ти си му донел од тие

со темножолт ѓон.”

“Чекај малку. Мислев дека

муштеријата сака ѓон со малку

потемна жолта.”

“Не. Сака ѓон со

светложолта. Ѓонот е додуша жолт,

ама не таа жолта.”

“Јасно. Ќе одам да проверам!

Не се помрднав од место.

“Жалам. Немам веќе.”

“Сигурно? Според системот мора да има

уште два пара од овој број. Муштеријата

специјално се јави кај нас и се возел низ

пола град, за да…”

“Не, кај мене нема.”

“Сигурно?”

“Апсолутно.”

“Чудно. Се чини системот

е пак дефект.”

“Не е првпат.”

“Испратени се барем обувките што требаше?”

“Тие илјада и шесто за депонијата за ѓубре?”

“Токму тие.”

“Вчера ги испорачавме.”

“Топ. Тогаш ќе пренесам така.”

“Што е со моето накачување плата?”

“Поднесено е барање, ни треба уште

океј од локалниот менаџер.”

“Јасно. Фала. Сега да продолжам.”

Во магацинот, триесет

метри под земја

повторно беше

тесно и загушливо

а сонцето, се под-

разбира, ни една

единствена секунда

не се појави,  Американците

мораа да се пожалат

за четири и пол

мртви што се наоѓале

во двата хеликоптера што

се акнале еден со друг и

еден пијан војник од пешадијата

кој си го чистел оружјето,

забите на Садам

набрзина ги провериле

дали имаат кариес

и ете опала

веќе висеше

на бесилката, Америте

немаа план како

треба сево ова да продолжи,

наскоро детонираа првите

бомби, дури и во

зелената зона и не

само таму, насекаде експлодираа

опасачи со детонатори, во Басра,

Киркук, Тиркит, во џамии,

пред болници, на свадби,

и одненадеж, од нигде никаде

се појавија радикални екстремисти,

никој не знае, од каде сега наеднаш

дојдоа и тие, а жителите на селото

се каменуваа, новинари се обезглавуваа,

фабрики за отров се освојуваа – Ти и јас,

ние и понатаму си одиме да си купиме патики

и врвки, чашки за јајце,

средства за заштита на дрво, зимски

гуми и за сто

годни уште ќе има

осигурувања против

косопад и исто така

пролетната колекција ќе ѝ

отстапи место на меѓуколекцијата,

Хилма аф Клинт:: Гулаб бр. 13:: 1915:: Hilma af Klint:: The Dove Nr.13:: 1915

Земјата се врти сè побргу и

побргу и сè понатаму и

понатаму, сè додека

еден ден не се исповрати

врз месечината.

Превод од германски:: Елизабета Линднер