Томислав Османли

 

 

ОКЕАН ОД СЛИКИ

      Раскази и каприча

МАЛИОТ НЕМО ВО МУНДИРОТ НА КОРТО

(Океан од слики)

Сонував дека се најдов во темен и мек простор. Одеднаш, некаде одозгора, високо над главата се појави зрак светлина, и јас на миг се видов себе си во небесно сини детски пижами прошарани со мали насмевнати жирафи.

Неочекувано се сетив како се истркалав од мојот кревет и, кој знае како, упаднав во некој темен, топол и мек временски џеб составен, ете, од чоја. Само што тоа го помислив, високо над мене, заедно со зракот светлина, се појави огромна рака и фати да се спушта кон мене, при што јас со брз скок се скрив во самиот ќош на големиот џеб. Џиновската рака посегна по мене и нежно ме опфати склолопувајќи се околу мене, и ме подигна многу високо. Речиси го изгубив здивот од залетот и од стравот. Помислив дека раката ме крева кон небото, па и повисоко, ми се стори – сѐ до вселената, можеби и до оние исти планети на кои се најде Малиот принц од мојата омилена книга со која често се успивав. Меѓутоа, кога раката се отвори, пред мене се појави насмевнат џиновски машки лик со тркалезна морнарска обетка на левото уво.

“Тоа е значи Гуливер”, си реков.

Тогаш се сетив дека тој нема обетка, и дека би можел да биде налудничавиот дух од Аладиновата волшебна ламба, или некое уште страшно суштество.

За чудо, веќе не чувствував страв.

“Дали јас тоа сум умрел?” – го запрашав насмевнатиот џин.

“Хм …”, промрморе џинот, запали цигара, ја смести на работ од тенките усни и добродушно одговори – “Секако дека не, дете”.

Во тој момент го препознавав големото насмеаното лице што стоеше пред мене.

“Корто?!”, прашав збунето.

“Еј, дете!”, Рече мојот омилен лик, “Како се викаш?”
Молчев, збунет и воодушевен од омилениот лик.

“Не знаеш како се викаш?“, низ насмевка праша тој. 

“Не се сеќавам.”

“Во ред, малечок, така и си помислив. Ти си тогаш Немо “.

“Капетанот? “, спомнав уште еден јунак од омилена книга.

“Капетанот сум јас. Ти си оној малечкиот, од Земјата на соништата. Тебе те исцртале, исто како и мене. Те најдов во својот џеб. Роден си во мојот џеб, малечок.”

“Како е тоа можно! Па, децата се раѓаат во зелка. Таму, пред тоа, ги носат штркови што пред тоа ги собираат од облаците …”

“Тоа главно не се случува во овој свет, момче. Тука е сѐ поинаку од очекуваното. Овде секогаш некој ќе те извлече од џебот или од ракавот. Тебе те најдов во мундирот во кој го обиколив овој откачен и таинствен свет… ”

“Навистина, Корто?”

“Навистина, малечок! – рече мојот јунак со џиновски бој и со добродушен израз  – “Понекогаш додека сонувам, јас преминувам и во твојот свет. Не ви е ни таму здодевно. Сега ќе ти дозволам да го запознаеш  мојот свет. ”

Џинот се наведна, ја спушти огромнаата рака на земјата и ја отвори дланката од којашто се истркалав на мекиот песок од огромна плажа издолжена во недогледот на неговиот чудесен свет. Наблизу шумолеше океанот во чии неспокојни води се прелеваа слики од милиони приказни. 

Ја кренав главата и, онака седнат на песокот во моите пижами со папучи на нозете, благодарно му се насмевнав на Корто. Тој ми намигна, се исправи, се сврте  и тргна некаде по свој пат.

“Што ќе правам сам тука?” – плачев зад него.

Тој подзастана.

“Па, јас сум тука сам, а и не знам каде сум! – викав по него уште поочајничи  – Јас дури и не знам како се најдов тука. Кое е воопшто ова место? ”

Корто се сврте кон мене. 

“Ова е земја на приказните, она таму океанот од слики, наспроти него – прашумата на живот” – рече тој наједноставно, но јас сетики почувствував морници.

“Се плашам, Корто …”

“Не плаши се, малечок Немо.” – спокојно рече мојот омилен херој, добриот и бестрашен капетан од океанот на сликите – “Сите ние моравме еднаш да го искусиме истово. Страшното со тек на време ќе ти се претвори во познато, а ќе видиш, понекогаш дури и во убаво. Ова е земјата на соништата, малечок. Во неа, впрочем, ти постојано ќе се враќаш. ”

“Ќе се вратиш ли повторно и ти?!” – извикав очајнички.

“Да, но можеби на некое друго место, каде што наскоро нема да се сретнеме. Оди сега. Ќе видиш дека патувањето е интересно, “- рече Корто и конечно си замина.

Немав друг избор освен и самиот да тргнам, по плажата, напред.

Во своите влечки тешко чекорев низ влажниот песок на кој заблеснуваа, се претопуваа, се бришеа и одново се појавуваа слики од приказните што ги сакав, но и ликови во нив од кои многу се плашев. Го забрзав чекорот и стапнав во прашумата исполнета со живи сенки. Ме заплисна нејзиниот здив – таинствен, топол и влажен, и околу мене се заклопи густото зеленило како челуст на огромно чудовиште. 

Треперев и чекорев низ шумата и видов цвеќиња со неопислив раскош и богатства на бои, но онака исплашен, не им го почувствував ни мирисот, ниту убавината. Во еден миг се слушна силно павтање на крилја и јас уплашено застанав гледајќи во густиот сплет на лијани и крошни од столетните дрвја израснати високо над мене. Одеднаш ниско ме надлета  голема и страшна крилеста сенка, ми се стори – како од џиновски лилјак – па го почувствував тапотењето на срцево во испотеното грло.

Истрчав низ топлиот леплив простор полн со сенки и страв, и ненадејно излегов на чистина искапена во сонце, и тука очите ширум ми се отворија. Пред мене, една голема, преубава птица ги ширеше своите раскошни шарени крила и пред таа убавина која се перчеше тука пред мене, одново исчезна секое стравување. Ја препознав од мојот албум со сликички, беше тоа рајска птица.

“Ако е ова рајска птица” – си реков, исполнет со надеж – “дали сум стигнал до самиот рај?”

Но, за жал!…

Во тој миг од густите грмушки изглета огромен, бел сабјест тигар и скокна на птицата која ја грабна во челуста и додека таа се прпелкаше во неа, тој погледна со своите страшни очи кон мене.  

Останав закопан в место. Се обидов да бегам, но не можев ни да се помрднам, иако почувствував како босите нозе, испотени за еден миг, ми се лизгаат во папучите. За среќа чудовиштето за миг го сврте погледот на другата страна и со два шумни скока се изгуби меѓу гранките и потона во густите сенки на прашумата носејќи ја со себе и безживотната убавина на рајската птица.

Почувствував голема жед, и веднаш потоа капки кои паѓаа на моето рамо. Се сетив дека дождовните шуми се полни со вода, а јас стоев под огромните  растенија од чии цврси, светнати листови се цедеше чиста вода. Ја отворив устата и чувствував како водата благотворно капеше во неа. Ги собирав тие капки кој знае колку долго, но преголемата жед не можеше да се угаси.

“Еве, момче!” – ме штрекна длабок певлив глас зад мене.

Се свртев и со ококорени очи видов серирозно, сјајно и складно лице на црна жена.

“Не плаши се!” – рече таа и ми подаде стар, испотен мев стежнат од течност – “Еве, угаси си ја жедта, дете!”

Стоев неподвижно, загледан во младоликото лице на жената.

“Јас сум …” – заусти таа.

“Златоустата” – прошепотив.

“Да, да, да …” – рече таа со младешки ѕвонлив глас, но исто така и на начинот на кој најчесто говорат многу старите жени – “Ние сме се среќавале, нели така?” – ме праша најдобрата пријателка на Корто, вуду волшебничка од топлото море на сликите.

Нејзиниот глас беше убедлив, а лицето ѝ остана сериозно.

“Ти благодарам” – реков, и почнав жедно да пијам од мевот.
Течноста имаше прекрасен вкус и јас чувствував како уште сакав да пијам од пијалокот со вкус и со мирис на непознати чудесни цвеќа.

“Што е ова?” – ја прашав Златоустата.

“Тоа е нектар, пијалок на тие латици што од страв на ги забележуваше во шумата” – рече волшебничката – “Тукушто пиеше од пијалокот на бестрашните богови, Немо”.

“Но, тоа не е моето име!” – и реков по малку навредено.

“Знам” – рече таа – “но тука ѐ. Впрочем, не е важно како се викаш, важно е каков си и, уште повеќе, каков стануваш поминувајќи низ искуствата. Да, да, да … И ете, сега никој не ти може ништо. Од никого веќе нема да се плашиш. Ќе станеш мал бог во своите простори на приказни и на слики. Ти сега тука престојуваш. Ќе ги разбереш сите јазици…говорите на луѓето, на ѕверовите, на билките и на морињата. Да, да, да … ”

И вистина, чувствував како да растам во себе. Веќе не бев уплашено детуле туку се почувствував бестрашен и силен.

“Ти благодарам, Златоуста” – топло ѝ викнав.

Но, волшебничка веќе заоѓаше во прашумата, изговарајќи го оној  таинствен израз од необичните разговори со Корто, за којшто никој никаде, освен можеби во шумата на приказните, не знаеше што значи нејзиното  “Да, да, да …!”

Јас, исто така, сега го разбирав. Беше тоа потврда на сите добри сили, ликови и појави што го исполнуваат чудесниот свет којшто без сомнение, насекаде нѐ опкружува. 

Продолжив да се движам низ темниот свет на дождовната шума со обновена енергија и со опуштена душа. Веќе не ме застрашуваа цимолењата, шуштењата и криковите од шумата, исчезна од мене секое морничење. Се почувствував, наеднаш, потполно слободен.

Во тој миг, пред мене се појави гол домородец со мачешки искосени очи, бакарна кожа и со лице и гради нашарани со чудни бели шари кои зборуваа прастари приказни на заборавените јазици, чијшто длабок шепот, сосем неочекувано, го чув и в миг го рабирав. Во устата го држеше крајот на долга трска со отровна стреличка – насочена кон мене. На јаже исукано од жилави билки, околу половината му висеше тиквичка полна смртоносен отров направен од, со столетија невкусени, билки. Слушав сѐ. Дури и неразбирливото тивко фучење на отровот којшто згора на тоа имаше и така студена сива боја. Јас кој сега можев сѐ да видам и сѐ да разберам, јасно чув кога домородецот зеде длабок здив, а потоа и како му се напнуваат образите миг пред да ја дувне отровна стрела кон мене, но тој не успеа во својата намера, бидејќи падна како покосен, додека од зад него се измолкна необична човечка фигура, со долга неуредна брада и во темен мундир, и ми се насмевна со кисела насмевка.

“Распуќин!” – веднаш го препознав необичниот тип со лукав гаврански лик, кој при тоа почна да се кикоти.

“Го чвокнав со камен по глава!” – ми рече шеретски Распуќин, и ми даде знак да го следам – “Ајде, немаме многу време, малечок.”

Јас не разбрав зошто немавме време, сѐ додека не се слушнаа вознемирените гласови на другите домородци и ужасното шушкање и шумовите на скршени гранки кои заканувачки се ширеа насекаде и брзо се доближуваа до нас. Се пробивав низ шумата зад него додека Распучин со мачета, брзо замавнувајќи, во трк ги сечеше гранките и лијаните пред себе, во извежбан ритам и речиси по ред, сѐ додека не излезе на една полјана, каде што ме чекаше уште едно изненадување. Кренат во воздух и подготвен за полетување, тука стоеше огромен, шарен балон чијашто кошница лебдеше над билките на полјанката, и од време на време го напнуваше јажето со кое балонот беше врзан за голем камен тотем поставен среде полјаната.  

“Упаѓај брзо, малечок” – извика Распучин и насмевнувајќи се, додаде – “Пронајдов таен град полн со златото на домородците!”

“Елдорадо” – го изговорив името на волшебното место што толку пати се спомнуваше во шумата на приказните.  

“Баш ми е гајле како се вика” – рече мојот злобникав спасител вешто скокајќи во кошницата – “Важно е дека добро го обрав!” – Додаде и со еден удар на мачетата го пресече јажето.

Балонот почна да се одвојува од тлото уште додека се искачував за  да влезам во кошот, чувствувајќи како едната папуча полека ми се лизга од стапалото. Распуќин го крена балонот во вис, и дури тогаш ми пружи рака за да се кренам и да влезам во кошницата. Во тој момент, додека со балонот забрзано се кревавме во вис, а нозете ми висеа на работ од кошницата, папучата конечно, ми се лизна од нога и падна право на главата од главатарот на племето – чувар на тајниот златен град. Главатарот едно време остана збунет со предметот така неочекувано падна од небо, за веднаш потоа откако виде дека се работи за обична папуча, да крене таква џева што ги натера најснаодливите од неговите воини, кон нас веднаш да ги издувнат своите отровни стрелички.

Една отровна стреличка пролета пред самиот мој нос, другата остана во брадата на побеснетиот Распуќин, додека останатите се забија во големата шарена круша на нашиот балон, на којшто онака мали, никако не можеа да му наштетат. Во тој миг видов како еден од домородците тегне голем лак кон нас и јас ја извадив и втората папуча од босата нога и ја фрлив кон него. Се разбира го промашив стрелецот, но папучата одново го погоди главатарот кој повоторно почна да се корне од викање и тоа го потресе стрелецот кој се тргна токму во моментот кога ја испушташе големата стрела што, на тој начин,  далеку го промаши нашиот спасоносен балон со радосни бои.

Сега веќе, искачени високо на небото и сосема надвор од дофатот на нивните опасни оружја, се чинеше, бевме сосем безбедни. Распуќин седна на дното на кошницата, ги склопи рацете зад глава, ги прекрсти нозете и почна да пее весела песна од неговата далечна татковина, молскајќи со веѓите и очите, и од веме на време откривајжи го платното под кое сјаеа златни фигури и необични парчиња накит од забранетиот град изгубен во прашумата. 

“Ете, дете” – рече несекојдневниот брадест лик – “Јас сум богат со злато, а ти во авантури! Никој веќе ништо не нѝ може!” – додаде и повторно почна да потпевнува додека јас, претчувствувајќи нова авантура, гледав во еден галеб кој само што слета на врвот од нашиот балон, и толку силно почна да колве по платното на самиот раб меѓу црвеното и синото поле на балонот, што топлиот воздух  толку силно шишна од распорениот штеп што го отфрли галебот неколку метри во вис.

Во тој миг балонот престана да се искачува. 

“Ау!” – чудно рече Распуќин целосно свесен за новата ситуација со вкочанетиот балон – “Од кај се појави она гадно птичиште?!”

“Ене!” – прикажав во далечината кадешто се назираше непрегледната површина на окенот која ја надлетува бројни галеби, токму во моментот кога нашиот  распаран балон почна забрзано да се спушта, и потиснуван од воздухот што тишеше од галебовата дупка, како и од ветровите, продолжи засилено да се движи кон огромната, непрегледна  вода.

“Па, каде, по ѓаволите оди оваа збрчкана круша?” – очајно плачеше Распуќин.

“Не е лошо. А побезбедно ќе се приземјиме на вода “- некако смирено реков јас.

“Што дрдориш, бе ти!” – избезумено извика злоќудниот лик што ми го беше спасил животот – “Прво, на море не се приземјува! Второ, ако се примориме  отиде моето злато во оние недостапни длабочини “!

Немаше тука што повеќе да се прави одошто да се чека исходот од  незивесната ситуација. Јас спокојно гледав како нашата кошница најнаред се доближува кон линијата на брегот, а потоа продолжува да се движи косо надолу кон морската шир, сѐ додека не клумна во водата.

Распуќин диво, со делови од златото ги полнеше џебовите на неговата униформа, се додека остатокот, заедно со кошницата која го повлече и издишеното платно на балонот, не потонаа во длабочините на океанот.

Така, и јас се најдов во вода, и само што се свртев да го побарам Распуќин, го видов како со ококорени очи и со ужаснат израз на лицето ме гледа од под водата и се прпелка тонејќи со она злато стежнато по џеповите на неговиот мундир, испуштајќи меури од устата, додека неговата раздвижена силуета не се изгуби во темните и непроѕирни длабочини. 

Ми беше многу жал за мојот спасител, зашто нектарот на Златоустата не го избриша чувството на сожалување, и во такво расположение почнав да лебдам по водата, не чувствувајќи ни страв, ниту вознемиреност. Распуќин веќе го нема, сега беше потребно да се мисли на себе.

Со раширени раце, затворени очи и уши потопени во водата, во своите пижами со насмевнати жирафи, радосно мрдајќи со ножните прсти, истегнат врз свежата, пријатна  постела на океанот, ги сонував неговите непрегледни слики, го слушав ведрото кричење на делфините, хорскиот шепот на сардините, мјаукањето на морските мачки, рикањето на морските лавови дури до половите, лаењето на морските кучиња, и меѓусобните тешки разговори на чудовиштата од најголемите длабочини… кога, ми се стори дека некој ме повикува.

“Дали е тоа смртта?” – си реков бестрашно, но по новиот повик се тргнав и ја кренав главата.

Ги отворив очите и мижуркајќи кон силното сонце, здогледав необична силуета. Беше надвисната од прамецот на едно бротче.

“Што е, момче, уживаш, а?!” – над мене весело рече ликот со, инаку,  добро познат глас.

“Корто!” – викнав преплавен од радост зашто и тоа чувство го бев задржал, но веднаш се сетив дека морам да го информирам за голема загуба – “Распуќин веќе не е …”

“Не тропај, Немо!” – го слушнав во тој момент познатиот глас, при што зад Корто се појави брадестото гавранолико лице на кисело насмевнатиот и наполно мокар Распуќин – “Онаму долу тешко се дише, па решив да се ослободем од оној прекрасен баласт. А Корто…Корто секогаш кога треба е на вистинското место ” – рече злоќудниот лик на мојот поранешен спасител кикотејќи се при тоа, и извлекувајжи златен ланец со крупен приврзок кој блескаше на силното сонце, очигледно единствениот плен од повторно изгубеното богатство на Елдорадо. 

Гледав во насмевка на мојот омилен морнар со обетка на левото уво и со запалена цигара на работ од усните, и изненадено забележав дека мојот омилен лик не е повеќе со џиновски раст. Се смалил ли тој како што тоа се случува во светот на приказните, или пак јас пораснав до неговата големина? 

“Ајде,” – рече Корто и ми ја подаде раката за да се качам преку прамецот на неговиот мал брод – “Одиме, младичу. Доволно беше.”…

Заспав додека пловевме и сонував различни соништа и ги гледав сите можни слики што наоколу нѐ заплиснуваа. Го сонував големото пространство,  длабокиот и бескраен океан од слики, па иако во сон, на некој чуден начин знаев дека секогаш одново ќе му се враќам, ќе му ги слушам шумолењата, ќе му ги разбирам таинствените говори, ќе вкусувам од нектарот на мечтите, и ќе ги гледам чудесните глетки што никогаш нема да претстанат – во таа или во оваа стварност, додека во ушите секогаш ќе ми одѕвонува  таинствениот, добар и распеан глас на Златоустата:

“Да, да, да! …”