Томас Бернхард “Сечење шума”, Блесок 2011 
превод од гермаснки Елизабета Линднер

Thomas Bernhard - Томас Бернхард

Томас Бернхард “Сечење шума”, една возбуда, роман
фото за корицата::Марјан Стојковски
наслов на оригиналот::Holzfällen::copy right::Suhrkamp Verlag::Berlin 

Книгата можете да ја најдете во :: Буква :: Полица :: Антолог ::

Сечење шума на Бернхард е роман, кој по обајвувањето најпрвин бил забранет во Австрија, бидејќи некои од ликовите во книгата си се препознале и поднеле жалба, на што австриската држава со полиција ја конфискува книгата од книжарниците. Бернхард се згадува од оваа случка, кога мора да види како неговите книги се отстрануваат од книжарниците и неговата омраза кон австриската држава дотолку се зголемува.

(извадок 1)

“Нивното уметништво не се состои од ништо друго освен од здружување со државата, тоа е вистината. Шрекер и нејзиниот животен сопатник и Билрот се само три примери за таканаречениот општ уметнички свет во Австрија. За повеќемината во Австрија, уметништвото значи да ѝ се ставиш на располагање на државата, не е битно која, и да оставиш таа да те издржува, доживотно. Австриското уметништво е безобразен и лажлив пат на државен опортунизам, кој е поплочен со стипендии и награди, а тапациран со признанија и почести, а кој завршува во еден почесен гроб на централните гробишта. Шрекер, која не е во состојба да развие ни една проста мисла, па со децении пишува само глупости, важи за интелектуална писателка, исто како и Билрот, која, како што мислам, е уште поглупа, си мислев; овој факт не само што го карактеризира нашиот современ пропаднат австриски духовен живот, туку и воопшто секој општ духовен живот. Но, во Австрија оваа катастрофална состојба е уште покатастрофална, кога, бидејќи сме се вратиле од Англија, ја набљудуваме од птичја перспектива. Одвратното овде отсекогаш било поодвратно, невкусното отсекогаш поневкусно, а смешното отсекогаш посмешно. Но што би биле и каде би биле ние, доколку сè беше поинаку? Шрекерова и нејзиниот животен сопатник, како и Џини, кои веќе дваесет години на младината ѝ глумат своеглавост, револуција и напредок, а всушност за овие дваесет години својата најголема енергија не ја вложуваа за ништо друго освен да трчкаат нагоре и надолу по задните скали во пародавните министерства, беа сродни по дух; со својата уметност со која ја залажуваа младината и ги уценуваа затапените министерства, тие отсекогаш ми беа одвратни. Сега Ана Шрекер седи до Џини Билрот, си мислев, и двете духовно пропаднати ги набљудував како сестри по карактер. Шрекер како и Билрот, како и животниот сопатник на Шрекер, денес го отелотворуваат оној вид на епигонална псевдоинтелектуална дрдорлива литература, која отсекогаш ми била омразена, а која беше обожавана од страна на фанатично помодните, секогаш брилијантни лектори кои беа заостанати во својот литературно научен пубертет и која беше ревносно субвенционирана од страна на сенилните чиновници на министерството за култура на плоштадот Миноритен.”

(извадоок 2)

Сите овие луѓе кои седат и стојат во музичката одаја, вклучувајќи ме и мене, со години беа гости во Марија Цаал кај сопружниците Ауерсбергер и таму беа искористувани од страна на сопружниците Ауерсбергер, тие им помагаа да ја пребродат ауерсбергершката селска здодевност и селската екстраваганција, со денови, со недели, со месеци, со години, и сепак не забележаа дека тие од страна на Ауерсбергершките се силувани и искористувани и злоупотребувани; тие беа поканувани за да бидат злоупотребени, а не како што сопружниците Ауерсбергер секогаш ги уверуваа дека е заради пријателство, заради љубов, секогаш заради нешто лажно-апсурдно, си мислев на стилската фотелја. За повторно да го зацврстат својот распаднат брак, сопружниците Ауерсбергер ме покануваа кај нив во Марија Цаал, не за да ми овозможат престој за одмор, како што ми глумеа, туку за да им го отплеткам брачниот јазол, како што си мислеа, но се разбира без да кажат што било во врска со тоа, и не, како што велеа, неколку недели или месеци, да, цела година, па и две години да ми овозможат уживање. Првиот пат не ме поканија во Марија Цаал заради тоа што им оставив впечаток на запуштен и пропаднат и наполу изгладнет, па за тие на еден себичен начин да ме разгалат, туку навистина скрупулозно ме намамија во нивната Марија-Цаалска замка, за да им го направам поднослив сопствениот брачен пекол, значи не така да се рече како неисхрането младо момче на кое му се потребни нивната заштита и љубов, туку како салцбуршко налудничаво средство за нивната цел, кое требаше нив да ги спаси од сопствениот брачен пекол. А јас бев доволно наивен, замката, која ми ја беа поставиле, да не ја препознам веднаш како замка, па западнав во таа нивна замка и веднаш, а подоцна дури и уште поинтензивно, од себе правев салцбуршки лудак, како што си мислев сега на стилската фотелја. Тукушто бев отпуштен од Моцартеумот, во џебот од панталоните со својата, гневно со две раце во леплива хартиена топка стуткана, диплома, како што се сеќавам, тие на таа извесна роденденска забава на плоштадот Себастијан ме поканија да дојдам во Марија Цаал, си мислев на стилската фотелја, а јас ја прифатив поканата, бидејќи не знаев дека сопружниците Ауерсбергер ме канат во својот брачен пекол во Марија Цаал. Тие со својата инфамија се беа нафрлиле врз наивното салцбуршко момче и ме поканија во своето седиште во Марија Цаал. А јас ја прифатив нивната покана, што, како што дури подоцна сфатив, беше потполно лудило. Луѓето како сопружниците Ауерсбергерови велат дека имаат пари и убав, голем, да, огромен посед, и исто така убава, голема, да, огромна куќа, а ние, кои го немаме сево ова, запаѓаме во нивната замка, си мислев. Оставаме да нè воодушеват со своето изобилство и им запаѓаме во замката. Ја гледаме само нивната фасада и го слушаме само површното од она што го кажуваат и им запаѓаме во замката. Оставаме да нè воодушеват со своето перчење и им запаѓаме во замката, си мислев на стилската фотелја. Зборуваат нешто за некоја си голема куќа со убави големи куполи и нешто за долги прошетки по многубројните поседи кои им припаѓаат и за вкусните оброци во нивната градина и нивните секојдневни излети со кола од еден до друг замок, а ние сме воодушевени и им запаѓаме во замката. Ни глумат еден апсолутно луксузен свет, а ние сме воодушевени и им запаѓаме во селската луксузна замка, си мислев на стилската фотелја. Повторно и повторно зборуваат за она што го поседуваат, за своето безгранично богатство, без всушност да зборуваат за тоа, а ние оставаме да нè воодушеват и им запаѓаме во замката. Зборуваат за нивните одлично уредени кујни и нивните преполни визби и за нивните библиотеки со десетици илјади томови, а ние оставаме да нè воодушеват и им запаѓаме во замката. Ги спомнуваат и нивните води со риби и нивните мелници и пилани, но не и нивните кревети, а ние сме воодушевени од нив и им запаѓаме во замката и во креветите, си мислев. А бидејќи ние самите сме дојдени до една крајна точка, од која не знаеме каде понатаму, како што јас во педесеттите години не знаев каде понатаму, оставаме тие најдлабоко да нè воодушеват и најревносно им запаѓаме во замката. Кога го напуштив Моцартеумот, јас немав излез и не знаев што понатаму, па заминав за Виена, а Виена не беше никаков излез за мене, туку ништо повеќе од студена, брутална безнадежност, па се разбира дека западнав во ауерсбергершката замка, во нивната замка која за малку ќе станеше и моја судбоносна замка, си мислев на стилската фотелја. Нивниот инстинкт им покажуваше кон мене, си мислев на стилската фотелја, нивниот инстинкт направи полн погодок, си мислев, зашто тогаш, во почетокот на педесеттите години, јас бев најдобрата од сите прилики за сопружниците Ауерсбергер, кои, одненадеж, веќе не знам кога и каде, ги бев запознал. До душа знам, си мислев на стилската фотелја, дека Јоана ја запознав на плоштадот Себастијан преку Џини Билрот, си мислев сега, но веќе не знам каде ги запознав нив, самите сопружници Ауерсбергер, и одненадеж се запрашав, каде всушност ги запознав Ауерсбергершките и не ми текна, веќе не ми текнуваше, имав заборавено. Повторно и повторно размислував, но не ми текнуваше. Во последно време често имав вакви моментални состојби на слабост, состојби на духовна слабост, си мислев на стилската фотелја, па не е ни чудо при сите мои болести, нервни болести, а и што сè преживеав денеска, секако дека се подразбира ова, си мислев. И си велев дека оваа година, која не е ни толку одмината, веќе пет пати бев на погреб на некој пријател или пријателка. Одеднаш сите умираат, си мислев, повеќето од сопствена рака, си велев. Одненадеж возбудено истрчуваат од некое кафуле надвор на улица и биваат прегазени, или се обесуваат, или ги стрефува мозочен удар. Кога имаме над педесет години во секој миг одиме на погреб, си мислев. Наскоро ќе имам повеќе пријатели и пријателки на гробишта отколку во градот, си мислев. Оние кои се родени на село, одат на село за да се самоубијат, си мислев. За самоубиството тие ја претпочитаат куќата на своите родители си мислев. А всушност сите тие се болни, без исклучок. Ако не се самоубијат, ќе умрат заради некоја од своите болести, кои си ги навлекле преку невнимателност, неколку пати го повторив за себе зборот невнимателност, небаре тој ми причинуваше задоволство на стилската фотелја, повторно и повторно велев невнимателност, додека гостите во музичката одаја не забележаа дека постојано го изговарав зборот невнимателност, па веќе не го кажував, кога забележав дека одеднаш сите од музичката одаја гледаат кон мене во претсобјето.