Томислав Османли
Љубов
Еден ден кога ќе заминам,
побарајте ја мојата душа на овој Плоштад,
оркестрата на еден амфитеатрен Град
што се отвора кон огромната сцена
на сината светлина и на митските соѕвездија,
на овој Град кој со векови соучествува во неа,
и едновремено живо ја набљудува
древната драма
во која копната кријат змејови, но и златни руна
надежи и страсти
и незапрена човечка крв;
на овој Град кој ги разбира јазиците на морињата
дури и шепотите на нивните бранови што носат
прастари приказни за херои и за љубовници,
подготвени за луди подвизи и за смели умирања,
каде воздухот сè уште ги развејува
пердувите од летот на Пегас;
на овој град отворен
кон топлите мориња
кадешто островите вечно сонуваат бродови,
пристаништата копнеат по туѓи приказни,
а морнарите одново се вљубуваат во ѕвездите.
Еден ден кога ќе заминам,
побарајте ја мојата душа на овој Плоштад.
Ќе ја ранат галебите
кои доаѓаат со јужните ветри
и од далечните мориња
во клуновите ги носат
топлите здивови на Либија и на Египет
мермерните убавини на Кикладите
разновидните мириси и јазици
донесени од двоглавиот и бел Велеград
некогашниот дом на црните орли…
Еден ден кога ќе заминам,
ќе ме најдете во сенките
од стеблата на горчливи портокали,
и на кипарисите,
што вишнат во старите дворови
крај стивнатите палати на овој Град
и шепотливо го најавуваат медитеранскиот Југ:
фрлаат погледи на спротивниот брег,
кон теогониските висови на Олимп,
кајшто палави богови играат ролји на љубовници
во заплетканите митови и епови со трагични исходи,
ја поимаат аполонската меланхолија на Кипарис и на Кѐа
пелазгиските јазици на Кикладите,
Афродитините царства на Кипар,
дворците на Миној
и лавиринтите на нашето секојдневно постоење.
Еден ден кога ќе заминам,
ќе ме најдете меѓу лисјата на мандарините,
што во вриежот и издувните гасови од автомобилите
подраснуваат низ уличките во Центарот,
и ќе ме видите како,
среде шарените здивови на Пазарот,
мирисам свеж босилек
за да ми се исполни здивот со Медитеран,
а погледот со син бескрај
и со Сонце.
Еден ден кога ќе заминам
само спомнете ја мојата љубов
за овој Град
од неракотворени храмови
и од страдални луѓе и светци
што лебдат над нивните глави и куполи,
па неговите птици и ветрови
ќе ме признаат
за свој вљубен
сограѓанин.
Тогаш конечно ќе останам
во овој Γрад
за вечно,
одново за да се вљубувам во него.