Горана Митровиќ – 1976-2017

Gorana foto bw

 Gorana Mitrovic 1976-2017

Love thieves

Под небото на големите градови

наоѓам чист воздух за мислите

со храна и мириси, во молк

ја галам својата потреба за одделување

напипувам, буричкам и вадам

во темнината, во скриеното на паралелните светови

мудрости

кои не ги делам со никого,

светот со превез на очите

тапка во сопствените уверувања,

јас сум осамен нудист на брегот на изложените чувства

студено е,

дојди и погали ме со јазикот

додека на местото каде што сум најврела

се дробат твоите колкови

додека врз местото на мојот извор

твоите дланки цртаат запирки

а јас низ `рбетот се вкоренувам во

почва од желби и спокој

јас ја знам единицата мерка за

сопствената сила, нешто што

не се раскажува никому, а се

граничи со прегрнување на семирот,

моите корени, `рбет и ум – статика за иднината

за насмевката на љубовта

Белград, март 2015

(од збирката ”Клупа меѓу светови”)

wikipedia
Rodin, The Gates of Hell, Detail / Огист Роден, Портата на пеколот, детаљ

 

Исчезнување

 

Изгледа повторно треба да исчезнам,

да заминам на местото каде ќе се

погледнам себеси,

сѐ почесто ја прелистувам

полуиспишаната тетратка полна надеж,

истоварени стравови кои само белината

смее да ги удоми,

отпивам од кафето со трошка

грижа на совест која ми стана зачин

последниве години низ

листата на препораки, допуштености

и забрани…

светот не е подобар,

од ден на ден времето нѐ расчовечува

суетите гушат, сите оние поети на животот, нападни и гласни.

понекогаш помислувам,

имам ли јас нежна (с)мисла да понудам некому?

она што ме инспирира е суптилно и скоро нечујно

го барам ко со боринче и долго го негувам,

прво во рацете и низ мислите,

а потоа по полиците или bookmarks-ите.

сѐ почесто се конектирам со луѓе кои не сум ги запознала,

комуницираме реално, а во виртуелен свет

и ме чувствуваат посуштински од вистинските околу мене

живеам во свет во кој само врисоци виреат

а јас повеќе сакам да ми шепоти тишината,

алиса во земјата на чудата, од онаа страна на виножитото –

алегории за сопствената шеќерна приказна

треба да отидам на местото од пред години

или она за години, за да се допрам себеси сега(шна).

 

8.7.016

 

Мислата е слободна

 

Решив да ги пребројам

калапите во кои сум живеела:

миризливи, бели повои кога се родив

ортопедски чевли за детските немирни стапала,

клупата во школо која ѝм црташе модринки

на колениците и тврдото столче позајмено од

соседната училница…

таблата на која не ми ја собираше мислата,

блоковите кои ги полнев со бои и зборови

никогаш соодветни на зададената тема

и тетратките без линии за сите предмети

 

дознавав за повторливата

несовршеност на светот

читајќи издиктирана литература

и онаа тешката што не била се уште за мене

според зборовите на татко ми

 

подоцна ги открив оние незгодни калапи

во кои нозете изгледаат долги и заводливи

градите така бујно (и не знам што)…

и сите разнобојни ткаенини и

бои за маскирање на

природноста

 

калапи за да го научам занаетот,

торби во кои ги чував своите

печати и особености (и денес ги носам)

правила и редослед за созревање,

за зачекорување во нешто, кое

не подложи на никакви правила, иако само тоа сум го слушала –

живот се вика…

 

калапи, ги има многу…

додека чекорам босонога

врз влажна земја или песок,

восхитена чувствувам

мислата Е

секогаш ми била, Слободна!

21.02.016

 

Стаклено ѕвоно

Во твоето стаклено ѕвоно

удобно e и мирно,

далеку од светот, навидум…

потсвеста, умот, душата, телото, сè ти е одделно и посебно

се лизга по стаклените ѕидови,

се слева и прелева во себе како во

далиевски приказ на стварноста и времето

си ги читаш мислите појасно од секогаш,

се вљубуваш во умот и телото како да си ја нашла својата втора половина –

секогаш се прашуваш зошто двете половини

се среќни само во пар

па веќе во следниот момент го галиш него во мислите…

во стакленото ѕвоно нема место за немир

тука само понекогаш, точно дозирано и одмерено,

допира веста за нечија смрт

времето постои низ слики од сништата

протнати низ целиот твој досегашен живот,

те стресуваат дури и оние од најраната младост

кошмарните, чиј интензитет никогаш не се измени

смола низ прстите, по непцата, врз лузните

лепливо, миризливо и горчливо е во стакленото ѕвоно

молитвата за љубов извира од тебе упатена во вселената

и знаеш дека никогаш не си била побожна,

светот е маглив сон низ кондензирани стакла

испразнетост од чувство за страните на светот

понекогаш, ноќни светилки и обриси на згради и смреки

те потсетуваат на твоето место, на твојата рамка…

во неа се движи цел еден живот

во некое време врзано за тебе со хелиумско балонче,

за да се изнасмееш со детски глас

вдишуваш малку од него

и ја изустуваш насмеана молитвата за љубовта

 

(од збирката ”Клупа меѓу светови”)

 

Форми на љубовта

Понекогаш се чувствувам

како инструмент со затегнати струни

залудно ме штимаш со твоите допири –

немам ништо нежно да ти отсвирам

понекогаш си снегулка

која несмасно

ја убивам со топлина од зборови

на врвот од јазикот

загатка во стихови сме понекогаш

тајна што од чист пркос

го сочувала своето име

понекогаш, кога

портокалово ќе ми светнеш на Скајпот

од градите ми излетува брливо колибри,

потоа го спитомувам врз прстите со кои ти пишувам

сакам да му ги покажувам

на светот своите форми, тогаш

кога ме гледаш и весел ми се смешкаш –

така бирам и фустани за излегување

така е понекогаш…

вечерва ќе се пресликам

во својата омилена форма,

скинат лист хартија

полн сочни стихови

(од збирката ”Клупа меѓу светови”)