Хајнер Милер

Германија смрт во Берлин

превод од германски::Елизабета Линднер

сите права задржани::Арс Ламина::2017

оригинал::Heiner Müller::Germania Tod in Berlin::Suhrkamp Verlag

Слики::Јулија Ајхлер::уметница, маски за дрмата како дипломска работа::повеќе информации на нејзината веб-страна:: Julia Eichler

 

(Извадок)

 

Омаж за Сталин 1

 

Снег. Врева од битка. Тројца војници. Телата не им се целосни. Во снежната вејавица доаѓа млад војник.

ВОЈНИК 1: Доаѓа ново снабдување.

ВОЈНИК 2: Уште има сè.

ВОЈНИК 3: Кој е на ред.

ВОЈНИК 1: Јас.

ВОЈНИК 2: Од каде, другар?

МЛАД ВОЈНИК: Од битката.

ВОЈНИК 3: Накај каде, другар?

МЛАД ВОЈНИК: Кај што нема битка.

ВОЈНИК 1: Дај ја раката, другар.

Му ја откинува раката. Младиот војник вреска. Мртвите се смеат и почнуваат да ја глодаат раката.

ВОЈНИК 3 нудејќи му ја раката: Не си гладен?

Младиот војник си го прекрива лицето со раката што му останала.

ВОЈНИК 1: Следниот пат ти си на ред. Котелот има месо за сите.

ГЛАСОВИ: Vive l’empereur.

Да живее царот.

ВОЈНИК 1: Ова е Наполеон. Доаѓа секоја трета ноќ.

Наполеон одминува. Блед е и дебел. Зад себе влечка за нозе еден од војниците на својата Голема армија.

Ова е во ред. Негови трупови си се. Без него, не би биле овде. И ги пребројува, поган е. Другарство има само кај нас. Навистина не сакаш да јадеш?

Зад Наполеон се појавува Цезар, зелено лице, тогата му е крвава и издупчена.

Зелениот зад него е Цезар. Си го има салото, дваесет и три дупки.

ВОЈНИК 2: Ако не му го броиш газот. Се смеат.

ВОЈНИК 1: Живее од мечување. Неговите трупови се на блокираната сметка: Бојните полиња се премногу длабоко.

ВОЈНИК 3: Зошто не се подредил, макаронов.

ВОЈНИК 1: Понекогаш Наполеон му фрла по некоја нога. Се смее. Или рака.

Му ја фрла на Цезар заглоданата рака. Кај нас не мора да гладува никој. Цезар ја зема раката и исчезнува во снежната вејавица. Младиот војник бега, врескајќи.

ВОЈНИК 3: Пак ќе дојде. Котелот е густ.

Сè повеќе војници се тетерават и ползат на бината, паѓаат, остануваат да лежат. Потоа настапуваат прекумерно зголемени во ’рѓосани оклопи Нибелунзите Гунтер, Хаген, Фолкер и Герно.

…………

Светото семејство

Hitler by::Julia Eichler

 

Бункерот на фирерот. Хитлер, скаменет во една од неговите пози. Камбана отчукува полноќ. Хитлер се поместува, се проѕева, прави неколку чекори, ги испробува своите пози, пие бензин од една кантичка.

ХИТЛЕР: Јозеф!

Гебелс, со извртено стапало и огромни гради,

труден во подоцните месеци.

ГЕБЕЛС: Фиреру мој!

ХИТЛЕР: Го тапка стомакот на бремениот Гебелс:

Што ни прави жирантот. Се мрда? Браво. Си го пиеш бензинот? Го тегне Гебелс по брадавиците од градите. Вимето е набабрено, како што прилега за германска мајка? Браво. Состојба на хранење е состојба на бранење.

ГЕБЕЛС: Имаме бензин уште за само три дена.

ХИТЛЕР: Побрзај со раѓањето. Стража!

Стража во црна униформа со глава од вепар.

ХИТЛЕР додека за задникот го штипка Гебелс, кој се кикоти: Појадок!

Стражата излегува. Еден војник. Хитлер го јаде, главата на крај. Кива, плука и извлекува коса од муцката.

Наредив моите мажи да се бричат пред да ги јадам. Свинштина!

Кива и пие бензин.

ГЕБЕЛС: Смеам да ви обрнам внимание, мој фирере, дека кругот на носителите на тајната треба да се одржи мал. Германскиот народ ве сака како вегетаријанец. Имаме проблеми со персоналот, фризерот не може да добие дозвола за ариец. Претходниот беше отпуштен од служба, го бричи господинот Сталин. Патиштата на пророштвото се прекрасни.

ХИТЛЕР вреска: Подлост! Поганост! Предавство! Опкружен сум од предавници. Сакаат да ме убијат. Ми подметнуваат бомби в кревет. Ми истураат ножеви во јадењето. Ми ставаат отров во бензинот. Ќе ги обезглавам. Ќе ги обесам. Ќе ги расечам на четири дела. Плаче, загризува во тепихот, цело време плачејќи. Ползи до Гебелс, ја става главата на неговите гради, цвили.

ГЕБЕЛС го гали и го нишка: Ти си најголемиот. Ти си најсилен од сите. Ништо не ти можат. Ќе ги казниш.

ХИТЛЕР уште во истата положба: Да. Ќе им отсечам прсти. Дланки. Раце. Нозе. Уши ќе им отсечам. Нос ќе им отсечам. Со кикот и претање. Куре ќе им искорнам.

ГЕБЕЛС се заканува со прстот: Не се вели куре.

ХИТЛЕР се фрла на под, треска: Ти рече куре. Признај дека рече куре. Предавник. И ти си предавник.

ГЕБЕЛС брзо: Реков куре. Признавам. Милост, фиреру мој.

Goebbels by::Julia Eichlecr

ХИТЛЕР станува, зазема поза на Наполеон: Гледаш. За тоа мораш сега да ми ги лижеш чизмите.

Гебелс се нафрла на левата чизма на Хитлер.

ХИТЛЕР: Прво десната.

Гебелс се нафрла на десната чизма.

Стража!

Стража.

Рапорт.

СТРАЖА: Горе претрча куче.

ХИТЛЕР: Слушаш, Јозеф. Се маскираат. Веќе не се осмелуваат да нè пресретнат отворено. Ама, јас ги проѕирам. Јас проѕирам сè. Куче. Смешно! Понатаму.

СТРАЖА: Мочаше во тревата. Тоа е сè, фиреру.

ХИТЛЕР: Држи ги очите отворени. Непријателот е насекаде.

СТРАЖА: Се разбира, фиреру мој.

Стражата излегува.

ХИТЛЕР: Ќе му се обратам на народот. На мојот народ.

Гебелс се фаќа за стомак, вреска, врескајќи се прпела на подот.

ХИТЛЕР: Германска мајка не вреска. Стража!

Стража.

ХИТЛЕР: Да се донесе бабицата. Дојде време.

Стражата излегува.

Ова се контракциите. Почнаа контракциите. Познато ми е од мојот прв брак. Гебелс прави гримаси на хистеричност. Уште ли си љубоморен на добриот стар Ернст? Да, беше предавник. И тој. Знаеш уште како гледаше, кога ми го виде револверот. Не сметаше на такво нешто. Курва мала. Како му се тресеа образите. Малку се здебели во последно време. Целото полнење го испукав на него. Раката воопшто не ми затрепери. Вие го држевте цврсто, се сеќаваш ли? Ти и Херман. И тој е предавник. Опкружен сум од предавници. Грбот ми е една огромна лузна. Еден до друг убоди од нож. Насекаде ме демнат. Овде. И овде. Оди сè побргу ваму-таму, постојано завртувајќи се одненадеж. Зад мене се. Не се осмелуваат да ми пристапат. Се држат зад мене. Гледаш. Ама, ќе ги начекам сите. Пророштвото има превласт над мене.

Стража.

СТРАЖА: Кучето повторно претрча од овде. Повторно мочаше. Бабицата.

Германија, огромна, со чанта на бабица.

ГЕРМАНИЈА го боксира Хитлер во стомак, му ги тегне забите итн.:

Како си, синко? Си го пиеш бензинот? Си ги јадеш мажите? Браво.

Го фаќа за ташак.

ХИТЛЕР засрамен: Мамо!

ГЕРМАНИЈА: Уште ли со тој твој Едипов комплекс? Се смее.

ХИТЛЕР: Ова е една еврејска свињарија.

ГЕРМАНИЈА: Не сакам веќе ништо да слушнам за тоа. Имав доволно проблеми со твоите приказни за Евреите. Има луѓе, покажуваат со прст на мене. До ден-денес. Некои и не ме ни поздравуваат.

ХИТЛЕР: Евреинот…

Германија му удира шлаканица. Хитлер плаче.

ГЕРМАНИЈА: Карлицата е претесна. Ова ќе биде раѓање со клешта. Не се плаши, не ми е прво. Ама, уште не сме стигнале до таму. Без труд, нема ни награда. Рашири ги нозете. И диши длабоко. И напни. Така. И еден, два.

Стража.

СТРАЖА: Тројцата Мудреци од Западот.

ХИТЛЕР: Слушаш, Јозеф. Човек повторно се интересира за нас. Повторно сме некој и нешто. Светот…

ГЕБЕЛС: САКАТЕ ЛИ ТОТАЛНА…

ГЕРМАНИЈА: Затни муцка.

ХИТЛЕР кон стражата: Почесната придружба!

ГЕРМАНИЈА на Гебелс: Можеше да ставиш малку руменило.

ХИТЛЕР: Германска мајка…

ГЕРМАНИЈА: Морам да одам со времето, ако сакам повторно да бидам актуелна.

Го шминка Гебелс со маска на ороспии. Така. На Хитлер:

И не ми се случува никаков малер. Мажите си го знаат текстот?

ХИТЛЕР: Пророштвото…

ГЕРМАНИЈА: Многу би сакала да знам поточно.

Почесната придружба, кучешки глави, бел флор врз црната униформа, крвави чизми, ангелски крилја, зазема позиција.

ГЕРМАНИЈА: Можевте да си ги исчистите чизмите. Морам ли сè да правам сама. Неранимајковци!

Germania by::Julia Eichler

Тројцата мудреци се движат наваму-натаму во предниот дел.

МУДРЕЦ 1: Никна она што го посеавме..

МУДРЕЦ 2: Мене не ми се допаѓаат чизмите.

МУДРЕЦ 3: Вето. Ни мене не ми се допаѓаат.

МУДРЕЦ 1: Не треба да заборавиме за што се работи.

МУДРЕЦ 2: Комунизмот е ужасна закана.

МУДРЕЦ 3: Особено во душевна смисла.

МУДРЕЦ 1: Само ако се мисли на децата.

ПОЧЕСНАТА ПРИДРУЖБА џагори: СЛОБОДА ДЕМОКРАТИЈА ЗАПАД МИР СОПСТВЕНИ ГРЕДИ ЗЛАТО ВРЕДИ ПОДОБРО ОД СМРТ ЗДРВЕН ОТКОЛКУ ЦРВЕН САМО МРТОВ ИНДИЈАНЕЦ Е ДОБАР ИНДИЈАНЕЦ СЕКОМУ НЕГОВОТО ЕДИНСТВО ВО ЧИСТО ПРВЕНСТВО.

ГЕРМАНИЈА воздивнувајќи: Ова успеа.

МУДРЕЦ 1: Што реков.

МУДРЕЦ 2: Навистина. Нов дух.

МУДРЕЦ 3: Конечно, чизмите можат да се исчистат.

ГЕБЕЛС вреска: САКАТЕ ЛИ ТОТАЛНА…

ХИТЛЕР: Во овој историски миг…

На Гебелс му се испушта громогласен прдеж, што шири смрдеа и ги фрла наземи Тројцата Мудереци.

ПОЧЕСНА ПРИДРУЖБА: Зиг Хајл Зиг Хајл.

Тројцата Мудреци се грчат, си ги држат носовите затнати, стануваат.

ГЕБЕЛС: Фиреру мој.

ГЕРМАНИЈА на Хитлер: Се надевам не е ебиветар. Со тебе немаше којзнае што в кревет.

Хитлер ’ржи.

МУДРЕЦ 3: Не мириса убаво, не.

МУДРЕЦ 2: Навистина не мириса баш убаво.

МУДРЕЦ 1: Човек не мора да се занимава со ситници.

МУДРЕЦ 3: На крајот на краиштата, природно е.

МУДРЕЦ 2: Ништо човечко не ми е туѓо.

МУДРЕЦ 3: Може сега треба да одиме со подароците.

МУДРЕЦ 2: Не мораме да останеме докрај.

МУДРЕЦ 3: На крајот сепак сè си оди по редот.

МУДРЕЦ 1: Подароците!

Војниците на Тројцата Мудреци ги носат подароците и повторно излегуваат.

МУДРЕЦ 3: Една реченица со справи за мачење. Самиот ја испробав. Мислам дека имате поговорка овде.

ШТО САКА ДА СТАНЕ ЧЕНГЕЛЧЕ.

МУДРЕЦ 2: Историска играчка за милиот малечок. Јас пораснав со неа. Го зајакнува себечувството. Управувањето е лесно. Се поставува топот, се полни, го врзувате вашиот маж напред и пам!

Со тоа и една гарнитура обоени.

МУДРЕЦ 1: Една ситница за вашата кујна. Свеж примерок е. Малку оштетен. Ловот беше вчера. Сите ние си имаме мали слабости.

ХИТЛЕР надмено: Не јадам обоени.

МУДРЕЦ 2: Срамота, овој фанатизам.

МУДРЕЦ 3: Тој е навистина лошо друштво.

МУДРЕЦ 1: Не смееме да го вчудовидиме. Којзнае кога ќе ни притреба пак.

ГЕРМАНИЈА на Хитлер: Мораме да одиме со времето. Исто и ти. Заблагодари се кај господата.

Хитлер ’ржи и ’ржејќи им ги лиже чевлите на Тројцата Мудреци. Долг врескот од Гебелс.

ГЕРМАНИЈА: Господа, дојде време. Каде ми е клештата. Ајде, фатете и вие со мене.

Германија ја мести клештата, влече, Мудрец 1 ја влече Германија, два го влече еден, три го влече два.

ХИТЛЕР: Народе мој!

ПОЧЕСНАТА ПРИДРУЖБА: ГЕРМАНИЈА СЕ БУДИ! ЗИГ ХАЈЛ!

ТРОЈЦАТА МУДРЕЦИ: АЛЕЛУЈА! ОСАНА!

Еден волк завива. Германија и Тројцата Мудреци паѓаат на задник.

The Contergan-Wolf by::Julia Eichler

Пред нив стои талидомидски-волк[1].

ТРОЈЦАТА МУДРЕЦИ пристапуваат: Ох!

Германија станува, зема едно фамилијарно пакување прашок за перење „Сунил“ од чантата на бабицата и ја истура врз волкот.

Бело светло. Волкот станува во овчо крзно.

ГЕРМАНИЈА на Тројцата Мудреци: Рековте нешто?

Волкот ја раскинува куклата црнец. Хитлер ја мачи Германија, која ја држи почесната придружба. Гебелс танцува во танцувачка манија.

ГЕРМАНИЈА вреска.

ХИТЛЕР се смее.

ПОЧЕСНА ПРИДРУЖБА: ГЕРМАНИЈА СЕ БУДИ! ЗИГ ХАЈЛ!

ГЕБЕЛС танцува цело време:

                  АХ, КОЛКУ ПРЕКРАСНО СЕТО ТОА Е

ДЕКА СУМ РУМПЕЛШТИЛЦЕН НИКОЈ НЕ ЗНАЕ

ВОЛК плаче.

ТРОЈЦАТА МУДРЕЦИ во позиција на трите мајмуни:

                  АЛЕЛУЈА! ОСАНА!

                  Хитлер го полни топот. Почесната придружба ја врзува Германија пред топот. Со детонацијата се спушта завесата.

 

[1] Contergan – медицински препарат одговорен за скандалот поврзан со него (заб. прев.).