Александра Димитрова – Саш
Aleksandra Dimitrova – Sash
ЛИТОСТ
(Според еден збор кај Кундера)
Истанбул врие
Лие од секое каменче
Вака никогаш не врнело во Скопје
Театaр Монодрама
во малата хотелска соба
додека истородни кирилични букви
се лијат по моите набрекнати гласни жици
додека во прстите понира кундеровското чувство
додека флуктуира Литоста
Скопје е далечно
Скопје е суво
Знам од нет
Ти си далечен
Ти си толку лажен
Скоро нестварен
Знам од сеќавања
Никогаш толку јасно како сега
Само буква
Процеп во меморијата
Временска пукнатина во ѕидините на Бизант
Тука не грми филмски
Тука врне без драматизација
Џамиите застрашувачки гласно
ја извикуваат пред изгрејсонце
ја повторуваат цело попладне
страшната буква од твоето име
како тоа да е сосема природно
како што е природно да чувствувам толку литост
поради фактите од твојот живот
Фрустрации
Ротација Филмски сет
Султанските сводови
Атриумите
Цистерните
Спинално се вртат околу мојата мозочна оска
Како тоа да е сосема политички коректно
Како што е eтички некоректно секој збор
да ја содржи таа буква
со лична симетрија
И сè се врти
Ротира Босфор околу својата
четврта буква Магија
Историја во филџан кафе
Мал е Босфор за да го удавам ова чувство
Оваа кундеровска литост
Мириса на предавство
На твојата прва буква
Мириса на тебе
Илјадници кирилични букви
Од олуците
Од минарињата кои врескаат
Од главата полна експлозии
Огномети Форми
Сини Големи Непредвидливи
Како ветрот Како тебе
Босфор ја завива својата четврта буква
застрашувачки гласно Камбаните пукаат
Мојата литост непопустлива е
ДЕН НА ЖАЛОСТ
(за Annika Hansen)
Пред куќата на улица Македонија
Нема ни куче
Сами сме
И боси сме
И нашите балски фустани
се веат на бандерите
Нема војници на улицата
Ни тенкови
Ни мртви
Ниту ранети
А војна е
Вистинска
Војна на суети
Некакви смешни странци
Се сликаат крај орото
Па кај Шмизлата
Тоа било ин
А војна е
Вистинска
Помеѓу лудите и ограничените
Победува кичот
Katrin Salentin::Катрин Салентин
СОНУВАЧКА
твојот бескрајно романтичен јазик
составен од кованици за љубовта
измешан со именки на балканските робови
и глаголи на медитеранските војсководци
Кина просечна
Куба бедна
Америка дебела
Европа импотентна
И додека ние останатите се дрогиравме со сѐ и сешто
(најмногу со гнев кон сопствените тела)
Ти сонуваше со отворени очи
за Лондон Париз
Москва и Санкт Петербург
од времињата на Толстој и Балзак
Не го најде коренот на својата лунатична душа
Не ја доживеа идеалната љубов
поита да се споиш
со душите на големите романескни љубовници
да ги проучиш корените на изумрените јазици
скриените значења на зборот љубов
Спиј бурно!
Љуби романтично!
Ние бедно ќе живуркаме
во нашите кожи
на мали балкански робови