::Јовица Ивановски::

 

ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО СКОПЈЕ

 

Ученици кои губат часови и гости

од провинција кои немаат што да изгубат.

 

Само остатоци од чести примероци кои

се распаѓаат пред вашите очи.

 

(Како да посетувате некој старечки дом

или извикан приградски отпад.)

 

Недостасуваат Германците на Хлебников,

и повеќе странци кои ќе им се восхитуваат

на домашните животни.

 

Поспаност и затапеност. Една голема

колективна проѕевка – како од стотина

крокодилски усти истовремено.

 

Небаре се на хептанон. Од што ли ги симињаат,

греотките? Од зелена ограда или од смоки?

 

Зоолошката (всушност) е одраз на состојбата

надвор од неа, огледало на зачудените

од другата страна на решетките.

 

Секој град има зоолошка каква што заслужува,

но поинаку ќе биде кога ќе се приватизира

и кога куп џукели ќе станат акционери.

 

Сеедно, моите деца ова место искрено го сакаат.

Особено делот со лулашките, кога не врне,

а сезоната за лов на сладолед е во полн ек.

 

Зоолошката градина во Скопје (од време

на време) знае да ја разубави само

Мирослав Масин*.

 

*Мирослав Масин е познат македонски сликар, кој повеќепати има престојувано, сликано и правено перформанси во зоолошката градина.

 

Alice Bailly::Equestrian Fantasy with Pink Lady