Исказ::Израз
Вилхелм Генацино:: (1943-2018)
извадок од “Светлината гори дупка во денот”, Блесок, 2013
превод од германски: Елизабета Линднер
Куса проза во вид на писма со впечатоци испратени до пријатели, еден начин за да се конзервира сеќавањето на одредени мигови или ситуации.
ДВА
Пред недела и пол, после подолго време повторно бев во театар. Ја гледав Крајот на играта од Бекет, која пред дваесет години веќе еднаш ја имав гледано; сакав да знам дали оваа пиеса и сега ќе ми се чини толку значајна како и тогаш. На паузата ја сретнав Изолде, една поранешна колешка од факултет, која впечатливо раскажуваше за својот одмор во Ирска. Изолде тврдеше дека урнеците за ликовите на Бекет, сите тие Марфиевци, Молоевци, Махудевци и Малоневци навистина постоеле во Ирска. Живеат во мали куќички на село, вели Изолде, си одат на гости едни кај други и си наоѓаат чудни занимации, исто како кај Бекет. Затоа, вели Изолде, Бекет е неоткриен регионален писател. Бев счудоневиден и многу сакав да ја послушам Изолде уште малку, но паузата веќе заврши. Дури два дена подоцна се присетив дека пред околу две децении неколку пати спиев со Изолде. Ми беше загадочно, односно: се срамев, бидејќи не се сетив веднаш. Бев збунет и си легнав на софата. Изолде е од оние жени кои забележуваат дали мажот кој зборува со нив се сеќава или не, и бидејќи цели петнаесет минути зборував, односно слушав, без да се сеќавам, јас за времетраењето на паузата во театарот бев човек без сеќавања и заради тоа налик на сениште и смешен. Изолде веројатно немаше заборавено ниту еден ден и ниту еден детаљ од нашата приказна. Овие случки толку многу ме вознемируваат, така што одново чувствувам или дека сум смешен или чувствувам срам или замор. Не можам да кажам кој од овие пориви беше најсилен. Веројатно на некој скриен начин сите припаѓаат заедно; се чини дека да се биде смешен не е ништо друго освен срам кој избива надвор, а кој јас заради умор не можам да го задржам.
Изараз:: Паул Клее – Paul Klee, Departure of the Ghost, 1931