::Стихотворба и слика:: Poem and Picture::

Горо Такано

Goro Takano

Вилинско коњче

Денес внатре во тебе

со сигурност нешто умира

и од пепелта на истото

утре и вчера се раѓаат.

Родено во тишина над вирче утринава

едно проѕирно вилинско коњче сонуваше,

во деновите кога беше ларва, за молчалив старец

кој еден ден купува чаша жестоко и му враќаат кусур.

Сега, во својот проѕирен ум, кревкиот инсект

на сон се обидува да го оживее јазикот на човекот

но единствениот звук налик на јазикот на вилинското коњче

кој може да го чуе е тропкањето на коцките мраз.

Нели беше поет тој што вака опејуваше?

Песна се раѓа кога во мене ќе се крене циркускиот шатор

каде трапезот крцка а ѕверилникот ечи од рикање

и каде кловнот ме убива од смеење со своите постојани паѓања на газ

а мозокот ми се претвора во акробат.

 

Нели беше болниот тој што вака се молеше?

Сакам мојот двојник да е чистач на олуци качен на кров

од двоспратна пагода среде зима, изрешетана од војни

Се надевам дека неговата бавна работа ќе продолжи без пад

и се надевам дека умот му е ладен како руда.

Нели беше тоа жена што вака шепотеше во огледало?

Исто како мене, и ти си страница

во невидлив речник

чија должина целосно зависи

од нашата имагинација

Нели беше тоа грешник кој вака лелекаше?

Мовта врз мојот молчалив јазик

вечерва повторно почнува да ми излегува низ

устава што се проѕева, и се шири

врз семето од бодежи во моите гради

Нели беше сликар тој што бараше пејзаж како овој?

Откинато ливче од црешов цвет

кокетно слетува во дождот

врз налог за плаќање фрлен

на плочникот во квартот со бордели.

Нели беше свештеник тој што вака оплакуваше?

Ставена на куп на полица во супермаркет,

хартија за писма, исклучиво за тестаменти

“Распродажба! Користете ги овие, наместо

 штетните за животната средина” се дере продавачот

Нели беше драматург тој што вака воздивнуваше?

Полна со значење е празната сцена

во која одлучно зјапа толпата

која еднообразно го сака зборот “идентитет”, прстите на секој од нив

се чинат премрзнати за да ја допрат раката на оној до нив

Како што вилинското коњче ја губи својата проѕирност

така конечно оживуваат човечките зборови: “вилинско коњче”

Потоа стапалото на молчаливиот старец кој ја напиша

Оваа строфа се спушта врз неговото ранливо тело.

(Оригиналот е на англсики, Горо Такано пишува претежно на англиски)

Превод од англсики::Долорес Атанасова – Лори

Wikipedia Commons

::Hayami Gyoshu::Enbu::Dance of flames::1925

Хајами Гјошу::Танц на пламените::1925