::07:: за романот :: 10 минути и 38 секунди во овој чуден свет :: од Елиф Шафак ::
пишува :: Александра Димитрова – Саш ::
:: 10 минути и 38 секунди во овој чуден свет :: роман за жените и сите кои така се чувствуваат
За мене Елиф Шафак е на листата на десетте најдобри современи писатели и јас во мојата лична ранг листа на живи автори ја ставам на исто рамниште со Харуки Мураками, Орхан Памук, Маргарет Атвуд, Мишел Уелбек, Милан Кундера или Марио Варгас Љоса.
Весниците од англиското говорно подрачје, како „Гардијан“ или „Вашингтон Пост“ кога пишуваат за Елиф Шафак, го ставаат романот во втор план, поради активна улога на Елиф Шафак како вечен опозиционер и вечен трагач за права на обесправените, особено маргинализираните сексуални групи, сексуално злоупотребените и политички прогонуваните. Доаѓајќи од држава во која жените се уште се во сенката на своите машки роднини, таа привлекува внимание во интервјуата поради објективното критикување на трулата турска демократија, судството, злоупотреба на религијата и слични теми.
Прашањето кое се наметнува е секако, дали Елиф Шафак и нејзиното дело можат да се анализираат надвор од авторскиот личен ангажман и без да се земе предвид контекстот? Веројатно може, иако таквото исклучување на авторското ангажирање не би ги опишало сите аспекти на многуслојната поетика на Елиф Шафак и нејзиното значење во рамките на целокупната светска модерна книжевност.
Дека Елиф Шафак е еден од десетте водечки автори на денешницата, потврдува нејзината кандидатура за престижната Букерова награда во 2019 година, за нејзиниот последен роман со наслов „10 минути и 38 секунди во овој чуден свет“, прво издаден во 2018 година на турски јазик а потоа преведен во 2019 година и на англиски јазик. Издавачката куќа „Три“ го издаде романот „10 минути и 38 секунди во овој чуден свет“ преведен на македонски јазик во ноември 2019 год. Преводот е од англиски јазик.
Според интервјуата на авторката, идејата за да го напише овој роман го добила од медицинските сознанија дека и покрај констатираната клиничка смрт, научно е докажано дека човечкиот мозок има активност уште десетина минути.
Романот „10 минути и 38 секунди“ ја следи мозочната актвност на убиената Леила и нејзините реминисценции почнувајќи од раѓањето сѐ до смртта. Романот започнува кога телото на водечката хероина биолошки се гаси, а мозокот продолжува да функционира, односно откако Леила ќе сфати дека е фрлена во контејнер и дека е мртва.
Временската рамка на сеќавањата на Леила се од 1946 до 1990 година.
Романот е поделен во три дела- УМОТ, ТЕЛОТО И ДУШАТА. Првиот дел има 12 глави, од кои првите десет се однесуваат на сеќавањата од првата до десеттата минута, единаесеттата глава е во врска со сеќавањата од последните триесет секунди, а 12 глава ги содржи сеќавањата на последните осум секунди од активноста на мозокот на Леила.
Родена во строго патријахално семејство во кое гласот на жената не се слуша, уште на шест годишна возраст Леила се соочува со најсурова форма на сексуално насилство од својот чичко, кое продолжува сѐ до нејзината шеснаесетта година. Тогаша Леила забременува од чичкото- злосторник, но наместо утеха, семејството ѝ приредува сурово лажирање на стварноста. Таткото и не помислува да го пријави својот брат за педофилија. Тој наместо да ја заштити младата девојка која е брутално силувана и подведувана дека самата е виновна за педофилијата, едноставно решава да ја омажи Леила против нејзината волја, за да го избегне јавниот срам.
Леила соочена со фактот дека засекогаш ќе остане во канџите на насилниот машки круг, решава да побегне во Истанбул. Таму пак, наместо да најде спасение, таа присилно станува проститутка.
Во текот на животот само еднаш е среќна, кога се вљубува и кога стапува во брак со Али, кој пак е убиен на работничкиот протест за Први Мај 1977 година. Овој дел од романот е навистина холивудски и влева трошка надеж кај читателот, но за жал среќата на Леила трае многу кратко.
Единствени светли точки во животот на Леила, по смртта на Али, остануваат нејзините малубројни пријатели, стекнати во борделот или околу него. Пријателите, и самите се „фатумски оштетени“ како индивидуи. Првиот е транссексуалец, вториот е џуџе, третата е проститутка, четвртата е пејачка, а петтиот е нејзиниот другар од детството, секогаш маргинализирано паметно и дебелко дете. Тие се нејзината „водна фамилија“, затоа што не можат да и бидат крвна фамилија.
Првиот дел од романот завршува кога Леила ќе сфати дека двајца насилници кои и нудат неверојатно висока сума за една вечер, ќе ја убијат.
Она што плени во романот „10 минути и 38 секунди“ е сликата за Истанбул. Оној Истанбул кој туристите го знаат како романтичен, топол, светол, разигран, пријателски. Очигледно постои и друг Истанбул. Истанбул во кој насилството е императив, во кој една млада девојка може да биде продадена како роб за сексуални услуги, Истанбул во кој се кријат сите отпишани од нивните патријахални семејства, Истанбул во кој една жена може да се киднапира од улица, да се убие и фрли во контејнер. Како впрочем и во секоја друга метропола.
Елиф Шафак има специфична раскажувачка поетика. Таа раскажува како стара раскажувачка и во нејзината основна приказна секогаш се испреплетени по неколку раскажувачки нишки. Па иако фокусот на вниманието на раскажувачот првенствено е насочен кон Леила Текила, сепак се испреплетуваат приказните на мајката на Леила и нејзините пријатели. Тие приказни се подеднакво возбудливи и интригантни како и водечката приказна, онаа за Леила Текила, но ние нема да им ги раскажеме на читателите за да можат да уживаат во романот.
Ако во своите претходни романи, Елиф Шафак во фокусот на приказната поставува ликови кои имаат длабоки философски дилеми, во овој роман ликовите се првенствено исправени пред егзитенцијални проблеми. Тие се борат со милионите жители на Истанбул за да го преживеат денот, месецот, годината. Затоа што не се само жртви на своите семејства, туку се жртви на системот поради својата различност.
Елиф Шафак ги преиспитува многу длабоко општествените стигми кои постојат уште во раните години од општествениот развој на децата, стигми кои со текот на стареење на личностите само се продлабочуваат. Општествата немаат милост за никој кој има поинакво размислување, поинаков светоглед и поинакво сексуално, политичко или религиозно убедување.
Елиф Шафак преку романот „10 минути и 38 секунди“ успеала да ги скицира сите маргинализирани групи од едно општество. Па иако нејзините ликови реферираат на турското општество, ние кои живееме во земја од третиот свет знаеме дека она што е реалност во Турција, е идентично во сите земји од тој т.н трет свет. Таа смело потенцира дека татковците се верски фанатици кои за да ја зачуваат „семејната чест“ ја жртвуваат среќата на своите ќерки, дека властите се поткупливи и насилни, дека мајките се соучеснички во гревовите на своите сопрузи, дека децата се груби и неправедни, дека работниците се обесправени, дека човекот е број без кој се може.
Во вториот дел од романот Елиф Шафак ги следи петте пријатели на Леила Текила низ улиците на Истанбул следејќи ја во крупен план нивната авантура да го откопаат телото на Леила и да го фрлат во водите на Босфор. Овој дел од романот е многу возбудлив, динамичен, исполнет со многу повеќе дијалози и хумор. Во него уште повеќе се доловени личните судбини на петте пријатели на Леила Текила, нивните премрежија и секојдневни тешкотии да функционираат и работат во Истанбул. Овој дел е одлична приказна за другата страна на Истанбул, за неговите мрачни страни, неосветлени агли. За Истанбул кој е течен, непостојан, но сепак убав и возбудлив.
Елиф Шафак со романот „10 минути и 38 секунди“ се докажа како авторка која и покрај јасно изразената политичка и општествена ангажираност, сепак и пред се умее да донесе приказна која е убава, лесно читлива и возбудлива и која долго останува во сеќавањето на читателот.
Роман кој мора да се прочита!