::06:: За „ЧОВЕК“ на Јовица Ивановски

од Александра Димитрова Саш

Многумина не читаат поезија затоа што сметаат дека не ја разбираат. Поголем број од оние што се осудиле да земат стихозбирка в рака, се откажале од читање по првите десетина страници. Само малкумина, оние најискусните и најстраствени читатели знаат да уживаат во поезија и да препознаат која поезија е добра, а која поезија не заслужува комплимент.

Јас сум од оние кои можат да читаат сѐ, од најнезначајни шкрабаници до нобеловци, знам како да дочитам до крај, без да се откажам. Со поезија тоа потешко ми оди заради патетичноста, но во последните две години, колку што сум дел од уредничкиот тим на Словокулт, ја имам предноста да добивам ракописи кои имаат висока естетска вредност.

Јовица Ивановски е еден од ретките македонски поети, кого со задоволство го читам. Затоа што знам дека е нетипичен, непатетичен. Затоа што знам дека не пишува само за да биде ѕвезда на FB.

Јовица Ивановски со својата едноставност, и во секојдневното појавување, и во поетиката, израсна во ѕвезда преку своите петнаесет збирки песни. Токму поради неоптовареноста со титули и јавно изречени комплименти, неговото место во македонската литература се наметна спонтано, а тој по неколку децении континуирано пишување, ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2019 година.

Ивановски со најновата збирка, многу сурово се зафатил да ги отсликува емотивните пори на човекот, кој како дел од машината наречена град, се вмрежува, пулсира и дише со градот, но е сепак живо битие. Па Ивановски, онака како што прави кроки скица на градските агли и улици, прави скица и на биолошките сензации и биолошките потреби на човекот, на граѓанинот, на урбаниот лик. На крајот се добива слика на градот, како на валкана голема бучна машинерија, која ги меле најситните ковчиња и ги затвора најфините пори на човечкото во човекот, притоа обележувајќи го, етикетирајќи го, ставајќи го во редови, редици, списоци, парцели и броеви секој од нас.

  • Поезијата на Јовица Ивановски е исклучително машко писмо, урбан израз, израз на новата генерација, на онаа генерација која допрва доаѓа. Поезијата на моменти ја губи строгата форма на поезија и преоѓа во лирска проза, затоа што е надмината авторската постапка да се пишува само во прво лице, па има и песни со своевидна раскажувачка нота.
  • Поезијата на Јовица Ивановски е лишена од непотребна патетика, во неа ги нема романтичните потраги по безусловната љубов или идеалната жена. Ова е поезија во која без пардон се констатираат аномалиите на поединецот, во која се става на тапет секоја човечка слабост- неискреноста, дволичноста, лажната скромност и добрина, позерството. Па и на љубовта, која во 21 век е мала, минлива и има своја економска вредност.
  • Поезијата на Јовица Ивановски која во претходните збирки, имаше една многу препознатлива доза на сарказам, во најновата збирка „Човек“ станува попречистена од сарказмот и иронијата како некој вид завеси зад кои се криел вистинскиот болен збор. Овојпат Ивановски без пардон, без сарказам, иронија, завеси или скрупули ја фрла вистината на хартија и смело раскрстува со срамот. Тој директно вперува прст, ги дефинира појавите со вистинските зборови и без фолии, без шминка покажува и кон авторитетите.

Ивановски е опседнат со одминувањето на времето, со одминувањето на младоста и доаѓањето на средовечните проблеми како смртта, стареењето, губењето на физичката сила. Како секој урбан, машки автор и тој не успева да не ја разобличи болката за губењето на сексуалната моќ на мажот, па цела една песна ја нарекол „За пенисот“.

Војната која како феномен нè опкружува од тв екраните до бегалците распрснати по автопатите, железничките пруги и пероните на европските престолнини, несомнено го отвора прашањето на страв од војна. Ивановски успева да го претстави крајот на љубовта со терминологија и синтакса која е својствена за опис на војна во песната „Што се случи со љубовта“.

:: Миро Масин ::Јовица Ивановски:: по повод наградата “Браќа Миладоновци::

Смртта е доминантна фасцинација во најновата збирка на Ивановски, но не како страв од прекин на животот, туку како најнормален природен след на настаните, како последен чин кој не му е својствен само на човекот туку и на целата природа, па и на градот како комбинација од двете. Тој особено жали за смртта на старото Скопје.

Лирскиот субјект на Ивановски и покрај тоа што претежно размислува за другите, сепак знае да си припомне и за драгите мртви, оние кои веќе не се меѓу него, меѓу сите нас, оние најпорочните и кои според него се на небото.

Претпоследниот циклус песни, наслов САМ, донесува атмосфера полна со тегобност, желба да се биде сам во природата и тага поради оддалечување на Човекот од природата. Метафорите не се со појави и процеси од природата, туку со термини од механизација, град, бетон, тешки и непријатни звуци, претстави за смрт, претстави за распаѓање на телото, за губење на љубовта.

Стихозбирката „Човек“ ја препорачувам за читање од повеќе причини. Пред сѐ затоа што не е оптоварена со херменевтичност, тешка и неразбирлива лексика и непотребна патетика. Збирката од првата до последната страница е пишувана со лесна и едноставна лексика, урбани изрази, со свесно инкорпорирани жаргонизми и зборо-форми преземени од скопскиот говор.

Песните се преполни со мини слики, епизоди и емоции од секојдневното опкружување на еден обичен интелигентен човек. Песните се исклучително сликовити, текот на свеста е нагласено машка.

Стиховите се читаат лесно, во еден здив, па иако на моменти оставаат горко чувство, сепак на крајот од нив блика некоја потсвесна надеж дека сепак можеме да живееме во ист пулс со градот и природата, без да се плашиме дека потполно ќе исчезнеме.