Инго Шулце:: Адам и Евелин::

извадок од романот::

1

Темна комора

 

 

Одненадеж тие беа овде, жените. Излегуваа од ништо, стокмени во негови фустани, пантолони, здолништа, блузи и капути. Понекогаш му се чинеше како да излегуваа од белината или како одеднаш да се појавуваа, како едноставно да ја пробиваа површината и се покажуваа. Тој требаше само да го поднавали садот со течноста за развивање, ништо повеќе не мораше да направи. Најпрвин немаше ништо, а потоа нешто, што одеднаш постоеше. Но мигот меѓу ништото и нештото не беше дофатлив, како едноставно да го немаше.

Големиот лист се лизгаше во садот. Адам го вртеше со пластичната клешта, го притискаше подлабоко, повторно го превртуваше, зјапаше во белината – и потоа со прикриена восхит ја набљудуваше сликата од една жена во долг фустан, кој едното рамо и’ го оставаше разголено и спирално и’ се обвиваше околу раскошното тело, небаре се случило чудо, небаре принудил некој дух да си го покаже ликот.

Адам на кратко со клештата ја подигна фотографијата. Црната позадина на сликата сега беше посветла, без фустанот и мишката да ги изгубат своите контури. Ја зеде пурата од работ на пепелникот, повлече од неа и го издува чадот врз мократа слика, пред да ја потопи во течноста со прекинувачот  и од таму во садот со фиксирот.

Шкрипењето на дворната порта го вознемири. Ги чу чекорите кои стануваа сè погласни, три скалила нагоре, дури и тапиот звук од торбата за пазарење кога при отворањето удри во влезната врата.

„Адам, тука си?“

„Да!“ викна тој, токму толку гласно за да може да го чуе. „Овде!“ Нејзините потпетици одминуваа над неговата глава, додека тој укаше во негативот, го чистеше со едно крпче еленска кожа и повторно го стави во апаратот за зголемување. Ја изостри сликата и го исклучи светлото од апаратот. Во кујната чешмата беше пуштена и повторно сопрена, чекорите повторно се вратија – одеднаш таа скокаше на една нога, ги соблече сандалите. Празните шишиња кои стоеја во кошницата зад вратата кон подрумот заѕвечија.

„Адам?“

„Хм.“ Тој зеде еден лист од пакувањето, 18 на 24, и исправен го вметна во рамката за зголемување.

Скалило по скалило, Евелин се симна во подрумот. Нејзините прсти ќе бидат повторно правливи, бидејќи со дланката повторно се допирала по должината на нискиот плафон, за да не удри со главата.

Тој уште еднаш ја зеде пурата и повеќе пати повлече од неа, додека не беше сосема обвиен во чад.

Повторно ја постави стоперката на петнаесет секунди и го притисна големото правоаголно копче – светлото повторно се вклучи, часовникот почна да ѕуни.

Небаре требаше нешто да промеша, Адам минуваше со една рамно исчукана алуминиумска лажица преку главата на жената, ја повлекуваше мачешки бргу, ги испружи прстите, кои како да плискаат низ водата го засенчуваа телото на жената, и повторно ги тргна пред да се изгаси светлото од апаратот, ѕунењето престана.

„Леле ама смрди! Човеку, Адам, па мораш ли и овде да пушиш?!“

Адам со клештата го потона листот во развивачот.

Не сакаше кога му пречат кај неговите слики. Овде не трпеше дури ни радио.

Евелин, која дури и боса беше пола глава повисока од Адам, се опипуваше до него и го фати за рамо. „Мислев дека ќе ни направиш нешто за јадење?“

„На оваа жештина? Цело време косев трева.“

„Морам да одам.“

На белиот лист повторно се појави жената во долгиот фустан. Адам се лутеше што таа очигледно повторно го вовлекла стомакот, да, тој мислеше дека по насмевката и’ се гледа дека го задржала воздухот. Но, можеби и се лажеше. Со клештата ја потопи сликата во течноста со прекинувачот, а оттаму ја префрли во фиксирот. Потоа зеде нов лист од пакувањето, го превитка на средината и на работ од масата го искина на два дела. Другата половина ја вметна назад во пакувањето.

„А што јадеш?“, праша тој.

„Затвори ги очите. Ај не гледај така шашаво.“

„Миено е?“

„Да, нема да те отрујам“, рече Евелин и му вметна зрно грозје во уста.

„Па каде го најде?“

„Кај Кречманови, стариот ми подаде уште една кесичка, не ни знаев што има внатре.“

Светлото за зголемување се вклучи.

„И сега, што да и’ кажам на госпоѓа Габриел?“

„Смотај ја нешто.“

„Ама денеска морам да и’ кажам нешто. Ако ми дадат одмор во август, ќе морам да го земам.“

„Што се занесува па таа. Ќе одиме на одмор кога сакаме.“

Светлото се изгаси.

„Па нели сакаме во август. Ти рече август, и Пепи рече дека август е подобро. Без деца всушност нема слободни денови во август. Освен тоа, ни истекува визата во август.“

„Тоа не е виза.“

„Сеедно како се вика тоа чудо. Ние поднесовме барање за август.“

„Тоа важи до десетти септември.“

Адам го провлече листот низ садот, го преврте два пати.

„Баш е згодна оваа“, рече Евелин кога се појави жената во костум со панталони, која ги имаше потпрено рацете врз задниот дел од слабината, а градите испрчено напред.

„Имаше пошта?“, праша Адам.

„Ништо“, рече Евелин. „Зошто да не патуваме со воз?“

„Не сакам цело време да седам на едно место. Без кола е досадно. Имаш уште?“

Евелин му ги бутна останатите зрна грозје в уста и си ги избриша мокрите раце од фармерките. „И сега, што да и’ кажам на Габриел?“

„Барем уште една недела, нека ни даде уште една недела.“

„Па тогаш август ќе биде речиси поминат.“

„Можеш да запалиш“, рече тој кога го беше ставил пробниот фотос  во фиксирот. Отиде отспротива до квадратното лавабо, во кое веќе пливаа повеќе фотоси, извлече еден и го закачи на јажето до другите.

„Која е оваа?“

„Лили.“

„А во стварноста?“

„Ренате Хорн од Маркклеберг. Ќе добијам уште?“

„Ќе мораш да одиш горе. А оваа?“

„Па ја знаеш, Дездемона.“

„Која?“

„Па онаа Андреа Албрехт од поликлиниката, гинекологот.“

„Онаа со Алжирецот?“

„Таа нема Алжирец. Дури се имате и ракувано. Овој овде“ – Адам покажа на еден од фотосите на жицата – „го направив во јуни.“

„Кажи ми“, Евелин се доближи многу блиску до фотосот. „Таа ги носи моите чевли, зарем ова не се моите чевли?!“

„Како?“

„Овие се мои, шпицот, гребаницата, па дај кажи ми, што се занесуваш толку?“

„Тие немаат поим од чевли, сè ми доаѓаат со некои топуци, тоа сè ми нагрдува, па само за пола минута…“

„Ама јас не сакам твоите женски да ги облакаат моите чевли. Исто така не сакам да ги фотографираш во градината, а особено не во дневна!“

„Многу беше топло горе.“

„Ама не сакам!“ Евелин прецизно ги разгледуваше и другите фотоси. „Ќе отпатуваме задутре?“

„Штом ќе биде овде нашата кочија, ќе тргнеме.“

„Тоа го слушам веќе три недели.“

„Па се јавив. А, што да правам?“

„Нема ни да одиме, се кладам во што сакаш.“

„Ќе изгубиш.“ Адам вадеше фотос по фотос од водата и ги закачуваше. „Гарант ќе изгубиш.“

„Веќе никогаш нема да добиеме виза. Сега веќе и не би ни дале. Треба да си постар од педесет, вели Габриел.“

„Габриел, Габриел, таа многу зборува, ко да нема друга работа.“

„Ова овде е убаво. Црвено е?“

„Сино, свила.“

„Зошто не правиш фотоси во боја?“

„Свилата ја нарачала да и’ ја донесат, свилата и ова овде…“ Адам подигна еден фотос на кој беше една млада девојка со мини здолниште и широка блуза.

„Изгор скапи работиве, дури и на Запад, а ова не се ни чувствува врз кожата, толку е нежно.“

Адам превитка еден мокар фотос и го фрли во корпата за хартии.

„Што правиш?“

„Не го бива.“

„Зошто?“

„Премногу темен.“

Евелин зграби во корпата за хартии.

„Позадината е цела со црни дупки“, рече Адам.

„Ова е Лили?“

„Точно!“

Евелин го фрли фотосот назад и излезе во претсобјето со регалите каде што стоеше овошјето во тегли.

„Ова никако да се намали. Сакаш јаболка или круша?“

„Има уште дуња? Затвори врата!“

Адам го изгаси светлото и чекаше додека бравата од вратата не штракна.

„Од ’85, ако е ова петка“, извика Евелин однадвор.

„Па сеедно.“ Избра нов негатив, нагоди острина, го извлече преполовениот лист од пакувањето, го постави под апаратот и притисна на копчето од стоперката. Адам заедно со неа ѕунеше во истиот тон.

„Сакаш и ти едно чиниче?“

„Покасно.“

„Ќе одиш денеска во музеј?“

„Почнаа повторно посетите со водич?“

„Да, и јас повторно сè ќе пропуштам.“

„Ни јас не можам, имам уште една проба“, рече Адам.

Еден момент завладеа тишина. Го пушти листот да се лизне во течноста, го притисна надолу. Во претсобјето штракна прекинувачот за светло.

„Еви?“

Повторно го слушна ѕвечењето на празните шишиња.

„Еви!“, викна и сакаше да тргне по неа, ама во следниот миг сепак се наведна пониско над садот, како да сакаше да се увери дека насмеаната жена со раширени раце, која тукушто се појавуваше, навистина гледа во него.