Кристијан Крахт – Империја

роман во издание на Блесок во соработка со СловоКулт, 2015

приредила и превела од германски: Елизабета Линднер

Слика на корицата: Катрин Салентин, Берлин

со поддршка од  ТРАДУКИ

Cover-Imperium-final

Книгата можете да ја најдете во :: Буква :: Полица :: Култура :: Антолог ::

КРИСТИЈАН КРАХТ – Белешка за авторот на Википедија

Опис, рецензија и извадок од романот

Империја е роман од Кристијан Крахт за кој тој во 2012 година ја доби престижната награда за литература Вилхелм Рабе.

Новинарот Георг Диц во 2012 година по повод објавувањето на Империја напиша во Шпигел, дека Крахт во романот пропагира расистички идеи, што е секако само извртено гледиште за роман кој критичарот очигледно не го разбрал. Тоа го пишуваат неколку други книжевни критичари кои забележуваат дека новинарот нема смисла за иронијата и хуморот на Крахт. Освен критичарите исто и некои големи имиња од литературната сцена се почувствуваа повикани да го искажат својот став во однос на овој особен роман, меѓу другите и нобеловката Елфриде Јелинек.

Империја наново ја раскажува приказната на еден ескепист, Аугуст Енгелхарт од Нирнберг. На почетокот на XX век Енгелхарт отпатувал во тогашната колонија Германска Нова Гвинеја, за таму да купи и да води кокосова плантажа. Неговата јасна цел: како вегетаријанец да се храни исклучиво од кокосовиот орев. Поставувајќи го романот врз оваа историска личност, Крахт раскажува приказна со примеси на балада за Јужниот Пацифик, носталгична фантазија и ескепизам. Аугуст Енгелхарт себеси се гледал како спасител на светот, сакал да создаде нова религија, да основа свое царство и со една сирова филозофија за кокосовиот орев да го спаси целиот свет.

Империја раскажува за заминувањето, за надежите, разочарувањата и грандиозното потфрлање. Читателот проследува спирала од лудило кое ги најавува изопаченостите на XX век. На крајот главниот јунак пропаѓа. Од вегетаријанец се претвора во човекојадец, од спасител на светот во антисемит и од здрав аскет во телесна крнтија.

Романот завршува со почетокот на холивудски филм кој е снимен според животот на Енгелхарт.

Текстот на Википедија

РЕЦЕНЗИЈА

ПАТЕПИС ЗА ИНТИМНОТО КРАЛСТВО

Ана Василевска

Необичен, вртоглав пресек на една навидум едноставна филозофска потрага по самиот себе, авантура на себеспознанието со екстремен развој во кој, централниот лик, градејќи ја внатрешната империја ќе имплодира. Шармантно и иронично, преку поединецот, авторот го инсинуира тоа што алчните и империјалистички настроени цивилизации го доживуваат со непроменлив исход.

Крахт, истовремено рационално и маговно го владее перото. Поделено во три целини и петнаесетина поглавја на двесте страници, во ова дело, авторот со исчитувањето на секој ред, создава извонредна драматуршка сетилна битка.

Новинарскиот габарит што го поседува Крахт, репортерското искуство и веројатно многугодишна акумулирана порака, се петриевата книжевна тацна на овој автор. Литературно издржан автентичен израз, обременет со описи, кои слично како и во џез музиката, ве “возат“ незабележително, се повторуваат со извесна цел, а оживуваат визулено како на филмски сет.

Аугуст Енгелхарт, иако припадник на “супериорна нација“, заминува со вискока и благородна цел во една егзотична германска колонија, убеден дека природата го создала кокосовото дрво за да ги задоволи сите потреби на едно човечко суштество. Во оваа автомисија, тој наидува на оние замки кои вообичаено се непредвидливи, но сепак се случуваат со причина.

„Човек мора да се стрпи, мислата човек гол и слободен да се храни од кокосови ореви била, иако принудно, сепак само една идеја која треба прво да надојде во цивилизираниот свет.“

Токму за тој, цивилизираниот свет, со критички толкувања на еден духовно богат автор, раскажува и при тоа, суптилно наведува, и заобиколува Крахт. Ако се земе предвид националниот предзнак, генерацијата на која ѝ припаѓа и космополитската биографија на Крахт, јасно е дека не останал недопрен од несвесната колективната вина за втората светска војна, која ја се провлекува меѓу прозата на современите автори од германско говорно подрачје. Со автентичен сензибилтет, ги инкодира пораките во овој роман: „Неколку станици потаму, на Александерплац, еден прокиснат Берлинец се потпира на ѕид од зграда и јаде, хипнотизирано џвака, еден од оние клапнати колбаси. Целокупната бедотија на неговиот народ му е втисната во изразот на лицето. Прекумерно мрсната рамнодушна неутешливост, сивата скрбност на неговата четинесто потстрижена коса, маслосаните дамки од колбасот меѓу неговите груби прсти – еден ден човек вака ќе го насликува него, Германецот. Енгелхарт, исто така хипнотизиран, го фиксира него, додека омнибусот клопоти минувајќи крај водениот ѕид.“

Наспроти медитативните блескави описи на егзотични пејсажи и природни феномени, набљудувачот/нараторот беспоштедно и иронично го изнесува субјективниот суд за белиот човек, подвлекувајќи паралели на културолошките придобивки и сиот неспокој што тие со себе го носат. „Французите во својата аутистична елегантност додуша беа еклатантни снобови, но бидејќи нивната култура се дефинираше преку јазик, преку la frankophonie, а не како во Германија преку митски шумоливата крвна припадност, тие се чинеа похетерогени отколку Германците, кај кои не постоеја меѓутонови, ниту нијанси, само малку засенчености.

Енгелхарт, во симбиоза со сите минливи но и не помалку важни ликови што ќе се најдат на неговиот пат нема да им одолеат на искушенијата и ќе тргнат во бездна, чекор по чекор. Дејствието ги бранува виугите, а впечатоците како со одложено дејство на некој лек, стигнуваат подоцна, исцелуваат и “перфидно“ се врежуваат во умот на читателот.

Како во антологиската сцена од филмот „Апокалипса денес“ на Копола, кога одметнатиот воин ќе се заврти против сите, и со еден единствен збор – хорор, ќе ја опише состојбата на безнадежност во битката со човечкиот деструктивен нагон, така во овој роман, тој збор би бил – опортунизам. Мајсторски во овој роман, се допираат интертекстуалните пораки, давајќи целовитост на делото и истовремено наведуваат на интимна катарза.

Сликарот Емил Нолде, кој е лик во една мала епизода од романот, “запаѓа во длабока депресија, слика потајно, исчекува, како и многумина други опортунисти од неговото време, да дојде до Finis Germaniae. “

“Империја“, раскажува и предупредува…

Извадок од романот

Извадок од романот – PDF

ПРВ ДЕЛ

I

Под долгнавестите бели облаци, под велeлепното сонце, под светлиот небесен свод можеше да се чуе развлечено трубење, потоа бродското ѕвоно нападно повикуваше за ручек, а еден малезиски момок чекореше лесноного и кротко по горниот дел од палубата, за со внимателен стисок на рамото да ги разбуди оние патници кои веднаш по обилниот појадок повторно беа заспале. Германецот од северот, Лојд, проклет да остане, благодарение на знаењето од кинеските готвачи со долги плетенки секое утро се грижеше за тоа, за оние кои патуваа во прва класа, да има од величественото алфонсо манго од Цејлон, исечено надолж и умешно аранжирано, јајца на око со сланина, со тоа луто маринирано бело месо, морски рак- чиња, ароматичен ориз и јако англиско пиво „Портер“. Особено уживањето на ова последново успеваше изгле- дот на плантажерите кои патуваа назад и кои – облечени во белиот фланел на нивниот еснаф – на горниот дел од палубата на „Принц Валдемар“ поскоро се излежуваа от- колку што пристојно си легнуваа да поспијат, да им го на- прави потполно простачки и речиси разузден. Копчињата на појасот од откопчаните панталони опуштено им висеа надолу на конците, дамки од сос со шафран-жолто кари ги опсипуваа нивните елеци. Едвај можеше да се издржи. Бледникави, небричени, вулгарни Германци, според својата појава налик на мравојади, лежеа таму и полека се будеа од својот дигестивен сон, Германци во светскиот зенит на својата влијателност.

Вака, или од прилика вака, си размислуваше младиот Енгелхарт додека ги прекрстуваше своите слаби нозе, со горниот дел од дланката поттурнуваше неколку имагинарни ронки од својата облека и смуртено гледаше преку оградата кон масленото, мазно море. Лево и десно летаа фрегати птици и го придружуваа бродот, кој никогаш не беше оддалечен од копното повеќе од сто морски милји. Се нурнуваа и изнурнуваа, овие ловци налик на големи ластовичини опашки, чија совршена игра на летот и чиј необичен маневар со пленот го сакаа сите патници на Јужниот Пацифик. И Енгелхарт се воодушевуваше од птиците на Тихиот Океан, особено од ѕвонестите медојади anthornis melanura, кои порано како момче со часови ги изучуваше во фолијантите, нив и нивните величестве- ни испапчени пердуви кои се прелеваа на јаркото сонце од неговата детска имагинација, минувајќи со малите пр- стиња врз нивните клунови, врз нивните шарени пердуви. Но, бидејќи Енгелхарт сега всушност минуваше под нив- ниот замав со крилјата, веќе немаше поглед за нив, туку само за дебелите плантажери, кои – во себе уште одамна носејќи нетретиран сифилис – сега се враќаа на своите плантажи и беа заспале врз заморно и сувопарно напи- шаните статии во Тропски плантажер1 или Германскиот колонијален весник2 и ете, сега мласкајќи сонуваа за голо- градите темнокафени црнечки моми.

Зборот плантажер не е сосема коректен, зашто предодреденост за овој поим е еден вид достоинство, занимавање со природата и со возвишеното чудо на растежот потковано со знаење, не, во неговото суштинско значење треба да се зборува за архивари, зашто токму тоа и беа, архивари на наводниот напредок, овие филистри со своите кусо потстрижени, според минхенската или берлинската мода од пред три години обликувани мустаќи под ноздрите обиколени со капилари, кои при секое издишување силно трепереа и со сунѓерестите бузи под нив кои се брануваа, врз кои беа закачени меурчиња плунка, небаре, само ако можеа да се ослободат од својата леплива лабијална состојба, тие и сами од себе ќе се вивнеа во воздух како меурчиња од сапуница што лебдат во некоја детска игра.

Плантажерите, пак, подѕирнуваа од под клепките, и го гледаа како седи таму, малку настрана, растреперен живец на едвај дваесет и петгодишна возраст со мелан- холични очи на саламандер, слаб, кревок, долгокос, кој носи безоблична облека со боја на кора од јајце, долга брада чиј крај се гребеше од палтото без јака, па човек накратко се прашуваше, што ли е со човеков кој при се- кој втор појадок, та дури и при секој ручек, седи сам на маса во еден агол од салонот на втората класа, со чаша сок пред себе, грижливо делејќи ја половинката тропски плод, а потоа за десерт отвора картонско пакување, и од кафеавата, пудреста прашина сипа со лажица во чаша за вода, а според сите изгледи таа се состоеше од истолчена земја. Па уште и го јадеше овој пудинг од земја! Колку ег- залтирано! Многу веројатно некој свештеник, очигледно анемичен, неспособен за живот. И сепак, во суштина не- интересен. Но, пред сè, напорно е и понатаму да се мисли на тоа. Скришно во себе човек му даваше една година на Пацификот, вртеше со главата, ги затвораше подотворените клепки и, мрморејќи нешто неразбирливо, повторно заспиваше.

Чкрипливото ’рчење кое гласно се слушаше го придружуваше германскиот брод додека минуваше крај амери- канските Филипини, низ Лузонскиот Премин (Манила не беше дел од рутата, зашто владееше несигурност, дали војната која ја беше зафатила колонијата ќе има добар исход), низ водите на територијата на Холандска Источна Индија која се чинеше бескрајно голема и, на крајот, во областа на германските колонии.

Ту, колку му се грозеа. Не, не и не. Енгелхарт го отвори стандардното дело од Шликајзен „Овошје и леб“ и залудно се обидуваше да прочита неколку пасуси, а на маргината од една страница со едно скусено моливче, кое постојано го носеше кај себе во џебот од палтото, направи неколку забелешки, кои, иако тукушто запишани, веќе ни самиот не можеше да ги дешифрира.

Бродот пловеше мирно под ведрото небо. Енгелхарт здогледа група делфини во далечината, но само што по- зајми двоглед од капетанот на бродот, тие повторно се нурнаа во понорните длабочини на морето. Наскоро стиг- наа на симпатичниот остров Палау, ги предадоа вреќите со пошта и повторно го напуштија. При следното кусо за- пирање, во Јап, на бродот колебливо му се приближуваа неколку кануа со странични пловки, се нудеа половини свињи и корен од диоскореја, но ниту патниците ниту екипажот не покажуваа ни најмал интерес за понудена- та стока, а при завртувањето, како и да е, од вителот на шрафовите беше зафатено едно кану и беше притиснато врз трупот на бродот. Островјанинот се спаси скокајќи во

морето, но кануто се распарчи на два дела, а намирниците, кои црните раце малку пред тоа ги беа подигнале во вис кон небото, пловеа врз пенливата вода, а Енгелхарт кој со една рака ја имаше опфатено книгата од Шликај- зен, се навали премногу напред над оградата и гледаше надолу, се згрози од призорот на половината свиња, која најпрвин пловеше а од страна сè уште ѝ висеа крвавите жили, а потоа полека потона во индиго-сината длабочина на океанот.

 

ВТОР ДЕЛ

VII

Еве, сега би сакале да позборуваме за љубовта. Тоа беше потиштено, дождливо патување назад. Океанот една цела депримирачка недела беше сив и оловен, дури непосредно пред здогледувањето на крајбрежјето од Нова Померанија повторно се појави сонцето на кое се надеваше Енгелхарт. Уште на кејот од пристаништето во Хербертсхое го пречека неговиот млад чирак Макели, кој од Кабакон беше доедрил до овде, за во главниот град да го дочека враќањето на својот газда. Енгелхарт резигниран и несреќен се симна од бродот. Кон него, значи во правец на поштенскиот брод на царството, маршираше еден корпулентен маж во бел костум, кој гледаше најмалку исто толку намуртено (тоа беше Хартмунт Ото, трговецот со птици кој немаше манири, кој повторно, по којзнае кој пат, со пцости ја напушташе Нова Померанија, со рутата кон земјата на царот Вилхелм, бидејќи човек повторно на најлукав можен начин го беше измамил во врска со еден товар пердуви од рајски птици). Тие едвај се забележаа еден со друг.

За тоа време Макели отвори еден издупчен чадор над главата на Енгелхарт, за да го заштити од сонцето што бодеше, му го позеде малиот куфер и извесно време одеше молкум покрај него, секако чувствувајќи, дека неговиот газда страдаше од голема потиштеност. Повремено размислувајќи, како би можел повторно да го расположи, ненамерно се досети на младиот Германец кој во хотелот „Фурст Бизмарк“ го чекаше Енгелхарт. Не треба да биде толку тажен, процеди Макели, сепак има посета од Германија. Каква посета? Да, еден млад русокос маж (кој инаку не допира ни месо, ни риба) веќе подолго од една недела седи таму и го исчекува враќањето на Енгелхарт од Австралија. Да, Макели, момче, туку извика и го протресе за двете раменици, зошто не кажал веднаш за ова. Посета! Каква вест!

Енгелхарт го остави блажено насмеаниот Макели да стои, јурна надолу по улицата, плискаше низ уличните барички, направи лак околу еден фикус, бенџамин, кој цутеше во живописно портокалово-црвена боја, подрипнувајќи ги прескокна скалите на хотелската веранда и силно задишен дојде и застана пред еден млад маж со сончеви пеги, кој, пак, срипа од софата од рафија, го заглави русиот прамен зад увото, влажните дланки ги избриша од панталоните и со накривено клештење се претстави како Хајнрих Ауекенс, вегетаријанец од Хелголанд. И рече дека му било колосална, навистана колосална чест, конечно да стои, што би се рекло, очи в очи наспроти генијалниот автор на книгата „Безгрижна иднина“. Штедел, патувањето го платил од сопствен џеб и едноставно дошол овде, се разбира, без да се најави со писмо, го моли да му прости, но тој само еднаш во животот го напуштил Хелголанд, за извесно време да студира во Хамбург, ама, еве, како и да е, сега бил овде и многу се радувал заради тоа, би сакал да пристапи кон Сончевиот ред, доколку е тоа возможно без понатамошни препреки. Црвенорусиот Ауекенс зборуваше без точка и запирка, а Енгелхарт почувствува како заради долгопосакуваната посета во неговата душа се воздигнува безмерно задоволство, како освежувачките меурчиња кои зовираат во минералната вода.

Ако се погледне наназад може да се каже, дека крајно позитивниот прв впечаток кој Енгелхарт го беше стекнал во однос на својот посетител, беше поприлично обоен од чувството на неговата, на Енгелхарт, осаменост, дека тој, што секако беше и под влијание на она неодамна искусеното грубо одбивање на неговото идејно учење од страна на јенкито Хелси, дека тој заштитните ѕидови на недовербата наспрема луѓето кои уште во детството грижливо ги имаше подигнато, моментално ги беше срушил стоејќи лице в лице со Ауекенс. Овој Ауекенс, како што имено наскоро се покажа како првокласен никаквец, поради што тој веќе неколку недели подоцна не беше веќе меѓу нас, туку pushing up the daises, како што вели Англосаксонецот.

Како впрочем Ауекенс дознал за постоењето на Кабакон, сакаше да знае нашиот пријател. Па, преку еден напис на нудистот Рихард Унгевитер, кој се однесувал на Хелголанд. Во тој трактат неговиот експеримент во колониите на Јужниот Пацифик биле величани како обид да се раскине духовната ограниченост на родината и да се зачне еден храбар (иако можеби утописки) нов почеток, под палми, далеку од плитката машинерија на едно бесмислено општество кое сè побргу зема замав.

            Енгелхарт, кој не очекуваше толку многу благонаклонетост од Унгевитер (тие двајцата, после едно жестоко разидување, кое, ако се погледне наназад, почиваше врз едно недоразбирање, го беа прекинале контактот со допишување што го имаа еден со друг), го замоли својот посетител што побргу може да го донесе својот багаж од собата, тие ќе отпатуваат заедно за Кабакон, тој, што би се рекло, бил првиот член на Сончевиот ред, да, да, секако, Енгелхарт веднаш и без церемонија ќе го именува за редовен соучесник, а потоа ќе се изгради колиба за него, а и воопшто, а и општо земено, секако дека ќе им биде феноменално заедно. Ах, инаку нема никои други членови, сакаше Ауекенс да знае, на што нашиот јунак со насмевка објави: уште не! Човек мора да се стрпи, мислата човек гол и слободен да се храни од кокосови ореви била, иако принудно, сепак само една идеја која треба прво да надојде во цивилизираниот свет. Ја плати Ауекенсовата сметка за хотел со потпис, го одведе младиот хелголандец надолу кон кејот на пристаништето, и заедно се качија на кануто со едра кое од сигурните млади раце на Макели беше управувано право кон островот.

            Веќе следниот ден беше поставена колибата од палмини гранки на новодојденецот. И мошне годеше да се разговара на германски, за неважни работи кои се однесуваа на нешто германско. Енгелхарт ни најмалку не се чувствуваше осамен, но свесноста за тоа дека би можел да ги сподели своите мисли само со некој што располага со сличен хоризонт како неговиот, го пренесуваше во добро расположение кое ретко го познаваше. Ауекенс го имаше читано Торо! Седеа заедно на плажа, зборуваа за политичката и етичката апсурдност на германската власт, што пред неколку години источноафричкиот Витуланд, а со тоа и островите Занзибар, Ламу и Пемба ги отстапија заради Хелголанд, и си го делеа месото од повеќе кокосови ореви. Беше облачно и без ветер. Пред нив во песокот, со цик-цак движење проверувајќи се еден со друг, два ситни рака, се спремаа за борба. Ауекенс од кој уште во никој случај не можеше да се побара да стане потполн коковор, јадеше со тоа и неколку банани, а Енгелхарт одржа мал говор за својот посетител. Подигнувајќи ја кокосовата кора како чаша франконско вино, му се заблагодаруваше на хелголандецот за тоа што го минал долгиот пат до овде. Наскоро тие заеднички, преку добриот пример што го имаат, ќе можат да примат и понатамошни членови во Сончевиот ред, зашто, и на ова место се слушна чукањето кора во кора и притоа извикот Vivat!, една добра идеја се остварува сама од себе.

            Човештвото, како и да е, сè уште не е подготвено да ја прифати идејата на Енгелхарт, тоа би морало најпрвин некако да отпочне да се трансцендира себеси, и тој се обиде со следнава аналогија (при чие излагање Ауекенс ја држеше главата малку накосо, замислено чешкајќи си го челото): Доколку една мравка се нафрли врз парче чоколадо, кое го пронашла при разгледувањето наоколу со помош на мошне комплексно конструираниот сензориум на нејзините пипала, самото тоа е еден процес кој во внатрешноста на мравјиот хоризонт за претстава е нешто потполно објасниво и неа ѝ се чини како нешто што сосема се подразбира само по себе. Но, доколку кон тоа се додаде и човек кој би сакал своето чоколадо да го заштити од тоа, на пример, дека животното би можело да ги извести своите колеги, та сите заеднички да си го присвојат објектот за насладување, и од таа причина го затвора чоколадото во внатрешноста фрижидерот, тогаш онаа мравка која сè уште се шета по површината од чоколадото (чии опипувачки движења врз основа на студот би станувале сè позабаваени и понесигурни) не може да ја проѕре можноста за она што моментално впрочем се случува. Околноста дека таа и предметот на похота би биле вметнати во студена околина, се наоѓа надвор од нејзината поимливост, мравката дури ни во следните сто илјади години не би можела да го разбере механизмот во чија основа, ете, се наоѓа нејзината сопствена смрт од студ која започнува, а доколку ѝ недостасуваше ганглиската опременост, на пример, за да сфати, зошто впрочем за една култура станало неопходно, да конструира шкаф во кој со додавање на ледени блокови нештата се одржуваат ладни. Многу слично би било и за човекот кој би сакал да разбере, од која причина се наоѓа на планетава: Човечкиот осет едноставно не би бил доволен, за да ја опфати сета позадина на фактот за неговото сопствено постоење. Доколку би го можел тоа (кое секако би се наоѓало во рамките на потполно невозможното), на тој начин би се подигнал превезот од мајата и тој би го трансцендирал своето постоење, би станал еднаков на бог, сосема аналогно на мравката која конечно би се пробила до нас, до оние нејзини колосални божества кои засекогаш постапуваат неразбирливо.

            Ауекенс кој не го разбра онака како што треба, она што Енгелхарт сакаше да го објасни со мравката и чоколадото, престана да слуша во оној миг кога забележа дека се работеше за речиси вистинска куќа, тоа што Енгелхарт во меѓувреме овде си го беше изградил: една беспрекорна два метра широка веранда од џеково дрво ја затвораше целокупната конструкција, ѕидовите на внатрешните простории беа декорирани со убавки школки, една шаховска табла стоеше поставена и подготвена за партија врз едно парче пловно дрво, една промислено насадена, красна цветна градина, облетана од шарени колибри, тукушто требаше да настане. Имаше прозорци низ кои преку дрвени ролетни можеа солидно да се затворат заради невремето или разно-разните животинки, а доколку човек навечер ги преклопеше капаците навнатре, тогаш се чувствуваше сигурно и угодно, едно чувство кое пријатно го пронижи Енгелхарт, кога првата вечер спиеше во својата нова куќнина. Да, доколку би биле искрени, тој и не ја беше конструирал самиот, туку беше повикал еден вешт столар од Хербертсхое, кој за една недела го подигна неговиот трособен дом и кој по негово упатство му беше изградил и олтар од миризлива сандаловина, на кој Енгелхарт постави една стара дрвена изрезбана фигура на тој начин, што нејзиниот недостижен поглед протекуваше низ сите простории од куќата.

ТРЕТ ДЕЛ

XII

Вечерта Луцов стои на тревната угорница малку понастрана од резиденцијата на гувернерот. Меѓу врвовите од палмите се оптегнати јаженца со фенерчиња, светулки танцувајќи се издигнуваат од грмушките. Јато од илјадници лилјаци полетува нечујно кон внатрешноста на земјата, за ноќта да ја мине спиејќи длабоко во прашумата. Сонцето е веќе зајдено, но таму зад вулканот може уште да се забележи она далечно светло на денот што избледува. Капетанот Слутер носи бела униформа, потонат во мисли седи и пуши на верандата, суровиот налог што го доби го тишти. Покрај него Панодра чии стапала почиваат во симпатични лакирани чевли (од каде ли само ги најде?) и не допираат сосема до тлото, празни една голема чинија со кекси од ѓумбир. На ливадата добриот д-р Винд во развеселен полукруг од неколку плантажери ја пее Che gelida manina од La Bohéme. Хал од некоја причина не е присутен, Кинези во ливреи подаваат чаши со шеќерен пунч, Луцов после една година ја пуши својата прва цигара која му има фантастичен вкус, од некоја германска марка. Со врвот од прстот отстранува ронка табак од долната усна и гледа нанадвор во заливот кој се затемнува, кога една не баш многу млада жена се залетува право кон него и, со површна елеганција и без да се претстави, објаснува дека ѝ олеснало што Луцов, ете, веќе не е онаму кај голион, но сепак му било потребно време, сега делувал закрепнат, во душата закрепнат.

Луцов, чии сеќавања на некогашните музички настапи во германскиот клуб, кои тогаш му се чинеа ужасни, беа избледени, и не беа само покриени со слој фирнајс од многуте месеци на Кабакон, туку западнаа во тотална заборавеност и заради збунувачката преселба на главниот град во Рабаул, ѝ се обраќа на Квин Ема и гледа во темно, пријатно, искрено лице, чија подотворена уста покажува два реда беспрекорни заби, кои, пак, од своја страна биваат пробиени само од делумно видливиот врв на јазикот. Го погодува како удар на струја. Со своите вити раце ги обвива нејзините колкови, ја повлекува Ема крајно мажествено кон себе, и ја бакнува со темноцрвена, занесна оддаденост.

Додека Енгелхарт отаде на Кабакон, под заштита на мракот кој паѓаше, со својата секира почна да копа по четири метри длабоки дупки (некои на плажата, некои длабоко во шумата), чија цел само тој ја знае, и кои потоа, кога ’рмбањето ќе заврши, ги прекрива со гранки и палмови ветки, небаре има намера островот да го прекрие со клопки, Луцов ја поведува Ема надолу кон плажата на која нема луѓе, обоена од бледата светлина на месечината, која во меѓувреме изгреа. Веќе тонат надолу а проточноста на нивната придвиженост запира, се претвора во автоматизирани движења кои гледани од далеку се доближуваат до ритамот на некоја човек-машина; делуваат како една во друга пропаднати полуголи кукли, кои лежејќи на подот завршуваат некој несмасен близок танц; месечината ги осветлува двете потскокливи топки од Луцовиот испапчен задник обраснат со руси влакна, повремено некој звук на стенкање провејува кон резиденцијата на гувернерот, иако нема ветер. Неколку милји на север, под истата таа месечина еден гол Енгелхарт веќе талка низ прашумата на неговиот остров, во подигнатите раце секирата.

Следниот ден Луцов и Ема не само што одлучуваат заедно да го напуштата Рабаул, туку и што побргу можат да се венчаат. Најбргу што можат пакуваат неколку куфери, ги заклучуваат вратите на вилата Гуантамбу со еден голем катанец и додека членовите (најнапред дамите) на гермаснкиот клуб се сретнуваат на еден вид предсобрание, чија единствена цел е, колку е возможно повеќе да им се исмејуваат на Квин Ема и нејзиниот музичар и двајцата да ги прекријат со валканоста од одбивноста предизвикана од нивната лошотија, тие двајцата, следени од група црни носачи на куфери, одат накај резиденцијата на гувернерот, за да ја изразат својата молба до Хал, на лице место да ги венча. Ема ја носи својата веќе употребена венчаница, која со години не е снежно бела.

Хал, за кого никој ни од далеку не насетува, дека преку една деценија е несреќно вљубен во Ема, се разбира, веќе слушнал за приказната; а во некои мигови му се чини, небаре му се лизга од раце онаа, и бездруго кршлива реалност, така и сега, кога пред него стојат овие двајца мечтателно насмеани, а тој, кој претходно си беше дозволил грижа на совест, заради допуштањето на еден веројатно кукавички налог за убиство, со брзина на молња си наметнува една дипломатска, да не речеме: лажна насмевка на лицето, на двајцата посакувајќи им најдобри желби, и со намигнување го задева Луцов, дали убаво размислил за ова. Луцов, небаре веќе може да ја види најблиската иднина, со симпатично клештење: „Пејачот сепак опиен, не внимава на опомената, го врти погледот назад во адот“.

Набрзина се наоѓа една кравата, Хал позајмува една од своите, да, во тоа бил без принципи и великодушен, та сепак се радува што Луцов набргу повторно стигнал во цивилизацијата; не не, не сака да ги венча, приговорот се наоѓа исто толку бргу како и позајмувањето кравата, не може да си ги најде очилата; можат да продолжат без него, младите луѓе (Ема веќе има повеќе од педесет), Слутер бил капетан, и тој го поседувал правото да венчава, ајде, иш, бргу долу по скалите кон брегот, тој ќе дојде веднаш по нив, потоа во нивно здравје ќе џапне една чаша пенливо вино, уште подобро две-три, хаха. И Хал, кој премногу често ја има видено Ема како се мажи, се разбира, не оди по нив, туку ги набљудува двајцата како одат надолу кон „Џеда“ и си шушукаат нешто, со тежок óд ја отклучува вратата од работниот кабинет (таму во рамка од махагони и зад стакло се наоѓа сеприсутната репродукција на Боклин „Островот на мртвите“), зад себе ја турка вратата со тресок, седнува зад масата за студирање, го закопува гувернеровото лице во машките, кафено исончани шепи и плаче со толкава необузданост, која и него самиот најмногу го изненадува.

Потоа долу на кејот, еуфоризирани, двајцата му нудат на капетан Слутер да ги венча на палубата на „Џеда“. Овој си го прочистува грлото, се чешка под брадата, се префрла од едната нога на другата, кашла и на крај сепак се согласува, иако тој, ете, тоа мора да знаат, немал никакви искуства во доменот на склучување брак. Маорито Апирана облекува една кошула од Слутер, која веќе не е сосема чиста и бела, и само за да делува смешно, на предниот искосен јарбол по грешка го издигнува знамето на рајхот, потоа клештејќи се протресува шише со шампањско (Новембер како и секогаш е исчезнат во просторијата за јаглен, Пандора некаде на копно), Ема џвака карамела и изгледа десет, ма дури и дваесет години, помлада.

Самиот Луцов здрав како дрен, малку отповеќе сигурен во себе, пука од енергија, нему, како што забележува самиот, сосема јасно му фалело она монденското, ритуалот на цивилизацијата, кристалните чаши, белите панталони со раб, веќе ниту една единствена мисла на Кабакон, доста му е од тоа, беше експеримент, да, успешен, може речиси една година да издржи во аскеза, неговите бројни болести се излечени, и сега назад во Европа, во стариот свет чии комплексни чувствености се крајно полезни, за човек сам себе да се лоцира во склоп на една структура во која бил роден – што му користи некому излегувањето од таму, ако не се врати назад, за да го приемни изученото, искусеното?

Подај ми рака, љубена. Далеку, одиме далеку. Во Баден-Баден, Монтекатини Терме, Евијан ле Бен – кралицата на островите, ќе го посетиме Франц Лист, Дебиси во летната свежина на Франција, потоа Берлин, Будимпешта и златно-блескавите згради на оперите од нашиот прапрастар континент. Ќе купиме автомобил, со занесна лизгава брзина ќе појуриме кон Монако, исунчан, непобедлив лавовски пар, ќе вложиме илјада, ма десетилјади марки на црвено и добивката ќе ја оставиме таму да се удвојува и удвојува бескрајно, потоа јастог Термидор, Пуји-Фусе, а потоа еден бескраен вртоглав венец од јагоди, затетеравен самовилски танц под медитеранската полумесечина.

Ема го воздивнува своето да, Луцов исто, се разбира, капетанот Слутер кажува неколку реченици кои наполу самиот си ги измислува, наполу ги римува со нив, а тие се веќе маж и жена, една тапа од шампањско со гласен пукот полетува кон небото. Апирана, чие лице истетовирано со концентрични кругови многу смешно во вид на мрежа се опсипува со меурчињата пенливо вино, ги полни подготвените чаши (за себе најполна), својата ја празни со еден потег и со брзина на молња од дејството на виното во маорискиот голем мозок е примамен да излезе од резевираната елеганција на својот народ, тој, кој никогаш не пиел, најцврсто што може ги прегрнува Луцов, Ема и Слутер.

Претпладнето во Рабаул пристигнува и „Принц Валдемар“, се закотвува, снежно бел, импозантен и малку навреден, веднаш до „Џеда“ која може да се нарече особено неугледна, а чиј надворешен изглед не се поправи многу-многу по пребродената бура во Соломоновото Море. Се разбира, човек сепак гледа натаму, во капетанот, во младоженците, поздравува, мавта, а Луцов, пак, од своја страна весел и исполнет со радост за елегантниот салон од првата класа на Валдемар, сè се залетува во правец на гелендерот на „Џеда“ (зашто навистина му е доста од песочни крлежи и разголено дискутирање), се качува на него, за од таму, сосема лекомислено, како некој главен келнер балансирајќи со две полни чаши со шампањско, со еден отскок прерипува на царскиот поштенски брод, притоа гледа назад кон „Џеда“, на работ од устата запалена цигара и извикува некоја досетка.

Ѓонот од неговиот чевел (кој неговите стапала веќе не се навикнати да го носат) се зализгува на мазниот ѕид од Валдемар, се обидува со грабање да се дофати за гелендерот, го промашува, и неговите нозе, небаре висат на две јажиња прицврстени за небото, се повлекуваат нагоре, изведува салто (кое навистина го заслужува префискот мортале) и со главата надолу појурува во пристанишниот басен, паѓа во водата меѓу двата брода, чии трупови благодарение на еден бран или струење, кое за несреќа минува баш овде, како некои железни китови неумоливо се доближуваат еден до друг и го здробуваат. Не само што смачкуваат раце и нозе, туку и целиот Луцов.

По ужасното викање од „Принц Валдемар“ надолу се фрла уште една гума за спасување со црвени риги, која не стигнува ни до површината на водата, туку останува бесполезно приклештена и заглавена меѓу двата брода, како бонбона меѓу јазикот и непцето на некој незаинтересиран џин.

Ема, која со пожолтена венчаница исчекува на „Џеда“, не само што го следи случувањето, туку и успорено во мрежницата добива проектирана слика за паднатата слика, во шок се спушта на едно колено, небаре ненадејно мора да се моли. Сè се случи толку стравотно бргу. Подига едно извезено ленено марамче врз долната усна, токму на местото каде што се гризна, две солзи ѝ прокапуваат од очите, лево и десно, батистот добива заоблена црвена дамка. Слутер нежно ја пофаќа нејзината рака, ја подига. Таа стои, ги одбива неговите дланки за потпора, не вреска, не пролева други солзи. Лицето на Апирана е обоена карпа.