:: Јосип Коцев ::

Пладне низ светот

 

Првото зрнце време

паѓа во Starbucks,

на Железничката во Брисел,

кога продавачот ја прашува Весна

за нејзиното име

и ѝ подава чаша кафе

потпишана со Elizabeth.

Пладне, стрелките се на

шеќер и

гордост.

 

Второто зрнце време

паѓа кај Ташмајдан,

кога расипан политичар смислува

нови игри да избегне затвор,

a нешто сака да го пробие затворот

на блиндираниот автомобил.

Пладне, стрелките се на

куршум и

слобода.

 

Третото зрнце време

паѓа во Алепо,

кога под небото изрешетано

од бомби, доенче ползи меѓу

вкочанетите тела на родителите,

и ја бара градата на мајка си.

Пладне, стрелките се на

млеко и

смрт.

 

Ласло Мохоли-Наџ:: Laszlo Moholy-Nagy:: Hidak Bridges::
Вера и ерес

Изговарајќи го твоето име,

ненадејно го отклучувам нашиот град.

Фрлам спомени од висококатници.

Изговарајќи го твоето име,

не сакајќи, го повлекувам чкрапалото.

Си пукам сеќавања во слепоочница.

Изговарајќи го твоето име,

не знам како попрво да ти згрешам.

И вера, и ерес си ми.

Ласло Мохоли-Наџ:: Laszlo Moholy-Nagy::  Double Portrait.

 

Од збирката “Сега е најдолгото никогаш”, Антолог, 2018