Исказ::Израз
::08:: Влада Урошевиќ :: Горан Стојчетовиќ
ВНАТРЕШНА БЕЗДНА
По долги сонувања за тоа, вие одеднаш откривате дека знаете да летате. И тоа е сега сигурно и непорекливо. Прво ја испробувате таа своја дарба во собата: плафонот, лустерот, горните рафтови од библиотеката – сè ви е на дофат на раката.
Потоа рано наутро, кога нема многу луѓе, полетувате од својот прозорец. Кружите над бездната на улицата, ги испитувате одблиску покривите, ги допирате попат телевизиските антени.
Со дeнови потоа ги откривате гледниците што се подаваат од височината. Над планините, над шумите, над морето – насекаде пред вашите очи бликнуваат бескрајните перспективи полни со извонредната, неискажлива слобода на длабоките пространства.
Но потоа, откако навечер уморен ќе се вратите во својата соба, почнува кошмарот: од ноќ во ноќ сонувате како чекорите по земјата, а тоа е неподносливо тегобно и ужасно.
Горан Стојчетовиќ :: Кралот на гипсените орли добил удар во брада