Марија Грубор
Marija Grubor
Марија Груборе дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка, фотографка. Родена е во Велес во 1992, во 2009-та ја објавува првата поетска збирка „Ликвид“, а во Скопје живее од 2011. Високото образование го завршува на Филозофскиот факултет – Институт за психологија, со дипломски труд од областа на позитивната психологија, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки. Во периодот меѓу 2014 до 2016 е стажант по клиничка психологија на Универзитетска Клинка за Психијатрија во Скопје. Во 2015та година од печат излегува „Водата нешто носи“. Како авторка има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, и има учествувано на две изложби во Скопје и една во Белград со дела од нејзиниот фотографски проект Zmajala Poemography. Во изминатите години била дел од повеќе автономни студентски, граѓански и културни иницијативи и колективи. Во Октомври 2017та почнува со работа на Првата Задруга на општествено-културни работници Психоактив во Скопје, каде што е една од трите коосновачки.
На словоКулт е застапена со повеќе песни::
Во рубриката Стихотворба и Слика::
ја скршив и последната чаша за вино.
мојот дом ме одбива
како лошо трансплантирано срце
и останувам сама во смогот.
Слика:: Дијана Томиќ Радевска::
Од збирката:: Водата нешто носи::2016
„Има горчина во Водата нешто носи, има свест за себе и за светот во кој Другиот може да е во еднина ама исто така и мноштво, но токму таа свест овозможува да има и верба и топлина и стремеж за подобро.“
Игор Исаковски
(1970 – 2014)
[31]
ко ламја или светица во очај,
в лице ти заривам нокот
и со клопот и врнеж
ко кикот в окно
ил стрвен стршлен
те бодам в грло
да исцедиш песна,
растуриш говор,
и со немудра сила
те сечам ем попреку ем надолж
да искрвариш слово против мојава клетва!
да тонам ко разум в петица,
ко светла точка во квечерина,
ко необрана есен во зима јалова,
стани и надвиши ме, сокриј ме
оти сонцето се жести сè појако
и рибите веќе не се вљубуваат,
стани и турни ме во младоста,
болката на имањето, претопленоста,
дај ми ја водата
во која ги капеш плеќите,
да зацелам,
дај ми на заем коренче
од твојата машка поезија,
да го засадам
онаму каде веќе не спијам
за да не ја растурам постелата,
онаму каде соништата запреа
а јас сум продолжила,
па ќе учам магија
и ќе чинам слобода
и времето пак низ детското
ќе го спровнам,
само ти стани, не оставај ме
да зреам, презревам и се жеравам
сама на себе згорчена
и аздисана
ко ламја
или светица во очај.
[16]
денес заминав што подалеку
од вашите големи влогови,
скршени срца,
претепани суети, болни колена,
осиромашени сметки и
лични политики.
заминав да ве преболам,
како парчиња стакло
од рана да ве извадам и
на земја по ред и почест
да ве положам,
оти секој милиметар од моето свое
со вашите бедни времиња е споен,
дури и во паузата меѓу погледите.
заминав за утре да можам
пак да ве љубам.
барам еден кројач
што ќе знаел како да ги олабави
моите стегнати конци,
оти јас, неискусна,
пробав угоре да ги влечам
и околу вратот ми се насобраа
како милион слепи раце упорни
и воздух снемав,
од воздух се исцедив!
да ги отплете прстите
залепени на мојата кожа,
и да ги одвои едни в други вткајаните
црвени од црни платна
за да ја најде белата
надвладеана од метеж шара,
и ќе го барам,
колку било,
колку треба,
оти јас време имам,
а празно место веќе не.
[13]
открив,
сите ги носиме со себе
стазите каде сме заглавиле,
раните каде сме загноиле,
за рака ги водиме
минатите расплакани јас,
им купуваме сладолед
на помодрените срца
и древни несигурности
лежат зад нашите маски
на привлечни створови
кои знаат што и како.
во тајност кажано,
токму паунот со
волшебните перја
најпанично се брани
од своето голо тело.
со здружени сили
сите умираме од страв
и тоа пеколно бавно
Дијана Томиќ Радевска::Dijana Tomik Radevska::
01::
02:: Лица:: Faces::
03:: Убавата патека:: Beautiful path::