::Звонко Карановиќ::

СИТЕ НАЈДОБРИ ПЕСНИ ЗБОРУВААТ ЗА КОПНЕЖ
И СТАКЛО И БРЗИ АВТОМОБИЛИ
И ДРУГИ КРШЛИВИ НЕШТА

::English:: ::Srpski::

Ти и јас спиеме под стакло
и ги пуштаме караваните
да минуваат
покрај нашите смрзнати прсти
на заминатите пријатели
им праќаме телефонски импулси
да го обојат морето на разгледницата
на која пишува:

Русите се во орбитата
чајните колачиња на масата
во храната за бебиња
нашле метални струготини
и понатаму сè е исто, исто, исто…

а потоа зборуваме за месечината
и лаеме кон ТВ екранот
до доцна во ноќта

новиот ден се раѓа
млади и силни
глодачите на мамутската коска
тргнуваат во подобро утре
а ти најрадо
со пресечени вени
би се успала
во када полна топла вода

животот е полн лоши можности
го дозна тоа додека низ
замачканиот потстанарски
прозорец
ги гледаше тополите
како играат на ветрот

љубовта е привилегија на сиромашните
љубовта е дадилка на женското срце
и затоа сите најдобри песни
не зборуваат за љубовта
а ти само сакаш да знаеш
каде заминал твојот живот
и зошто си поминала десет години
со човекот кого сега го мразиш

ти и јас спиеме под стакло
и ги испраќаме возовите
во најцрната ноќ
им мавтаме со бели марамчиња
ги лепиме образите врз шините
и пуштаме
солзите одново да се заледат

се симнував во утробата на градот
кога рече
ти јуриш во старост
а јас за тоа уште не сум спремна

сакам да те одведам одовде
некаде каде што има повеќе светло
и каде што луѓето
се посреќни
но само ја превртувам плочата
пластиката крцка во собата со ролетни
elektricity
elektricity
elektricity

Превод од српски::Игор Исаковски

Звонко Каранавоиќ::Збирка поезија::Пепелашка во хромиран ковчег, Блесок 2014

цетелман:: zettelmann:: blühende sumpflandschaften I-III:: 2016/17 foto ©HDSeibt