ef

Лилјана Дирјан

Liljana Dirjan

Еден од срцето

Слушајќи го Том Вејтс

(This One’s From The Heart)

Да се случи пресврт

добро е да се потсетам

на вулканските ерупции

дебитантското време

на рапавоста на поетската кожа

мојот свет со зумбул

да му се приближам

зумирајќи да не се изгуби опаснастрината

мелодиските слапови, мирисот

што врне уште врз сликите и метафорите

во силен налет

да одлетам во воздухот

да се завртам во круг

виолетова накај сина

да се распаднам

и пак да се составам .

 

Кое недоразбирање!

Го користам своето издишување

за да го опишам своето вдишување

цел каталог од солзи, неба, срцебиења

без глазури

со бисерче –зрнце во чинијата од порцулан

среде остатоците од остриги

без фина мелодија, лесни џез балади, среде сончев морски ден, не…

без сув мартини и забодена маслинка

не познавајќи ниту еден вистински гангстер

ни (од) тогаш ни (до) сега…

да и дозволам на мечтата да шета наоколу

да и кажам: не се плаши од талогот

и од оние никаквеци облечени во сиви палтиња, од таа конфекција

на куси мажи со мали стопала и уште помали прстиња, дебелкасти, набиени

што се ракуваат со една третина од дланката

ниту од оние дресирани кои никогаш ништо не даваат ниту земаат

без остатоци, ронки, се измешано, кашесто, безбојно, со лигава слуз

колонии голи полжави без куќичка –

а твојата интуиција, ете, и на 60 години

(денес , е 16 јуни- среќен ти роденден мечто моја)

е мисла во дива состојба

Ох, срце мое и твојата имагинација

минато време во кое, ти ветувам, не одам повеќе таму

таму боли

без песни, музички секвенци, кадри од филмови, бранови.

 

Оди, патувај

патувај срце мое низ ноќта

додека над главата ми блеска месечината

ме опива слаткозашаметувачкиот набој на анамската рака

каква калварија срце, скршено си, па пак залепено

мало порцуланско чинивче

сети се на испуштените возови, и на оној човек

кој никому не му мафта на перонот

ти и јас

кое ти и која јас

сите под „ти“ и сите под „јас“

кои жонглираме со животот

те горе те доле

никогаш во средина, златна средина

 

А неа- средината

не ја занима вистината

таа никогаш не пее, не танцува

нема изневерени очекувања

таа не знае како и кога

ноќта заспала изморена среде сончев ден

да се изложуваш на подбив, апсурд, парадокс

како кога се покриваш со тешки ќебиња

од замозалажување, самосожалување

со вистини и лаги

излезена од кожурецот

го гледаш својот живот како перформанс

 

Ништо што е направено според вистински настан

Не може да помине поинаку освен како лош евтин филм, да

спушти ги капаците

смири го морето во очите

 

еве ти вистински настан

бледиот лик пак го загуби, а штотуку го виде

ееј, чекај, не си оди

те молам остани уште малкуцка тука

во мене

ти си мојот „морнар меѓу ѕвездите“

во ова ново средовечно никаде

Дијана Томиќ Радевска::Dijana Tomik’ Radevska::Нашето писмо, 2015