Стихотворба и Слика / Poem and Picture

Шон Бони :: Sean Bonney

Антиматерија

DEUTSCH                         ENGLISH

1.

Додека си го гребеш името во огледалото умреа уште неколку стотици луѓе. Претпоставувам тие постојат надвор од границите на она што ти го нарекуваш „добрина“. Добрина, која во твојата уста има густина на отпадна вода. Кога се смееш звучи како вошки да вријат.

2.

Антонин Арто беше закопан жив и додека гниеше знаеше што прави. Големи црви му го разјадуваа телото. Тогаш дојдоа малите црви. Потоа оној вид со арома која нема мирис, нема историја или држава или тело. Оние души кои фашистите ги нарекуваат бегалци или депортирани, ако воопшто некако ги нарекуваат.

Но, чекај, веќе не ни е дозволено да го користиме тој збор фашист.
Непристојно е, ни беше кажано, да ги нарекуваме така.
И така тишината која беше нарекувана град се полни со врева.
Ларвини крици кои звучат како да се живи.

 

                        број 9 му рече на број 4 нешто неопходно
                        не живееме ни сега, а ниту пак претходно 

3.

Софи Шол никогаш не умре
Ниту во 1944 ниту во 2014
ниту во годините престари или пренови за да бидат именувани

Таа чекори низ големите градови
Подава исушени бели рози

Земи една. Носат среќа
Земи една. Осамена е.

Само не прашувај за дупката во нејзиниот тил.
Само идиоти би го сториле тоа.
Идиоти и фашисти што се смеат.

Таа на умирање беше во големи болки.

5.

Ледено е во оваа соба
каде фашистите дишат

Никој не им кажал
дека се мртви
уште од раѓањето на сите планети

дека Сатурн си ги изеде децата

            зашто спокојни и сигурни се рацете на грубиот
            и спокоен и сигурен е умот на глупиот
            тие умови што мразат и тие умови што спијат
            и тие умови што убиваат и тие умови што солзи лијат 

6.

биди добричок
но не биди добричок спрема мене

биди чист
но не биди чист близу мене

нарекувај го чистота нарекувај го добрина

не нарекувај го добрина спрема мене

твојата благородност твојот дух
држи ги далеку од мене

7.

На ова место нема градови или врева

Еднаш годишно има парада.
За мртвите е принудно да присуствуваат.

На ова место што го нарекуваме живот
долго по крајот на нашиот живот

зашто бевме мртви претходно и ќе бидеме мртви пак
бевме мртви токму сега ама ете веќе не сме

И потоа се оние кои не можат да се движат без тртна коска, стоејќи во ѕемнечки задни соби, дишејќи во смртите на други луѓе.

Можеш да ги видиш на стари фотографии, како птици да ги изгребале, и тие гребнатини се она што фашистите го нарекуваат историја и заковани шајки и човекова глад и други зборови што ги користат за да изразат задоволство. Ноќта на земјотресот. Уништени сите триста куќи. Устите разгребани на парчиња.

и така вели господарот и така вели робот
кој ти ја готви вечерата и кој ти го копа гробот

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Превод од англиски:: Исток Улчар

 

Колаж:: Шон Бони