::Стихотворба и слика:: Poem and Picture::
::Мануела Златкова:: Густав Климт::
::Manuela Zlatkova:: Gustav Klimt::
Кога ќе се вратам ќе биде воено време
Кога ќе се вратам ќе биде воено време.
Ќе се повивате во ќебиња
ќе си го криете ликот
слободата ќе биде далеку
смртта близу
јас ќе бидам време.
Ќе ви цртам нови атласи
ќе го купам просторот
и во Вселената ќе пуштам музика
Ник Кејв ќе стигне и до мравјалниците.
Само зборовите пуштени по пошта и по ветар
ќе се слушаат
по твоето заминување.
Не кажувај никому.
Земјата е полна со семе.
Труло е времето
метаморфозата умре
индиго хартија носам во џебот
запалки крадам од продавниците
жените плачат само во филмовите
и книгите
Не кажувај никому.
Нема слободни места во рајот.
Кога ќе се вратам, којзнае,
можеби веќе нема да постоиме.
Слика:: Густав Климт:: Смрт и живот:: 1910-1915::