Исказ::Израз

::09:: Фарук Шехиќ :: Срѓан Миќиќ ::

МОЈАТА ПРИВАТНА АТЛАНТИДА

:: ENGLISH :: BOSANSKI ::

Ми се чини дека сѐ почна кога татко ми престана да ја чита белградска Политика. Тоа беше пред да биде одржан 14-тиот вонреден конгрес на СКЈ. Од тој настан ги памтам солзите на словенечката делегатка Соња Локар. Нејзините течни емоции го означуваат доаѓањето на новото време.

Прво се појавија летечки ектоплазми кои ја презедоа контролата над човечките умови. Потоа ектоплазмите добија баш вистински тела, но најтрајни се покажаа костурите од иловица.

Потоа дојдоа андроидите, потомците на командантот Дата. Тие беа речиси како нас. Зборот речиси ќе ги чини живот. Ги истребивме, беа пресовршени. Потоа следи етапата на киборзи од далечни соѕвездија до кои не можеше да се досегне ни со греблата од приказните на Бранко Ќопиќ, со кои детето и скитникот Петрак сакаа да ја дограбат Месечината од првото брекче.

По киборзите наидуваат луѓе-петокраки. Тие немаат никаква идеја, не се залагаат за никаква опција и се согласуваат на сѐ како Фикрет Абдиќ. Рацете и нозете и главите се остри краци на овие необични биолошки пентаграми. Нивната задача е на шпицестите краци да се тркалаат низ времето и просторот. Реков: немаат систем на идеи, ниту пак ги интересира туѓата идеологија. Кога ќе направат круг околу Земјината топка, не знаат ништо друго освен да го повторат истото дејствие. Во концентрациониот логор Бухенвалд, многу години подоцна, видов запрега, со која логорашите преместувале тешки блокови црн камен од едниот крај на логорот до другиот. Ѕвездовидните ме потсетија на таа бескрајна работа. На тркалата на логорската запрега.

Потоа нашата земја ја населува небесниот планктон. Растенијата месојади воведуваат диктатура и ги осудуваат вегетаријанците на смрт. Ликуваат оние, кои од зеленчук најмногу сакаат месо.

Со ласерска брзина се менуваат режими, пропаѓаат влади како жетони во флипери на старите забавни салони од раните осумдесетти. Постои уште една улична споредба која ја сакам: пропаднат како кауч.

Потоа се буди морската трева – алга. Таа расте спирално и личи на синџири ДНК и РНК. Тревата го освојува копното, напаѓа цели градови. Исчезнуваат цивилизации за неколку дена. Тонат континенти кон морското дно и мирно чекаат кога ќе бидат прогласени за новооткриени атлантиди.

Златното време на човекот помина и мајмунот ја презеде работата во свои раце. Се случува, повеќе од кога и да е, напредок наназад. Мајмунот ја воведе мајмуноморфноста како естетски идеал, па сега е in да се има мајмунолика фаца, и нивниот наконтено-неранимајковски ôд. Отпорот е залуден. Сите сакаат да бидат како мајмуни.

Пред сето ова ја читав белградска Политика. Светот беше црн и бел, стабилен како швајцарски франк. Берлинскиот ѕид ја држеше нашата стварност на свој грб. Нашиот Атлас беше силен и сигурен. Додуша, тогаш бев мал и сакав да ја гледам Југославија со детски очи. Го читав културниот додаток на Политика. Со ножици сечев песни од Ален Гинзберг и од Џеј Богзе. Учев туѓи стихови напамет. Читав есеи и кратки раскази. Но најдобро од сѐ беше последната страница на весникот, од каде преку препорачана пратка можеше веднаш да нарачаш книга од долгиот список. Пишуваш име, презиме, адреса и насловот на книгата, па нарачката ја праќаш по пошта. Деновите кои следат се полни исчекување. Ништо не е еднакво на тоа. Ниту Дедо Мраз, ниту подарок за роденден. Така ја нарачав Сто години самотија од Г. Г. Маркез и Толкиновиот Хобит од библиотеката Распуст на Нолит. На списокот беа и Рани јадови од Данило Киш, во кои открив како звучи чистата поезија и тагата во кратки раскази.

Каде застанав? Ах, да, доаѓаа тешки денови. Па војна, па бегалство, па пушка на рамо, па ранување, па љубов, па љубов кон ракијата и цигарите. Дали знаете колку е слатка цигарата под баражот од минофрлачки гранати со калибар од 60 mm? Подобро ви е да не знаете. Затоа сум јас тука да ви појаснам. Тоа ми беше несвесна мисија: да се преживее, да се зборува, да се пишува.

Па мртви, па ранети, па лузни на телото, и оние внатрешните кои не зараснуваат со време. Па книги како вреден воен плен. Читање под светлото на импровизирани светилки од ленено масло украдено од трафостаницата, и парчиња ткаенина наместо фитиљ. Тогаш книгите мирисаат на запалени куќи. Запалени штали би ме потсетиле на ѕвездите од Ивановата Апокалипса.

Затоа трескавично ги сонувам солзите на Соња Локар, зашто тие се слабата противтежа на огнената стихија. Ми се чини дека сѐ почна кога татко ми престана да ја чита белградска Политика. Мислам само на неколку почетоци, распадот на Југославија и војната во Босна и Херцеговина. Повеќе не можеше да се добие од животот, ниту од смртта. Се запишавме во прво одделение на апокалипсата и го продолживме школувањето.

::  Превод од босански :: Исток Улчар

 

:: Срѓан Миќиќ :: Без наслов ::