Франц Кафка (03.07.1883 – 03.06.1924)

“Сон”

 

Јозеф К. сонуваше:

Беше убав ден и К. сакаше да оди на прошетка. Ама ете, едвај имаше направено два чекора, а веќе беше на гробиштата. Таму имаше вештачки, многу непрактично извиени патеки, но тој, во непоматено лебдечко држење, се лизгаше по една таква патека, небаре врз вода што блика. Уште од далеку воочи една свежо нафрлена могила, каде сакаше да застане. Оваа могила му создаде една таква примамливост, што си помисли дека нема да може да дочека, што побргу да стигне до неа. Повремено едвај ја гледаше могилата, му беше прекриена од знамиња чии платна се извртуваа и со голема сила удираа едни во други; знаменосците не се гледаа, но се чинеше дека таму владееше бурно ликување.

Додека погледот уште му беше насочен во далечината, одненадеж ја виде истата могила крај себе до патот, речиси веќе дури и зад себе. Набрзина скокна во тревата. Бидејќи патеката под неговото стапало што потскокна уште јуреше, тој се затетерави и падна на колена точно пред могилата. Двајца мажи стоеја зад гробницата и меѓу себе држеа надгробна плоча во воздухот; тукушто се појави К. тие ја набија плочата во земјата, а таа веќе стоеше како цврсто заѕидана. Веднаш од зад грмушката истапи и трет маж, кого К. веднаш го препозна како уметник. Беше облечен само во панталони и лошо закопчана кошула; на глава имаше плишана капа; в рака држеше обичен молив, со кој уште додека се доближуваше испишуваше фигури во воздухот.

Со истиот молив почна да пишува на надгробната плоча; плочата беше доста висока, воопшто не мораше да се ведне надолу, ама мораше малку да се наклони, бидејќи могилата на која не сакаше да стапне, го делеше од плочата. Значи, стоеше на прсти и со левата рака се потпираше врз површината од плочата. Преку едно особено вешто движење му успеа со обичниот молив да оствари златни букви; напиша “овде почива – “. Секоја буква се чинеше чиста и убава, длабоко врежана и во совршено злато. Откако ги напиша овие два збора се заврти кон К.; К., кој лакомо го чекаше продолжувањето на натписот, воопшто не се грижеше за мажот, туку само гледаше во плочата. И навистина мажот сакаше да продолжи со пишување, но не можеше, постоеше некоја пречка, го спушти моливот надолу и повторно се заврти кон К. Сега и К. гледаше во уметникот и забележа дека е во големо премислување, но не можеше да каже која е причината за тоа. Сета негова поранешна живост беше исчезнала. Преку тоа и К. западна во премислување; си разменија беспомошни погледи; пред нив се наоѓаше грдо недоразбирање што никој не можеше да го разреши. Ненавремено почна да бие и малата камбана од мавзолејот, но уметникот пафташе со подигнатата рака и таа престана. После некое време повторно почна; овојпат сосема тивко и без посебно да се побара од неа, повторно прекина; беше небаре само сака да го провери својот звук. К. беше неутешлив за состојбата на уметникот, почна да плаче и долго липаше во дланките врз лицето. Уметникот чекаше додека К. не се смири, а потоа, бидејќи немаше друг излез, се одлучи да продолжи да пишува. Првата мала црта беше ослободување за К., но очигледно уметникот ја изведе со краен отпор; ни ракописот веќе не беше толку убав, пред сè се чинеше дека недостасува злато, цртата се повлече бледо и несигурно, ама буквата стана многу голема. Беше Ј, и речиси беше готова кога уметникот со едното стапало гневно тупна врз могилата, така што наоколу се разлета земја. К. конечно го разбра; веќе немаше време да му се извини; со сите прсти копаше во земјата која речиси не пружаше никаков отпор; се чинеше дека сè е подготвено; само како привид беше подигната тенка земјина кора; веднаш зад неа се отвори голема дупка со стрмни ѕидови, во која К., превртен на грб од едно благо струење, пропадна. Додека долу ја завалуваше главата наназад, веќе обземен од непробојната длабочина, неговото име со впечатливи украси иташе врз плочата. Восхитен од оваа глетка се разбуди.

 

Превод од германски::Елизабета Линднер

 

Цртежи од Франц Кафка кои можат да се видат во музејот (Франц Кафка) во Прага.