Исказ::Израз

Ања Кумел :: Anja Kümmel

Piece of cake[1] :: превод од германски :: Елизабета Линднер

сите права задржани (c) СловоКулт :: SlovoKult

Дијана Томиќ Радевска :: Djana Tomik Radevska

Маж и жена жена :: Mann und Frau Frau

Краток трепет во погледот; допир што се чини дека нешто значи. Како тогаш на терасата на покривот на една голема издавачка куќа со поглед на светкавата силуета на градот.

Микробранови на трескавичен ентузијазам: Нешто поинакво. Ново. Толку долго чекаше. Конечно. Бев стаписана од молскотот во повеќе чифта очи, од неговото кршење во стаклените фасади –

Како сега од твоите мазно избричени раце, твоето страсно претерано прикажување женственост, ултра-меката ултрамарин коса, твојот парфем што провејува низ ходникот.

Потоа: уредено повлекување. Го гледам во твојот поглед, кој се менува зависно од светлината, кој се пролизгува крај мене. Небаре моето тело нема ченгели, скалила, за кои би можел да се задржи.

Мејлот дојде една недела подоцна: текстот ќе можеме да го прифатиме дури тогаш, кога ќе биде почитлив. Седев со недели и се обидував тук и таму да врзувам, да мазнам, без да знам што впрочем значи читлив (читлив за кого?), се обидував своите зборови да ги видам низ очите на кој било, да речеме: големиот друг.

Одбивањето дојде неколку недели подоцна, без коментар.

Сега повторно седам овде и се прашувам, што читливо, за што, за кого, додека на твојот балкон сè почесто стои еден полуќелав тип за да пуши.

 

*

 

Од објавувањето на Testo Junkie поминаа десет, пет, две години. Контролираното труење се провре низ шпанскиот, францускиот, англискиот, а еве конечно и низ германскиот – болест и истовремено нејзино лекување.

Веќе три години стои изданието на Feminist Press во мојот регал за книги. Успеа да го помине трансферот од шпански на француски на англиски. Сепак, дури неодамна вирусот достигна нов домаќин. Виновни се неколку фанзини од Белгија. Во еден од нив еден млад транс маж зборува за книга за тестостерон, кој – според освртот – ниту со една реченица не се внесува во перспективата на транс луѓето.

Си ја прочитал Testo Junkie? сакам да го прашам. А после ми текнува, дека дури ни јас самата уште ја немам прочитано.

Причината да ја земам книгата од регалот е наплив на затрескување во М., кого еднаш го видов, на Zine Fest во Берлин, прилично на почетокот на неговата транзиција. Високо извишен, слаб, црни цевчести фармерки, кратка руса коса, очила со дебел рам. Уште му немаше пораснато брада.

Ме изненадува ова затрескување, зашто генерално ме привлекуваат женствени до андрогени луѓе. Женствен, андроген – што сака може да си замисли човек под тоа.

Значи што е она кај М.?

Она дендиевското, ѝ велам спонтано на една заедничка пријателка.

Таа кима и се смее.

Кога ќе го погледнам М., гледам атрибути во слободно лебдење, кои како пчели или пеперутки, за подолго или пократко време се спуштаат врз неговото тело[2]: Мекост, ранливост, топлина. Тие овде, на и во М., ја загубиле својата типична женска конотација. Можеби зашто М., свесно или несвесно, толку совршено ги владее кодовите на естетиката на twink, gig и sissyboy, што ни за секунда не го повлекуваат во сомнеж неговиот полов идентитет.

 

*

 

Најубавите, најхетеросексуалните, оние што го чекаат Принцот од соништата со природен тестостерон. Во својата младост Пресијадо бил преколнувачки предупреден од своето мегаломанско сладострастие. Веќе 2005 почнуваат да се бришат границите меѓу природно и неприродно. Веќе не е премногу тешко да се дојде до тестогел, провлекувајќи се покрај медицинските, психотерапевтските, правните институции, провлекувајќи се покрај предвидениот протокол за прилагодување на полот.

2019 тоа е речиси детска игра. Незабележлива, невидлива зараза, од уста на уста, уво на уво, кожа на кожа, хартија на пенкало, епидерма на дисплеј.

Не може да се контролира криумчарењето на издишувањето, внесувањето и изнесувањето на пареи –  лесната вртоглавица, вжарената аура на една термографска камера. Дали е тоа чувството кога вбризганото тече во крвта? Примамлива, суштинската луцидност која Пресијадо ја опишува, Набојот[3] на ненасетена енергија, ноќните прошетки без цел. Само по неколку месеци мутирање на гласот. Прераспределба на мастите. Недостаток на железо – пријатно. Да се сопре сопственото умирање – иако, статистички гледано, на Т очекуваниот животен век се намалува за неколку години.

 

*

 

Во блиска иднина психоделичниот серум од двополови лозови полжави помага да се надминат неправедностите од природата. Телесни-апови отвораат нови можности со неколку кликови. Вака или слично во филмската инсталација Прототипови на Диран О‘мели*.

Обемни стаклени фасади – отаде раскошно зеленило, одовде светкави проспекти, кои ветуваат будење на вистинскиот, внатрешен потенцијал – од позадината тивко ѕвечкање на порцелан (како од твојот балкон, некое летно утро), додека очите на бесшумни дронови нежно се лизгаат врз чевлите, листовите, колената и без допир ги галат рамената, вратот, косата.

Самсунг – мобилниот со копчиња вибрира во џебот од моите пантолони. Оној што оди да се освети за сопствената смрт е лош дух. Од лево, или реликтот во мојата дланка, ме допира насмевка. Уште денеска моето опирање да преземам надополненија што се во доменот на возможното, ме исклучуваат од многу облици на заедница. Што ме спречува, на својот low-tech идентитет да му додадам молекуларна протеза, да се оптимизирам на полето на соматски фикции?

 

Не се работи за тоа да бидеш повеќе посакуван, вели Д. Се работи за читливост. И оди кон шведската маса. Категорична изјава, која се чини не одговара сосема на повеќеслојноста на Прототипови. На визијата за полот како простор што станува видлив само заради она што не е: ѕидови, под и плафон. Белиот четириаголник околу празно поле.

 

Прототипови не е единствениот прилог на Cyfem & Queer Symposium, што се однесува на Пресијадо. По перформансот Döner-Blackout or Press Conference: Testo Soap разговарам накратко со Ѓоксу Кунак ака Гучи Чанк – Göksu Kunak a.k.a Gucci Chunk.

 

Це раскажува, дека од пред извесно време це размислува да земе Т, ама се одлучува против тоа, зашто це често оди кај цеовото семејство во Турција  и тоа на Т веројатно нема веќе да биде возможно.

Каква иронија, забележувам, дека јас како квир – личност во Берлин сè повеќе чувствувам притисок да земам Т, додека Г. во Турција чувствува притисок, да не земе Т…

Г. се смее малку нервозно и вели: Well I think everybody should do what they want.

 

*

 

Не е секогаш зависниот оној што си ја вбризгува супстанцијата.

Всушност во германската верзија на Testo Junkie се има случено еден елегантен „glitch“:  Напумпани со природен тестостерон не се само принцезите од сказните, туку преку таинствена осмоза, сите девојки, дури и оние најубавите, најхетеросексуалните.

 

*

 

Пол, сакам да прашам, кога експериментот престана да биде експеримент? Дали отсекогаш си бил Пол? Или од кој миг започна да бидеш?

Мислам на патувањата на Г. во Турција, на пасошки контроли и сигурносни проверки. Неопходни признанија на Системот од два пола. Но и на тоа, колку тешко можат да се соединат зависност и волја.

Доколку почнам да земам Т, дали веќе нема да користам make-up, и никогаш веќе нема да сакам носам здолништа? Дали порано или подоцна ќе ја скратам косата? Што ќе направи проѕирната желатинска супстанција од мене и моите претстави за мене?

Тоа што ме привлече кај М., си мислам отпосле, беше она треперење околу Точката од која нема враќање[4]. Она најпрво попатно загревање на таинственото мастило. Кога ќе почнеш да насетуваш дека има нешто меѓу редови. Хиероглифи, прекриени од со векови стара прашина; еден нецелосно изгребан код.

 

[1] гола вода – најблизок идиомски превод (заб.прев.)

[2] Или, исто и ова е возможно, да се пробиваат однатре нанадвор кон површината, а таму исфрлаат по некој плик.

[3] Boost – англиски, слободен превод во контекст (заб. прев.)

[4] Point of no return (заб. прев.)

*Doirean O’Malley

Текстот беше дел од биеналето за современи уметности :: СловоКулт :: литерАРТура 2020 во Берлин :: и е застапен со извадоци на германски, англиски и македонски, како и со повеќе слики во фестивалската антологија што можете да ја најдете во избрани скопски книжарници :: Полица, Буква и Култура

Текстот е извадок од публикацијата Schimmernder Dunst über Perelín :: Schöner Lesen 141, SuKuLTur, Berlin :: 2015