Стихотворба и Слика / Poem and Picture
::Јадранка Миленковиќ :: Славица Јанешлиева::
::Jadranka Milenković :: Slavica Janešlieva::
ПАЈАК
Превод од српски:: Исток Улчар
Луѓето понекогаш зборуваат во моите соништа
но тоа не е она на што мислам
кога велам преведувач од јазикот на соништата
мислам на оној кој толку сонувал
што јавето му станало налик
на диви плажи полни ежови
таму не можеше да се капе
а сепак одевме на такви места
само за да го гледаме морето
мислам на оној кој ги слуша туѓите соништа
како дел од митологија
со страхопочит
каква не му посветува на ниту еден чин на волјата
мислам на оној кој изгледа
како пред малку да излегол од нечиј сон
за да се протегне на воздух
се прашувам што ли дишат во соништата
и зошто не можам да потрчам
или да прочитам некој многу важен текст
кој при секое спелување е поинаков
се прашувам како во сон се мирам
со нештата кои би го скршиле јавето
на безброј неспојливи делчиња
ми треба преведувач на апстрактните слики од соништата
да го појасни движењето на материјата
невидена на јаве
ужасот поради свесноста за гласот прилепен до уво
присутен иако не се слуша
пострашен е од мајчиниот прекорен поглед
поради грешка на гости или скршена чинија
закачен е на увото како обетка
го препознавам грбот на демонот
чие не смеам да видам лице
го препознавам и грбот на пријателот
на сон ми се јави пред да замине
препознавам непровидна вода
во која скокнувам
и потоа нуркам и не дишам
нуркам и не дишам
нуркам и не дишам
ми треба познавач на јазици кој не оддава
чуму овие начнати бели дробови
дали е тоа поради мирисот
дали јавето постои само поради цветот
и сè друго што му служи
можеби почнало со цветот
а потоа за него се направени небото сонцето и водата
сонував костури
влегуваа низ прозорецот
мајка праша
па зар не можеш едноставно
да сонуваш цветна ливада
замижи и замисли си како береш цвеќе
цвеќето никако не сакаше во сонот
нуркам и не дишам
наутро ги цедам остатоците од сонот
како стара натопена крпа
стварноста е сува
треба со неа да се избрише
да се отстрани прашината
луѓето кога-како зборуваат во моите соништа
но тоа што го кажуваат нема тежина
голем црн пес се мота околу мене
не лае
пајакот се вика стравогин
го сакам
од мене извлекува нишка
ја мота на своето клопче
од тоа тој станува сè поголем
а јас сè помала
::Славица Јанешлиева:: Мистериозна пајажина од мерки – женка пајак::2018