Исток Улчар
Istok Ulčar
ЛАЕЖ НИЗ ПЕСЈИОТ ГРАД
Мојсеј ја најавува ноќта на Пресудата,
бунтовно настојувајќи да го откине ланецот
со кој му е заврзан вратот за крајпатниот брест.
Восочни крлежи му го јадат правливото крзно,
додека оловни молњи низ коските му протекуват.
Мојсеј ги распрснува порцеланските деца,
кои плашливо му го хранат болниот желудник
со жилаво парче месо украдено од домашните залихи.
Конопни глисти му го гризат воспаленото грло,
додека глинени солзи низ вените му се прелеваат.
Мојсеј ги брои труповите на поразените борци
немилосрдно убиени од вревата на непријателот,
кој сѐ уште безмилосно ползи низ крвавото боиште.
Керамички тении му ги глодаат изгниените црева,
додека `рѓосани вулкани на јазикот му еруптираат.
Мојсеј ја претвора светицата во куртизана,
потсвесно пресликувајќи ја осаменичката злоба
со која се задоени малкуте жители на Песјиот град.