::СловоКулт:: ОСВРТИ::

:: 01:: кон книжевното издание:: Ехо на слободата од Ана Јовковска:: , ТРИ Скопје, 2018

од Александра Димитрова – Саш

Ана Јовковска е една од малкуте македонски интелектуалки, со која цел живот се пресретнуваме на исти места за излегување/промоции на книги или изложби, а со која се немам лично запознаено. Но сепак имам чувство дека ја познавам, затоа што секојдневно ги читам малите мудрости кои ги објавува на својот фејс-бук профил, но и поради тоа што редовно ја читам во списанието „Портрет“, во кое ги објавува своите интервјуа.

Кога разбрав дека ја објавила својата втора збирка со собрани интервјуа, едноставно наречена „Ехо на слободата“, побрзав да ја набавам книгата и веќе од првата страница, од воведната реч на оваа исклучително талентирана млада дама, сфатив дека ќе уживам да ги (пре)прочитам интервјуата.

Воведот кој Ана Јовковска го нарекла „Ефектот на пеперутката“ многу синтетизирано ја дава сликата за збирката од триесет интервјуа и многу скромно ја опишува својата творечка вештина за правење интервјуа. Сепак таа е скромна и несуетна, што е видливо од интервјуата, иако ненаметливо потенцира дека таа како новинар никогаш не е тенденциозна и дека никогаш не врши тортура врз своите соговорници. Тоа е сосема коректна констатација, интервјуата на Ана Јовковска со секој профил на професионалец е подеднакво нежно, суптилно, пријателско и инспиративно.

Нејзините интервјуа по дефиниција се квантитативно долги. Прашањата се секогаш комплицирани и носат многу енергија. Прашањата секогаш во себе носат теза или претпоставка, па соговорниците се интелектуално предизвикани во моментот да смислат луциден, мудар и провокативен одговор.

Очигледно е дека Јовковска е многу подготвена пред да го започне интервјуто. Јасно е дека таа ги има прочитано сите дела на соговорниците-писатели и ги има прочитано сите рецензии за конкретниот автор и оттаму успева да им постави исклучително важни прашања, преку кои го демистифицира соговорникот во врска со неговата интелектуална и општествена работа.

Сепак нејзиниот природен сенс за балансирање со ситуацијата не дозволува да постави прашање кое премногу ќе навлезе во интимата на соговорникот, односно таа го враќа на вистинскиот професионален колосек секој соговорник кој започнува да одговара без фантазија.

Изборот на интервјуа во „Ехо на слободата“ не е случаен. Во својата збирка од интервјуа,  Јовковска ги поместила интервјуата кои се најпровокативните и во кои соговорниците се врвни мајстори на своите професии и исклучителни мислители и дијагностичари на нашето секојдневие. Во редот интервјуа кои се поместени во „Ехо на слободата “ не изостануваат и имиња кои се од интернационалата сцена.

За мене лично најлуцидно е првото интервју во книгата, а направено со Фредерик Бегбеде при неговиот краток престој во Скопје при промоција на романот „Уна и Селинџер“. Јовковска како одличен познавач на културните и политичките прилики во Франција и Европа му поставува исклучително провокативни прашања на нејзиниот уште поотворен и полуциден соговорник, кој многу игриво и во многу цитатност ѝ ги објаснува сопствените размислувања за животот смртта, љубовта, бракот, слободата но и неговите сфаќања за капитализмот, конформизмот и слични теми.

Останатите интервјуа со актуелни писатели и музичари, актери, и по некој политичар се подеднакво интересни за читање и полни со надеж. За илустрација во „Ехо на слободата “ се интегрирани интервјуата со Румена Бужаровска, Јелена Јованова, Амернис Нокшиќи, Раде Шербеџија, Дејан Лилиќ, Бранислав Николов, Дарко Лешоски, Сашко Коцев, Роберт Алаѓозовски, Отец Пимен и уште десетина интелектуалци. Велам полни со надеж бидејќи во интелектуалното сивило кое ја има зафатено Македонија во последните десет годни, од интервјуата на Јовковска добивам малку надеж дека нејзините соговорници се интелектуалците кои прават разлика.

Јовковска со својата прецизност и едноставна префинетост ни донела комплетен производ. Книгата е со одличен квалитет, илустрациите и фотографиите се внимателно одбрани. Особено е импресивна насловната страница со цртеж од Ване Костуранов. Графичкиот дизајн е одличен, книгата е квалитетна и верувам ќе биде пример за издавачите и авторите како треба да изгледа врвен книжевен производ.

Се надевам дека издавачот и авторката Ана Јовковска ќе ја лансираат и електронската верзија на ова брилијантно дело, кое ги поминува границите на новинарски интервјуа и  преоѓа на полето на литературно дело.