::Марија Грубор::
ја скршив и последната чаша за вино.
мојот дом ме одбива
како лошо трансплантирано срце
и останувам сама во смогот.
веќе не водам дневник.
меѓу мене и мене сè е кажано.
само недоделкани стихови
ми тежат на плеќи,
ама ги ќутам, ги китам и пудрам
ги гнетам, касапам и лепам
и пак – јалова и гладна!
не можам да запомнам ништо.
мојот мозок одбива да научи
како се прави леб,
како се плете коса,
како се калеми круша,
како се пресметуваат проценти,
како се наплатуваат стихови
и оданочува верба.
јас не знам ништо повеќе од ова:
раскостување на душата на евтини салфетки и пликоа од сметки.
со уста полна рефус ресани
и рацете во џебовите без дно,
ја гледам смртта во слепото и око
а таа молчи како напукнато огледало
јас би сè да продадам,
од сребрениот свеќник до селската черга
и гневот и стравот и мувлосаниот таван
и овој пар искинати чевли во кои со години играм едно напред, три назад
ама нема кој да ја купи мојата
полуизедена младост.
џабе вежбам јога,
глумам дисциплина,
кога моето тело тера по свое,
витосано но мудро
раштиман оркестар
грбот – земја во граѓанска војна,
отворен оган, напалм и брадосани герилци
стапалцата – изглодани театарски штици
непокор врескаат дробовите
цревата се во штрајк,
‘рбетот боли, сака земјата да ја допре
а јас само се молам да ме додржи
да не се скрши на две
да не ми олесни!
оти
лесните ќе прснат на ветрот
а водата секогаш нешто носи.