Бошко Бозаџиевски
Авион-птица
Хермес.
На дваесеттиот век.
Ги водиш горе.
На небесна прошетка.
А тие летаат заедно со твојата
конструкција, несовршена,
но заводнички доволна.
Предмет на проучување.
Навечер
се вклопуваш со небото
и се претвораш
во пловечка ѕвезда.
Трепкаш брзо.
Побрзо.
Точка во окото.
Им намигнуваш.
А ние обичните смртници
се собираме полека
на пристаништето од асфалт.
И чекаме. Чекаме. Чекаме…
Чекаме некој ебан пропелер
да вдува или
да испушти чад
во твоите челични едра
и притоа претворајќи те
неосетно во небесе сплав.
Леташ високо,
до самата прегратка на боговите.
Но, жалам,
премногу си материјален.
Во прегратката нивна
се само луѓе
коишто крилјата ги создаваат самите.
А височината ја достигнуваат
со некое непознато за тебе
гориво.
___________________________
Елизабета Линднер Костадиновска:: Вонземен Вознемир:: колаж со песна, 2018
::за изложбата “Фотокопирница на љубовта”, посветена на Бошко Бозаџиевски
по повод 10 години од смртта:: МКЦ и Бош Фестивал 10