Исказ::Израз

Исказ во::кратка проза::

Израз во::ликовна уметност

додаток:: преводни особености:: 

::02::

15.03.2018

Симоне Кантер::

Simone Kanter::

::германски:: Deutsch::

под твоите пазуви пасе летото. Со твоите пила-усни го покани, го повика, го угости, си го легна под пазува, а делумно и на срце. Она срце што секогаш го барам кога те гледам в лице и што не го наоѓам, а на кое му велам: знам дека на друго место чукаш пожестоко. Под твоите пазуви летото ти го разјало месото. Кој мисли дека тревопасните не јадат месо, во заблуда е. Видов.

Велиш дека сум слатка но ништо повеќе, само малку паметна, грашок-мозоче. А јас те гледам како ми го лупиш черепот, како ја вадиш семката од зелената мешунка и го рендаш мојот сладок мозок. Те гледам, како што само гледам, секогаш додека си веќе зафатена со други. Со други дланки, со други усти, со други мозочни кори. Те гледам при разлагањето на твојот тревен пејзаж.

Велиш сум испаднала од времето. И тоа само затоа што сум малку поинаква, дури и малку убавка. Тоа го велиш, за да се занишкаш во својот мир. Зашто не знаеш, што е тоа, зoшто ти е до мене. Или дали воопшто ти е до мене. Погледнувам и го гледам летото под твоите пазуви. Го гледам како станува крзнено и волчешко. Летото е ретко убав гостин.

Се мислиме една со друга во различни бои. А често се гриземе. Ти едвај забележуваш, бидејќи си зафатена со други, додека ти мене не ми излегуваш од глава, и се прашувам, дали преку сите твои можности го осеќаш грашачето-мал мозок.

Радо би си прилегнала под твоите пазуви. Некако неодредено на парче од твоето срце, кое на друго место дефинитивно чука пожестоко. Ама не се спогодивме со летото, јас се плашев од неговото пасење, се плашев од неговото разјадување на твоето месо. Се плашев од твоето тревно поле на твоите подпазувни области. Се плашев, дека ќе го видам моето грашок-мозоче здробено од твоите волчешки заби на месомелница.

И сега те гледам сè уште со лето под пазувите. Се поместив надвор од твоето време. Чукањето на твоето срце секогаш го слушам една секунда задоцнето. Потоа помалку ме трогнува, бидејќи веќе не размислувам долго за минатото време. Не го сочувствувам, не отпосле, не однапред, не попатно. Пасам под моите лета.

Превод од германски:: Елизабета Линднер::

 

Ѓорѓе Јовановиќ:: Без Наслов:: Gjorgje Jovanovik::

 

::           ::           ::           ::           ::           ::           ::           ::           ::           ::           ::           ::           ::

Преводни особености:: Љубовта е универзална и недетерминирана! – Но не и во преводот!

Симоне Кантер:: Под твоите пазуви …

Во овој текст на оригиналот важна улога има неодреденоста на родот/полот на ликовите, која во германскиот јазик е граматички возможна. Значи целото обраќање во текстот е на ТИ, без да се долови родот, машки или женски. Исто и раскажувачкото ЈАС останува неодредено.

Тоа е една убава јазична особина, но за жал не може да се задржи на македонски, бидејќи сите форми на придавките и глаголската л-форма го следат родот на ликовите. Затоа авторката мораше на преведувачката да ѝ открие, кој пол го имаат протагонистите, односно во овој случај, протагонистките во текстот – значи македонскиот превод го открива полот, се работи за две жени, за разлика од германскиот оригинал, каде тој останува неодреден, две личности со неодреден пол.

Би го замолиле читателот да го има ова на ум… Не се губи ништо од самиот текст, меѓутоа во времиња на “џендеризирање” на јазикот, вреди да се напомнат и овие непреводливи јазични особености.

Елизабета Линднер