Исказ::Израз

Исказ во::кратка проза::

Израз во::ликовна уметност::

::03::
Ненад Јолдески::
Nenad Joldeski::
Дрвја со крошни под земја

Дрвјата се оголени. Луѓето се повлекуваат во себе како полжави. Градот ја следи идејата. Метафорите ми се чинат испразнети.

Дрвјата се оголени. Мислам дека се разболувам. Ги бришам речиси сите почетоците на моите раскази. Раскази? 

Дрвјата се оголени. Градот се повлекува во себе како полжав. Луѓето со него. Во големата јатка се спрема бура. Од надвор допира дует на пијано и виолина. Се слушаат гаврани.  Ми се топи мислата. Во мелодијата го препознавам Макс Рихтер. Сините тетратки на Кафка.

„Кога Томас ми кажа дека куќата во којашто бев роден повеќе не постои – ни името ни паркот кој се спушташе до реката, ништо од тоа – сонував сон дека сум се вратил назад. Шаренолико. Радосно. Можев да летам. А дрвата беа уште повисоки отколку во моето детство, продолжиле да растат во текот на сите години откако беа пресечени.“

Се присетувам, кога мене ми ја кажаа веста дека трите диви костени во дворот на куќата во која израснав веќе ги нема, и дека само стебла, повредени и мртви останале да скапуваат, престанав да сонувам. Една моја пријателка, пак, сонувала како ја сечат нејзината жална врба под која го поминала детството на бреговите на Дрим. Се разбудила среде ноќ во грч. По телефонскиот разговор, во кој ја убедиле дека врбата е сè уште тука, се смирила и заспала. Утрото добила телефонски повик.  Ја исекоа врбата, ѝ рекле, од каде знаеше? Тогаш го спуштила телефонот и ја прекинала врската со градот. И повеќе никогаш не стапна таму.

Мелодијата престанува. Булеварите се празни.

Еден пријател ми кажа дека сум престанал да пишувам интересно, дека ми недостига вистински наратив, заносна приказна, дека сум престанал да го смеам и дека треба да се вратам на својот стар потпис. А мене воопшто не ми се гледа назад.

Тука и сега.

Сè замрзнало, луѓето се менуваат на пролет, а не во октомври, кучињата ме плашат ужасно, ми паѓаат пантолоните.

Градот замрзнал, луѓето не се менуваат, кучињата лаат, ама не касаат, а мене ми паѓаат панталоните

Земјата замрзнува, луѓето се менуваат, кучињата лаат како никогаш. Ми треба каиш.

 

Казимир Малевич:: Даб и дријади:: Kazimir Malevich:: Oak and Dryads:: 1908