Стихотворба и Слика / Poem and Picture

::Томислав Османли :: Аристотелис Делигијанидис ::

::Tomislav Osmanli :: Aristotelis Deligiannidis ::

 

Љубов   ::    Έρως   ::   Liebe  ::   AMORE  ::  LJUBAV  ::   Love

превод од грчки авторот

 

Еден ден кога ќе заминам,

побарајте ја мојата душа на овој Плоштад,

оркестрата на овој амфитеатрен Град

што се отвора кон огромната сцена

на сината светлина и на митските соѕвездија,

на овој Град кој со векови соучествува во неа,

и едновремено живо ја набљудува

древната драма

во која копната кријат змејови и златни руна

надежи и страсти

и незапрена човечка крв;

на овој Град кој ги разбира јазиците на морињата

дури и шепотите на нивните бранови што носат

прастари приказни за херои и за љубовници,

подготвени за луди подвизи и за смели умирања,

каде воздухот сè уште ги развејува

пердувите од летот на Пегас;

на овој град отворен

кон топлите мориња

каде островите вечно сонуваат бродови,

пристаништата копнеат по туѓи приказни,

а морнарите одново се вљубуваат во ѕвездите.

 

Еден ден кога ќе заминам,

побарајте ја мојата душа на овој Плоштад.

Ќе ја ранат галебите

кои доаѓаат со јужните ветри

и од далечните мориња

во клуновите ги носат

топлите здивови на Либија и на Египет

мермерната убавина на Кикладите

разновидните мириси и јазици

донесени од двоглавиот и бел Велеград

домот на црните орли…

 

Еден ден кога ќе заминам,

ќе ме најдете во сенките

од стеблата на горчливи портокали,

и на кипарисите,

што вишат во старите дворови

крај стивнатите палати на овој Град

и шумиливо го најавуваат медитеранскиот Југ,

аполонската меланхолија на Кипарис и на Кѐа

Афродитините царства на Кипар,

дворците на Миној

и лавиринтите на нашето секојдневно постоење.

::Аристотелис Делигијанидис:: Без наслов:: Aristotelis Deligiannidis:: Untitled:: 

 

Еден ден кога ќе заминам,

ќе  ме најдете меѓу лисјата на мандарините

што среде вриежот од автомобили

подраснуваат низ уличките во Центарот,

во шарените здивови на Пазарот,

како мирисам свежо оригано

за да ми се исполни здивот со Медитеран,

а погледот со син бескрај

и со Сонце.

 

Еден ден кога ќе заминам

само спомнете ја мојата љубов

за овој Град

од без-рачно изработени храмови

и од страдални луѓе и светци што лебдат над нив,

па неговите птици и ветрови

ќе ме признаат

за свој вљубен

сограѓанин.

 

Тогаш конечно ќе останам

во овој Γрад

за вечно,

одново за да се вљубувам во него.