::Кристијан Крахт:: Овде ќе бидам и на сонце и под сенка:

::Информации за романот:: од Википедија (англиски)::

е роман објавен во издавачката куќа Kiepenheuer & Witsch во септември 2008 година. Насловот во превод – или “Овде ќе бидам и на сонце и под сенка” или “Овде ќе бидам и под сончевина и под сенка”,(ќе видиме) е од текстот до ирската химна Дани Бој.

Романот претставува алтернативна историја на Швајцарија во која Ленин не ја напуштил Швајцарија за во 1917 година во Русија да ја донесе Руската револуција. Наместо тоа, револуцијата на Ленин се одржува во Швајцарија, трансформирајќи ја во Швајцарска социјалистичка република, комунистичка држава која се вклучува во колонизацијата на Африка и во вечна војна со други тоталитарни империи, особено со федерацијата на британски и германски фашисти. Заплетот на романот, поставен околу 2010 година, трага по патувањето на црниот швајцарски политички комесар до срцевината на империјата, гигантскиот алпски Редут, каде што ќе го уапси Бражински, непријател на државата.

Надворешната поставка на романот и прецизната проза добија признанија во книжевниот свет во германското говорно подрачје. Die Welt го нарече “славна стравотна приказна”. “Süddeutsche Zeitung” го пофали пишувањето дека не само што длабоко потсетува на Ернст Џингер, туку и како “најубавата германска проза што се нуди во моментов” и “Die Zeit” како “веројатно роман на годината”. Но, рецензентот на Франкфуртер Рундшау го омаловажува “едноставно моронски” и “Die Tageszeitung” го смета текстот за премногу дифузен и некохерентен, што претставува само “сценографија во облаци од дрога” [4].

Романот е преведен на руски, англиски, хрватски, шведски, полски, бугарски, корејски, француски, норвешки и холандски, а годинава треба и на македонски.

 

::Извадок::

Превод од германски:: Елизабета Линднер

I.

Беше тоа прва ноќ без артилериски оган во далечината, цела ноќ беше тивко. Кучето спиеше на камениот под, а јас го наслушував неговото нерамномерно дишење. Ги протресуваше шепите, повремено сепак му се сонеше по нешто. Јас лежев во сива волнена ноќница на дрвениот кревет, стискав болви и други бубачки што ми лазеа по кожата, и пушев цигари. Чаршавите беа валкани, а перницата мирисаше на човечка лој, па не можев да спијам.

Утрината уште пред изгрејсонце ми донесоа чај, врел, јак, незасладен црн чај. Додека го пиев, мојот монголоиден чирак ми помогна да ги облечам чизмите и ми ги обви листовите со ленти од филц. Кучето седеше пред вратата. Беше крај на зимата и одајата ѕвечкаше од студ, минатата недела речиси непрестајно паѓаше снег.
„Готово?“
„Да господине“, одговори чиракот. „Вашата шапка, господине. Мразовито е. Минус петнаесет степени.“
„Фала.“
Откако се облеков и го вметнав бележникот во џебот од капутот, ја отворив вратата и излегов надвор. Кучето не ме следеше. Денеска беше денот на Бражински.

Јас бев партиски комесар во Нов-Берн, на мојата шапка беше прикачен бело-црвениот знак. Нашата 5-та Армија пред една недела повторно го беше зазела градот. Снегот мирисаше на железо. Под моите чизми крцкаше и шкрипеше. Едно вирче се распука. Искинатите страници од некоја германска книга лежеа под мразот, речиси можеа да се прочитаат поединечни реченици. Некоја дрвена врата тресна додека одев надолу по алејата. Страчки полетаа преплашено. Мразулци што се прелеваа во светлосино паѓаа од свиснатите кабли за струја и се распарчуваа наземи. Здробени ампули за морфиум лежеа наоколу. Сонцето изгреваше. Не се затоплуваше.

А како беше во лето, кога почвата беше мека и трошна? Човек веќе не можеше да се сети на тоа, како што не можеше да се сети на лица. Годишните времиња исчезнуваа, немаше веќе нагоре-надолу, немаше забележлив пресврт, ниту пак доба, ни бранувања, ни месечеви фази, војната влегуваше во својата деведесет и шеста година. Какво беше минатото лето, какво беше летото пред тоа, каква беше последната полна месечина? Реката на времето го беше измила од нашето сеќавање. Хиндустанците на Истокот велеа дека тоа била ерата на Кали Југа. Човек веќе не се сеќаваше. Беа веќе речиси сто години војна. Веќе немаше преживеани од тие што биле родени во мир.