Бенјамин Штајн – Replay (роман)

во издание на Блесок во соработка со СловоКулт, 2015

Приредила и превела од гермаснки: Елизабета Линднер

Слика на корицата: (масло на платно): Моран Хајнал (Moran Haynal)

Со поддршка од Министерство за култура на РМ

blesok-Replay-Cover

 

Продажба во :: Полица, Акантус (галерија) и АП(о)ТЕКА (при МКЦ)::

Бенјамин Штајн – Фото и Белешка (PDF)

Елизабета Линднер “Патот до религијата е трнлив” – Портрет за Бенјамин Штајн во Списанието “11 Март 1943”, број 21, 2013, во издание на Еврејската Заедница на Македонија, PDF

 

Осврт кон романот од СловоКулт:

2011 година во Блесок излезе романот „Платно“ од Бенјамин Штајн, кој во Германија сè уште има одѕив на извонредно литературно достигнување и уште се преведува на разни јазици. Романот „Replay“ иако помал во опсег, сепак го одржува она што читателите и познавачите на литературата би го очекувале од Штајн. Во актуелноста на темата оди еден чекор напред и го истражува идентитетот, животот на поединецот врзан за модерната интернет и телекомуникација, ги брише границите на реалноста и нејзината перцепција.

Како што и самиот наслов на книгата „Replay“, кој е на англиски и се однесува на термин од аудио и видео техниката кој означува повторно пуштање на снимки, е веќе преминат во модерната комуникациска технологија и е разбирлив за сите, бидејќи е само еден клик на мобилните телефони, на интернет, во социјалните мрежи… Приказната се занимава со влијанието на големците од виртуелниот свет врз поединецот, една реалност на тотална транспарентност во која се повеќе навлегуваме и која сè повеќе нѐ засега.

“Наскоро сите ќе имаме компјутерски чипови имплантирани во нашите мозоци.”
Штајн овој вид на секојдневна забелешка ја прави да биде основата за еден мрачен
дистописки роман, кој нуди нов пристап кон идејата за слобода, ропство и електронскиот надзор.

Роузен, софтверски експерт, ја раскажува приказната за тоа како станал
првиот човек што го има прототипот на електронскиот имплант познат како Unicom.

Овој нов изум може да направи повеќе од било кој паметен телефон: може да ги снима доживувањата на човекот, и му овозможува оние спомени кои особено му се допаѓаат бескрајно да ги повторува (Replay). Исто може и да ги манипулира и да ги сподели со другите. Роузен станува зависник од повторувањето на одредени сцени, троши многу време „лебдејќи“ над овие сцени, особено сексуалната сцена која се повторува и се повторува. Менталната зависност од порнографија и сè што може да се манипулира добива на популарност, па 95% од населението го добива истиот тој имплант, чипот на животот од Unicom. Оние кои немаат чип живеат во изолирани гратчиња, не се веќе вистински дел од општеството, бидејќи без чип немаат пристап до секојдневните средства за движење: автомобил и градски превоз.

Се разбира Unicom не е концерн кој седи со скрстени раце и заработува пари, туку активно работи на транспарентноста на општеството: проблемот со шпионирање и размена на податоци од секој граѓанин е сè уште актуелна тема, а еден реален лик кој се спомнува во романот е и Џулијан Асанж.

Да резимираме: Животот без имплантиран чип наскоро нема да биде возможен. Сите билети (метро, паркинг, авион, воз, кино…) и сите услуги ќе одат преку парични трансакции кои се одвиваат преку чипот на UniCom за идентификација на лицето.
Секако и задоволствата на животот се олеснети: преку чипот е возможно и замајувањето низ светот на интернетот без компјутер, бескрајното повторување и поигрување со сопствените љубовни страсти, разубавувањето на работното секојдневие… Но:
Дали животот е само проекција? Каде завршува реалноста а каде започнува виртуелноста? Што е со сеќавањето? Дали сопствените мисли се воопшто возможни? Дали се сопствени? Што прави Џулијан Асанж во романот?
Replay на Бенјамин Штајн е авантура низ реално-виртуелниот свет на првиот човек кому му е имплантиран чипот на фирмата UniCom. 

(Рецензија ќе има наскоро)
Извадок од романот

Бенјамин Штајн – Replay (извадок PDF)

Бенјамин Штајн

„Replay“

Превод од германски: Елизабета Линднер

Се плашам од појави што не сум ги измислил самиот. И ова копито … На работ од креветот ѕирка од под покривката во темнината. Шубе ми е. Без да погледнам натаму го покривам, ја спуштам главата назад врз перницата и ги затворам очите, како дете кое си мисли, дека она што не го гледа и не постои. Тоа ме потсмирува. Иако сепак требаше да знам дека е лош предзнак.

         Не сум будала. Розата е роза е роза е роза. Барем толку бев научил кај Матана. Знакот најпрвин не е ништо друго освен знак, упатство, патоказ, не е еднаков со она што го покажува. Знакот сам по себе е невин. Сам по себе не значи ништо и нема причина да се обеспокојувам само затоа што нешто е видливо.

         Предзнак, пишано, судбина … Знам за што зборувам. Јас сум специјалист за знаци. Барем се сметам за таков, бидејќи уште многу рано започнав да барам знаци, да откривам знаци и да толкувам знаци.

         Започна со играта „ако сега – тогаш“: ако сега колата на следната кривина скршне лево, тогаш ќе добијам сладолед. Ако оди на десно, тогаш нема. А ако вози право, тогаш ме чека нешто попримамливо што не се ни споредува. Мора само да бидам трпелив. А потоа трепкачот на задниот дел од колата засветка жолто – десно, а моите надежи беа веќе закопани под земја.

         Од трепкањето на светлото од колата погледот се премести врз трепкањето на небото. Ѕвездите сигурно зборуваат. Кога рано попладне се враќав од училиште го вклучував телевизорот и менував програма на Дневен хороскоп и возбудено исчекував додека да го кажат мојот знак и да ги објават астролошките прогнози. Часот во кој се емитуваше емисијата беше од голема предност, бидејќи половината од денот беше веќе поминат. Доколку астрологијата го потврдуваше она што се случило, тоа значеше дека она што не се случило, дури сега ќе настапи. Доколку не постоеше никаква поврзаност меѓу хороскопот и денот, онаков каков што го имав доживеано до тој миг, тогаш сето тоа ми претстоеше, небаре мојот ден всушност и не беше започнал вистински. Какво треперење и исчекување, ех, ветувачки радости и страдања и неодлучности … Ѕвездите сигурно не лажат.

         До ден денес не можам да отворам весник, а најпрвин да не побарам во содржината каде се наоѓа хороскопот. Доколку има хороскоп, но јас претпочитам списанија кои не се лишуваат од таква рубрика, не можам поинаку, освен повторно и повторно да отворам на таа страна и да се информирам за она што ме очекува. Пари, работа, љубов, сите можности, повремено дури и, доколку списанието го бива за нешто, тој беше обработен графички во форма на благо разбранувани линии, фази на мир, остри издигнувања, та дури и од самите шари, од линиите што се преплетуваа, од точките на пресекот и отклонот на кривите линии, може да се види каква склоност има следниот миг.

Малку подоцна дојдоа броевите, универзум за себе, бескрајни простори, сонца, планети и празнина, Небо и Земја, а среде сето тоа – едно непрекинато мрморење. Секој број имаше нешто да ми каже, често во облик на загатка, понекогаш дури и сосема некодирано. Човек мора да вежба, да ги наслушува пораките. Броевите не секогаш ја оддаваа својата вест без да фрлиш ждрепка.

Од самиот почеток се издвојуваа некои броеви, простите броеви на пример, тоа ми беа првите вежби. Потрагата по нив беше како лов на неделивото јадро на нештата. Ми се чинеа како да се таинствена, од своја страна бесконечна азбука од која се составуваа зборови и пораки.

Во тоа бев упатен, секако може така да се каже, за време на мојата настава по Бар-мицва. Моите родители немаа никаква врска со религија, затоа и речиси немав поим од ништо религиозно. Бог и неговите закони ми беа сеедно. Ама Бар-мицва мораше да се направи, барем заради забавата и подароците. Татко ми можеше да покаже што имаме, да направи големо шоу со стотина гости. Наставата не беше повеќе од предуслов со кој се добива пристап, еден вид влезен билет за забава и за благословот од подароците. Значи неколку месеци морав двапати неделно да одам на час по веронаука.

Учителот ми беше намуртен старец кој плукаше додека збореше и чиј здив од устата ми предизвикуваше гадење. Немам поим што му се случуваше со внатрешнината. Од ушите му растеа бели снопчиња четинести влакна, а јас не можев никако поинаку освен, кога седев спроти него, да зјапам во нив со некое чувство помеѓу гадење и фасцинација. Значи религијата, си мислев, смрди и бодликаво ти избувнува низ уши.

Уште по првите две посети сè повеќе копнеев по денот на забавата, затоа што тоa би значелo крај на ова мачење. Ќе излезам од опасната зона, нема да морам секоја вечер пред огледало панично да си ги прегледувам ушите и во присуство на други, речиси манијакално, да ја држам устата затворена или да мрморам низ заби, од страв дека религиозниот мирис и мене веќе ми се издигнува од внатрешнината.

Не, навистина не бев фан на ова подучување во божјите нешта. Во секој случај тоа се смени кога мојот учител ми откри дека хебрејските букви, кои безволно и со големи маки бев научил да ги разликувам една од друга, поседувале и бројни вредности, така што кога пред себе имав една од оние хебрејски книги со најмалку седум жигови, всушност зјапав во гигантски колони од цели броеви. Буквите од еден збор можеа да се собираат, а на тој начин можеше да им се влезе во трагата на скриени известувања, доколку се бараат зборови кои, до душа, означуваа сосема различни нешта, но заради соодветноста на нивните бројни вредности се чинеше алудираат на тоа, дека меѓу себе поседуваат некоја тајна врска, скриена сродност во значењето, која само требаше да се открие и која, во ова бев сигурен, содржеше некоја порака.

                                                                                    (Извадок, дел 1)

Тукушто лебдев во некое ноќно море. Темнина наоколу, само далеку над мене блескаше месечината, округла и бледа, и фрлаше тенка линија светлина надолу, каде планктонот се прелеваше како група ѕвезди. Една огромна раја едреше кон мене и ме одмина минувајќи преку мене, толку близу што оддолу можев да го видам нејзиниот бел стомак, шкргите што пумпаа, тесната муцка и очите кои налудничаво зјапаа. За малку ќе ме допреше врвот на една од перките. Оставив лека полека да испливам нагоре и изнуркав. Немаше ветер, а морето кое мируваше небаре е оловно се чинеше бескрајно ширно и црно. Ги затворив очите и останав да пловам. Црнилото постепено се менуваше во темно, а потоа во посветло сино.

          А сега… низ моите клепки се пробива топложолта светлина, небаре при пладневно сонце лежам на некоја летна ливада. Отворам очи и ливадата е навистина овде. Лежам гол на тревата а веднаш покрај мене две жени, Кетлин и Лиан. И тие се голи. Стомак врз грб припиени една до друга, се смешкаат озарено во сон, небаре уживаа во нежни соништа …

          Големо е искушението да се испружи раката, да се погали Кетлин по челото, со прстот да се помине врз нејзините веѓи, или да се тргне настрана сјајниот прамен од долгата црна коса на Лиан, кој е положен врз нејзините гради како некоја свилена лента. Но, би било залудно. Би посегал во празно.

          Колку и да го гледам со задоволство она што го гледам, сепак знам: Не е реално, туку само сеќавање. Тогаш во никој случај не се разбудивме на ливада, туку во округлиот кревет на Кетлин. Ноќта која Лиан ја мина со мене и Кетлин беше пред повеќе од петнаесет години. Остарев оттогаш, а и Кетлин исто, а Лиан, откако оној ден се поздравивме со неа, обајцата ја немаме сретнато.

          Секако би било залудно ако сакам да ги допрам двете. Можам да ги видам. Повеќе не е возможно. Зашто она што го гледам е филмска секвенца, одржан миг на среќа, кој мојот UniCom го има снимено и зачувано за мене. Ливадата среде напуштен летен ридски пејзаж го додадов подоцна, а видеото што на тој начин настана, ми едно од најомилените во мојата библиотека со теми за будење, мојата приватна, мојата таинствена Аркадија.

          Секое утро се наоѓам себеси во еден сличен миг на среќа, а живописното сеќавање на, веројатно дамнешните секунди на среќа, се меша со сосема актуелна длабока задоволност. Во својот живот имам достигнато фантастични нешта, и чудесно е што токму секундите на будење се оние кои секој ден ме наградуваат за напорите што порано сум ги вложувал.

          Никогаш не сум станувал со задоволство. Работата со себе го донесе и тоа, да не можам да отспијам како што доликува. Затоа станувањето ми стана уште потешко. Ништо не ми беше поомразено од сепнувањето од длабокиот сон со звукот на будилникот што нервираше, и потоа како во бунило се наоѓам себеси во темница. Тоа беше одамна, веќе е надминато.

          Го сакам она што го создадовме. Го сакам UniCom и доколку би морал да се одлучам што е она кое најмногу го сакам од ова техничко чудо, тогаш ова: што секое утро се будам во рајот.

          Не претерувам. Не губам ниту едно единствено сеќавање, кое не го оставам намерно да се загуби. UniCom го слуша и гледа она кое јас го слушам и гледам и го зачувува за мене. Го надгледува и мојот сон. Знае кога би требало да станам и го доближува часот за будење, го активира во една фаза на сонување, во која нашиот сон е најлесен, во едно видео кое е од мене предвидено за тоа. Што и да е она што сум го сонувал, секогаш нежно преминувам од сонот отаде во светлината, во некое сеќавање кое ми е мило, некое сеќавање на еден миг на среќа. Сеедно каде се наоѓам, дали е ужасно рано, а надвор е мрачно и студено, сето тоа не игра никаква улога. Се будам со насмевка.

Беше долг патот до овде, и мислам дека можам да бидам горд на она што сум го достигнал. На почетокот имаше лишувања, надминувања и тешка телесна работа, на што не бев сметал. Денес имплантацијата е само амбулантен зафат. Наутро човек оди трезвен во клиниката. После неколку прегледи се всадува UniCom, и попладне човек е облагороден и си оди дома, надарен со изострени сетила и прикачен во непресушното струење на комуникацијата ширум светот. Само ситните резови зад ушите сведочат за операцијата. Заздравуваат за една недела. После тоа човек го препознава новограѓанинот само по пулсирачкото сино светло на диодите кое на полуминутен такт спокојно засветлува под кожата на слепоочниците – како доказ на просветлението, на облагороденоста, прифаќањето во возвишен слој на упатените, поврзаните, на вистинските граѓани на светот.

          За својот витешки потфат морав да направам несоодветни работи. За мене беше сè друго освен обична прошетка. Откако веќе еднаш се бев прeобразил за Матана, сега минував низ друга трансформација, телесна и психичка, а оваа трансформација изискуваше многу повеќе од мене отколку само купување нова облека и посета во храмот за велнес.

          Колку и да бев несигурен вечерта при прекинатата шаховска партија, кога Матана ми го понуди својот предлог, дотолку понестрплив бев со своето потврдување следното утро. Се осетив како сноп од страв, сепак ми беше јасно дека морам да потврдам, дека и не може да има друга реакција. Колку луѓе добиваат ваква шанса? Не можев да одбијам. Откако срипав од кревет и ја оттргнав иритирачката халуцинација за јаречко копито, со која се бев разбудил, седнав на компјутер и му испратив порака на Матана.

          Јас сум за, напишав, ништо повеќе. И небаре цела ноќ немал друга работа, та седел пред компјутер и чекал да добие потврден одговор од мене, веднаш добив одговор.

          Не очекувал ништо друго, прочитав.

          Значи беше решено. Веќе нема враќање.

          Со фирмата, тоа значи со Матана, набрзина направивме деловна согласност. Се работеше за прашања за надомест. Што би се случило доколку нешто тргне наопаку, на пример доколку го загубам видот или, пак, како последица од тоа се здобијам со други непоправливи оштетувања? При овој таинствен проект не доаѓаше во прашање никакво осигурување. Фирмата ќе мора да се погрижи сама. И тоа и ќе го стори, ме увери Матана. Како што се испостави, тој веќе имаше сè испланирано и подготвено. Адвокатите веќе составиле договор кој ја регулира секоја евентуалност и се чека само на мојот потпис.

          Неколку од регулациите кои ги предвидуваше договорот за времетраењето на експериментот, ме изненадија, бидејќи побудуваа впечаток дека треба да бидам ставен во специјална заштита на лица. Ќе добијам свој шофер, бидејќи сè уште не можеме да ги процениме влијанијата на експериментот врз мојата способност за возење, и во никој случај не смееме да ризикуваме. Исто така требаше да добијам некој вид медицински телохранители. Еден тим од одбрани лекари би се грижел за мене, а еден од нив постојано би бил во моја близина, деноноќно. И воопшто, лекарите најпрви ќе го преземат режимот во свои раце.

          Цела недела ме прегледуваа детално, ми мереа срцев ритам и мозочни импулси, правеа крвни слики, го посредуваа процентот на маснотии во моето тело и неговата телесна издржливост, ми ги тестираа алергичните реакции и со компјутерска томографија правеа детално отсликување на мојот мозок – во состојба на мирување и во симулирани стресни ситуации.          Човек можеше да стекне впечаток дека ќе бидам испратен на мисија на Марс или подготвен за олимпијада. Нешто споредливо со тоа немав доживеано никогаш, а и не сметав на тоа дека некогаш ќе дојдам во ситуација кога до тој степен детално ќе бидам ставен под медицинска лупа. Кога лекарите го приложија својот извештај, се чинеше небаре експериментот беше пропаднал уште пред да започнеме.

          Резултатот беше срозувачки. Мојот дух сакаше да биде во форма, но моето тело не беше. При мојот животен пресврт, ми беше потврдено, во кој владее малку сон, запуштена исхрана и обемна количина стрес од многу работа, поскоро сум бил кандидат за срцев удар отколку за експеримент. Освен тоа белите мантили најдоа траги од THC, што мене не ме изненади, а на Матана му беше смешно, но лекарите ги доведе до дилемата дека можеби ќе го руинирам експериментот, доколку во месеците кои се очекуваа да бидат стресни, а кои ми престоеја, би посегнал по џоинт.

          За воопшто да можам да се квалифицирам како прототип на Homo UniCom, би морал да се доведам во форма. За експериментот тоа значеше одложување за неколку месеци, а за мене строга програма која ќе ме исфрли од моето дотогаш вообичаено секојдневие. Осум часа спиење на ден ми беа препишани, промена на исхраната и фитнес програма која мене, бидејќи не бев баш нешто многу по спортот, едноставно ми влеваше страв. И бездруго ќе мора да се држам настрана од секаков вид опојни супстанции. Ќе ми се даде половина година време, од Ед Роузен кој дреме на биро и повремено дува, да се направи атлет, кој евентуално, ама само евентуално, би можел да се прилагоди на експериментот кој Матана ми го беше предложил.

          Дури ни овие изгледи не можеа да го сопрат ентузијазмот што го имав. Бев одлучен и го потпишав договорот, а додека го правев тоа, ме занимаваше единствената мисла, која во оваа моја намера ми влеваше навистина страв: Ќе мора да зборувам со Кетлин. Веќе со месеци се обидував со многу зборови да ја предомислам за ласерската операција на кусовидоста на нејзините очи. А сега ќе мора да ѝ објаснам, како токму јас се препуштам на авантурата на еден ваков зафат, за кој е потребна уште поголема смелост.

          Во тогашната состојба на нашата врска немаше да морам да се изјаснувам. Но токму тоа беше работата: Доколку ја оттргнував од намерата, тогаш не затоа што толку многу ги сакав нејзините зелени очи, па не сакав да се откажам од нив, туку затоа што се грижев за Кетлин. Си се убедував дека таа можеби токму поради оваа моја загриженост досега се лишуваше од операцијата, бидејќи на мое место и таа слично би чувствувала. Како би можел да направам нешто, од кое самата таа се откажуваше поради мене?

          Можеби бев предолго во потрага по значења. Како и да е, сега ми стана јасно дека бевме пар и нашето заедништво е повеќе од авантура, повеќе од една возбудлива епизода, која никого не обврзува со објаснувања. Сакав да биде присутна, да ме – како да кажам? – придружува на патот кон непознатото. Сепак го бев потпишал договорот без да ја упатам во работата. Донесов одлука без неа. Без разлика на тоа, дали оваа претстава ќе ја заплаши или не, дали ќе биде согласна или нема, јас веќе бев одлучил небаре бев сам, небаре ја немаше неа и небаре нејзините ставови, стравови и мислења не важеа. Ова нема да ѝ се допадне. Човек не мораше да биде пророк за да го претскаже тоа.

          Не беше ужасно сознанието дека ја сакав Кетлин. Ужасно беше поразителното чувство да се биде сакан и стравот кој непосредно настапи, дека во сето тоа може нешто ќе се смени, и јас ќе ја загубам Кетлин, бидејќи се чувствува исклучена, дека не е сфатена сериозно, не доволно важна, за да може една ваква одлука да се премери заедно со неа. Навистина, ризиците од планираниот експеримент избледеа во однос на овој страв.

          Човек требаше да помисли дека сум доволно стар за да можам да се справам со ова, но јас стоев беспомошно пред овој страв како тинејџер во хаосот на првата сериозна вљубеност. Наместо да го отстранам проблемот од овој свет, со тоа што ќе ја упатев Кетлин во нештата и ќе се изјаснев, не, јас го поместував овој миг од средба до средба. Тоа бил таен проект за кој не смее ништо да знае, си зборував самиот на себе. Не ми преостана ништо друго освен и понатаму да си ја држам устата затворена, додека сè уште се наоѓавме во подготовки.

          Како и да е, му се поверив на Матана. Си мислев, ќе падне во несвест кога ќе му се доверам за своите интимни игри – па баш со една од контролките кај Anderson, Pinchet & Laurie, но моето отворање не го изненади. Со палецот покажуваше зад своето рамо кон широко отворените очи на огромната табла на фирмата која блештеше зад него на ѕидот.

          Мислиш, рече, дека фирмата е слепа?

          Не, не мислев така. Како можев само да претпоставам дека Матана беше превидел некој ризик? Значи, сè беше готово? Ќе морам да се разделам со Кетлин со давање некоја наводна причина?

          Би морал да се сконцентрирам на програмата за тренинг која ми ја препорачале лекарите, рече Матана со насмевка, која ја сметав за сурова и на граница со варварство. После, сметаше тој, ќе видиме како понатаму.

          Ми стана лошо. Морав да седнам. До пред малку мислев дека сум заплашен вљубен човек. Тоа заврши. Од сега натаму, за ова не се лажев, ќе бидам измамник.

          Следната средба со Кетлин беше тортура. Таа беше одлично расположена и се шегуваше, но јас се чувствував повлечен во себе како полжав во куќарка. Едвај можев да ја погледнам Кетлин в очи и не успевав да изустам ни една поврзана реченица, бидејќи се плашев дека ќе се издадам. Ми се причини, небаре меѓу нас се беа провлекле облаци од магла и ја прекриваа мојата слика за неа, деталите кои ги гледав и на кои досега им се бев радувал, нејзините очи, усни, русите влакна од косата врз нејзиното чело кои дрско стрчеа. Она што го велеше стигнуваше до мене само пригушено и некако развлечено. Над сето тоа се беше навлекол еден сив занишкан облак, претпоставката дека сето ова се случува за последен пат, дека иднината со неа завршува сега и овде, иако никој од нас не го сакаше тоа.

          Кетлин не знаеше ништо, и кога забележа дека сум отсутен, посегна по мојата дланка.

          Каде ли си залутал? запраша. Сигурна сум дека не слушна ни збор од ова што го кажав.

          Кимнав, се обидов со насмевка и извинување. Пелтечев нешто за тешка фаза во мојот проект, некој проблем што веќе со денови не сум можел да го решам и дека тоа ме блокира и мене и продолжението на истражувањето.

          Ќе се изнајде нешто, рече таа. Не биди толку драматичен! А инаку не било многу шармантно да се мисли на машини додека излегувам со неа.

          Гледај, рече, и кокетно се фати за гради: Ова може да те натера да ги заборавиш своите бит-ови обрасци, не мислиш?

          Сигурно немаше поим, си мислев, а јас не знаев дали тоа треба да ми олесни или да ме направи уште повиновен.

          Утредента ми беше роденден. Со честитките, ме предупреди Матана, нема да има подароци, туку вреќа нови обврски. Немало подобар временски период да отпочнам со својата програма за тренирање. За десет часот ми закажа кај себе во канцеларија, за да ми ја претстави личната инструкторка, која ќе ми помогне да бидам во форма за својата мисија.

          Бев точен. Во две минути до десет стоев во холот пред канцеларијата на Матана и ја поздравив неговата секретарка.

          Влезете слободно, рече: Ве очекуваат.

          Кога ја отворив вратата од канцеларијата на Матана и влегов, ми се причини небаре стапнувам на бина. Погледот ми застана врз Матана, кој зад својата работна маса беше опуштено потпрен на наслонот од кожната фотелја во вид на трон. Како и дента на моето интервју за работа, го извади џебниот часовник и со палецот минуваше врз релјефот со нимфата. Над неговата глава блештеа очите од логото на фирмата и ме зјапаа. Сето тоа делуваше како наместено, една добро промислена инсценација која требаше да ме импресионира. И навистина го стори тоа. Матана го пушти часовникот повторно да исчезне во џебот и со лежерно движење покажа кон гарнитурата за седење, на која пред години ги преговаравме финесите за договорот за работа. Таму веќе седеше некој, една крајно атрактивна жена со руса рамна фризура, сини очи. Под шевот од графитно-синото здолниште светкаа проѕирно-тенки чорапи …

          Voilà, го слушнав Матана како вели.

          Кетлин стана, а секретарката ја затвори вратата зад мене.

                                                                                  (Извадок, дел 2)